„Ми го скрши носот... Во најмрачните ноќи, децата ми ги бришеа солзите“: Ирена Китановска првпат јавно говори за семејното насилство
Години исполнети со страв, навреди, контрола и физичко насилство. Скршен нос, операција, па нов напад кој можел да заврши со многу потешки последици. А среде сета болка и неизвесност, две деца кои биле сведоци на сцени кои никогаш не требало да ги доживеат.
Денес, за првпат јавно, со своето име и презиме, Ирена Китановска проговорува за насилството кое го преживеала во бракот. За време на последниот напад, сопругот ја удрил со пепелник во градите, а крикот на нејзиното синче ја предупредил навреме да реагира и да избегне удар во главата. Тоа бил пресвртниот момент кога одлучила да ги земе децата и засекогаш да го напушти семејниот дом.
За Фемина, храбрата мајка ги отвора најболните поглавја од својот живот, раскажувајќи за годините во кои се надевала дека сопругот ќе се промени, за стравот и последиците кои ги оставило насилството, но и за заканите кои, според неа, продолжиле и по разводот.
Но, својата сторија не ја споделува за да предизвика сожалување. Сака нејзините деца еден ден да знаат дека нивната мајка не се откажала, а нејзиното сведоштво да допре до жените кои сè уште живеат во страв и да ги потсети дека не се сами и дека заслужуваат живот без насилство.
За првпат решаваш јавно, со свое име и презиме, да зборуваш за она што си го преживеала. Зошто токму сега почувствува дека твојата приказна треба да биде слушната?
Долго време молчев. Не затоа што немав што да кажам, туку затоа што ми требаше време повторно да најдам сила да зборувам за нешто што долго се обидував да го преживеам и оставам зад себе.
Првпат сега решавам јавно, со свое име и презиме, да зборувам за она што го преживеав затоа што сфатив дека молчењето повеќе не ме штити. Само ја крие вистината.
Долго време молчев, сакам децата да знаат дека мајка им не се откажала
Денес не зборувам за да ме сожалува некој, ниту за да се одмаздам. Зборувам затоа што зад мојата приказна стојат и моите деца. Сакам тие еден ден да знаат дека нивната мајка не се откажала, дека имала храброст да стане и да каже: „Ова ми се случи. Ова беше погрешно. И повеќе нема да молчам.“
И можеби најважното – сфатив дека ако јас молчам, некоја друга жена можеби ќе помисли дека и таа мора да молчи.
Затоа, денес ја кажувам мојата приказна со свое име. Не затоа што болката исчезнала, туку затоа што повеќе не сакам таа да има моќ да ме замолчува.
Кога првпат почувствува дека не станува збор само за нормални конфликти и дека она што ти се случува е токсична врска и насилство?
На почетокот, како и многу жени, верував дека станува збор за нормални несогласувања и тежок период низ кој поминува секој пар.
Се обидував да најдам оправдување, си велев дека ќе се промени, дека ќе биде подобро и дека треба само да имам повеќе трпение. Но, со текот на времето сфатив дека не се работи за обични конфликти. Насилството е кога едната страна живее во страв, кога има навреди, понижувања, закани, контрола или физичка повреда.
Кога стравот ќе стане дел од секојдневието, кога почнуваш да внимаваш на секој збор и секој чекор, кога се чувствуваш понижено, контролирано и небезбедно – тогаш веќе не станува збор за обична расправија, туку за токсична врска и насилство.
Најтешко беше кога сфатив дека последиците не ги чувствувам само јас, туку и моите деца. Тогаш разбрав дека молчењето не е решение и дека никој не треба да живее во страв.
Насилството не започнува само со повреди. Започнува со навреди, омаловажување и страв
Денес знам дека насилството не започнува само со физички повреди. Тоа често започнува многу порано – со навреди, омаловажување, страв и чувство дека ја губиш сопствената слобода и мир.
Кога почнав да се плашам во сопствениот дом, тогаш сфатив дека тоа не е љубов и не е нормален живот.
Кога денес гледаш наназад, кои однесувања ги препознаваш како први предупредувачки знаци, а во тој период можеби не си ги доживувала на тој начин?
На почетокот тоа беа контролата, љубомората, оддалечувањето од сите мои пријателки и роднини, останав сама и буквално зависна од неговото внимание. Иако во тој момент воопшто не бев свесна што се случува. Мислев дека тоа е нормално и дека така треба.
Потоа доаѓаа навреди, понижувања, закани и убедувања дека јас сум виновна за неговото однесување.
Тогаш, многу од тие работи си ги објаснував како љубомора, караница, нервоза или „таков му е карактерот“. Си велев дека ако јас бидам посмирена, попретпазлива или направам нешто поинаку, ситуацијата ќе се промени. Колку повеќе се трудев толку повеќе бев обвинета за виновна.
Дури и кога ги добив првите удари, јас се обвинував себеси и се обидував да сфатам каде сум згрешила.
Дури и кога ги добив првите удари, јас се обвинував себеси
Денес знам дека тоа биле предупредувачки знаци. Насилството не започна оној ден кога дојде до физичка повреда. Тоа започна многу порано – со постепеното одземање на моето чувство на слобода, сигурност и сопствена вредност.
И можеби најважното што го научив е дека жената не треба да чека да стане физичко за да си каже: „Ова е насилство.“ Треба да си верува на себе уште кога првпат ќе почувствува дека нешто не е во ред.
Како се менуваше односот со текот на времето и како изгледаше твоето секојдневие во периодите кога насилството стана дел од него?
Односот постојано се менуваше, како да игравме топло-ладно. Тој одлучуваше како ќе ни се одвива денот и што ќе ни донесе.
Во првите години од бракот, давав значење на секоја негова промена и се трудев да се прилагодам на сè, да се согласам и тогаш кога не го делев истото мислење само за да не предизвикам проблем. Подоцна, сфатив дека е залудно сè што правам кон него, се посветив на децата и домот, одев на работа. Се трудев секогаш да е сè во најдобар ред. Деновите буквално ми беа работа - дома.
Наместо радост и смеа, на лицата на моите деца имаше тага и солзи
Деновите кога имаше насилство во нив, беа тешки... Тој го напушташе домот, а јас останував дома со децата. Се прашував каде згрешив, што направив, дали јас и моите деца заслуживме такво секојдневие. Наместо радост и смеа, на нивните лица имаше тага и солзи. Во најмрачните ноќи, само тие остануваа до мене, бришејќи ми ги солзите.
Имаше ли периоди по насилството во кои веруваше дека работите навистина ќе се променат? Што ти даваше таква надеж?
Уфