• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Поголемо семејство = поголема авантура“: Ана и Мане од Adventure.mk за станувањето родители и авантурите со бебенце

5 ноември 2026, 11:00
  • cподели

„Ќе се потрудиме да останеме свои и блиску до нашата идеологија, само во проширен состав.“

За Ана и Мане од Adventure.mk, животот отсекогаш бил исполнет со патувања, планински патеки, кампувања под ѕвезденото небо и авантури коишто се претвораат во незаборавни спомени. А сега, пред нив е едно сосема ново поглавје, кое ветува дека ќе биде најубавото досега.

Неуморните брачни партнери со нетрпение го очекуваат своето прво бебенце. 

Во разговор за Фемина, искрено и со многу љубов раскажуваат за бременоста, возбудата пред првата средба со бебенцето, плановите за првите семејни кампувања и детството кое сакаат да му го овозможат. Тие веруваат дека децата не се пречка за авантурите, туку прекрасна можност животот да се доживее одново, со уште повеќе љубопитност и радост. 

Животот ви е исполнет со патувања, природа и авантури, а сега ве очекува најголемата животна авантура – родителството. Како го доживувате новото поглавје и што најмногу ве возбудува додека го очекувате бебенцето?

Со отворени раце ја очекуваме сета љубов што доаѓа со новиот член

Поголемо семејство = поголема авантура. Со отворени раце ја очекуваме сета љубов што доаѓа со новиот член и спремни сме да научиме сѐ што животот има план да ни пренесе како лекција. Ни доаѓа првото бебе во семејството, па возбудата е голема од сите страни. Искрено се радуваме на помислата дека наскоро ќе се запознаеме и ќе доживееме некои моменти за првпат.

Како се чувствуваш во бременоста? Дали ти се промени секојдневието и начинот на кој ги доживуваш патувањата и авантурите?

Генерално се чувствувам многу добро. Моментално сум пред самиот крај, а ако погледнам на месеците наназад, можам да потврдам дека добро се грижев за здравјето, што придонесе да имам повеќе енергија и подобар имунитет општо. Нормално, бременоста трае ограничен период и свесно си дадов простор да се грижам за себе физички и ментално, додека истовремено и уживав во процесот.

Свесно си дадов простор да се грижам за себе физички и ментално

Првиот триместар би го издвоила како најголем предизвик, бидејќи се соочуваш со нешто ново и непознато, додека милион хормони работат во позадина. За среќа, брзо поминува, а веќе вториот триместар доаѓа како награда - се чувствуваш удобно, се поврзуваш со сопственото тело и со бебето и вистински се препушташ. Третиот триместар е продолжение на вториот, но со поголема тежина 😀. Знае да измори во одредени денови, но секој ден си поблиску до целта, а на другата страна те чекаат многу нежности и гушкање.

Патувањата добија посмирен ритам, иако уживањето во природата си остана исто. Се трудам да не одбивам покана за прошетка во парк, шума или покрај езеро, знаејќи ги бенефитите и чувството кое доаѓа отпосле.

Дали продолживте да патувате и за време на бременоста? Кое патување ви остана како најубаво сеќавање и дали имаше некоја авантура од која сепак се откажавте?

Дел од патувањата ги откажавме, но не можам да кажам поради бременоста, туку повеќе би рекла сплет на околности. Периодот кога бевме слободни да одиме некаде подалеку беше прежешко, а тоа некако нè врати чекор назад од идејата, па се задржавме на пократки и локални патувања. Напротив, не се жалиме во тој поглед, бидејќи дел од работата ни е снимање надвор во природа, а овие месеци имавме навистина интересни и креативни проекти покрај кои шетавме и дишевме чист воздух.

Пливањето како активност ми беше најубавото нешто во овие месеци

Солиден период од слободното време поминавме на камп во Грција и тоа на моја желба. Пливањето како активност ми беше најубавото нешто во сите овие месеци и сакав да искористам максимум од сезоната.

Кампувањето е важен дел од вашиот живот. Можете ли да се замислите како ја поминувате првата ноќ под ѕвездите со бебенце во шатор? Кога би сакале да се случи вашата прва семејна кампинг-авантура?

Да и едвај чекаме! Зимава ни е резервирана за топлење, гушкање и запознавање, а веќе со првото пролетно сонце може да ги планираме и првите фамилијарни патувања и кампувања. Ќе видиме како ќе се чувствуваме сите и постепено ќе си го пронајдеме ритамот.

Пс. Ако нè видите на скијање оваа зима, значи планот се остварил и порано 😀

Многу родители по доаѓањето на дете го менуваат начинот на кој патуваат. Дали мислите дека ќе бидете истите авантуристи како досега или родителството ќе ве научи на поинаков ритам, повеќе планирање и помалку спонтаност?

Верувам дека сите сакаме да сме спонтани и безгрижни, но дали тие навики ќе продолжат, останува да видиме. Не се оптеретуваме со такви мисли, неизбежно сме пред нова етапа во животот, а ако сме искрени не ни сакаме да е исто како претходно.

Децата не се пречка, туку лекција за нас возрасните

Човек треба да се менува, да еволуира и да осознава нови работи во животот. Децата не се пречка, туку лекција за нас возрасните, во период кога најмногу ни треба. Така што, ќе се потрудиме да останеме свои и блиску до нашата идеологија, само во проширен состав. Прашајте нè повторно за 1-2 години и ќе видиме до каде сме стигнале :))

Кој од вас двајца мислите дека ќе биде попретпазлив родител, а кој ќе го охрабрува детето да истражува, да се валка во калта, да трча по планински патеки и да ја запознава природата одблизу?

Тешко прашање 😀. Ако судиме според карактерите, Мане е поразумен и повнимателен во проценката на ситуациите, а јас најчесто прво ја гледам убавата страна и полесно се занесувам со некоја идеја. Но, кога двајцата придонесуваме со своето, се создава некој баланс кој одлично функционира. 

Двајцата сакаме нашето дете да поминува многу време во природа и да учи преку игра

За калта, трчањето и истражувањето, тука засега сме на иста страна. Двајцата сакаме нашето дете да поминува многу време во природа и да учи преку игра и сопствено искуство.

Низ годините поминавте низ бројни патешествија, се соочувавте со предизвици и создававте спомени. Што научивте еден за друг низ сите тие искуства, а верувате дека ќе ви помогне и во родителството?

Научивме да функционираме како тим, се надеваме дека овие навики ќе ни помогнат и во родителството

Научивме да функционираме како тим, да бидеме тука еден за друг и секој да придонесува најдобро што умее. Не држиме лутина, работите ги решаваме со разговор и знаеме да попуштиме кога е потребно. Многу често преку некоја ситница преминуваме и со шега, како ништо да не се случило. Се надеваме дека овие навики ќе ни помогнат и во родителството. Многу веројатно ќе ни бидат потребни во деновите кога ќе бидеме ненаспани, ќе поминуваме повеќе време дома и ќе ни фалат активностите надвор. Тогаш ќе биде клучно да продолжиме со овие практики и да си го олесниме секојдневието.

Мане, Ана досега ти беше партнерка во сите авантури, а наскоро ќе ја гледаш и како мајка. Како ја замислуваш во новата улога и што најмногу те радува кога размислуваш за заедничкиот живот со бебенцето?

Ја замислувам како нежна и посветена мајка, која ќе му остави простор на детето да биде љубопитно, да пробува и да открива. Мислам дека во таа улога ќе ја внесе истата љубов и енергија со кои им пристапува на работите што ѝ значат.

Мислам дека Ана во мајчинството ќе ја внесе истата љубов и енергија со кои им пристапува на работите што ѝ значат

Најмногу се радувам на секојдневието што нè чека, сигурен сум дека ќе откриваме нови страни еден кај друг и убаво ми е што низ сето тоа ќе поминуваме заедно.

Какво детство посакувате за вашето дете? Што од сопственото воспитување и од животните искуства сакате да му пренесете, а што би сакале да го правите поинаку од вашите родители?

Двајцата сме растени во сплотени семејства, каде родителите се сакаат и почитуваат, а предизвиците се решаваат со разговор и компромис. Овие фамилијарни вредности се традиција која сакаме да ја пренесеме пред било што друго. Нормално, нашите родители нè воспитувале во поинакво време, некои од практиките ќе останат таму, некои ќе ги продолжиме, но оставаме простор и за нови и современи начини на комуникација, кои за нас се исправни и сметаме дека се добра основа за градење зрели личности во иднина. 

Двајцата сме растени во сплотени семејства, каде родителите се сакаат и почитуваат

Паралелно со тоа, посакуваме здрави и среќни деца, кои ќе растат во мир и хармонија, во игра и со чувство на безгрижност. Не само за нашите, туку за сите деца го посакуваме истото.

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by ANA & MANE | Adventure, Outdoor, Explore (@adventure.mk)

Дали доаѓањето на бебето ќе донесе и ново поглавје за Adventure.mk? Дали можеби размислувате да споделувате искуства и совети за патување со деца?

Веројатно да. Профилот е одраз на нас и на периодот што го живееме, па природно е и оваа промена да стане дел од приказната. Ќе продолжиме да раскажуваме за местата кои ги посетуваме и за начинот на кој патуваме, а со текот на времето сигурно ќе имаме и нови искуства што ќе сакаме да ги споделиме. Ако преку нив охрабриме уште некој млад родител или пар да поминува повеќе време во природа, ќе ни биде особено драго. Засега ни претстои многу учење и сè уште не знаеме како ќе ни изгледа секојдневието во наредната година, но со радост го очекуваме тоа што доаѓа.

Емилија Ристиќ / Femina.mk

Tags
adventure.mk

Најнови

  • Ненад Димитријевиќ го доби второто дете, неговата сопруга Елена роди девојче

    Thu, 11/05/2026 - 11:00
  • „Поголемо семејство = поголема авантура“: Ана и Мане од Adventure.mk за станувањето родители и авантурите со бебенце

    Thu, 11/05/2026 - 11:00
  • „Спиј мирно меѓу ангелите“: Маријан Стојаноски и сопругата Наташа со трогателни пораки 40 дена по загубата на 5-годишното синче

    Thu, 11/05/2026 - 10:19
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.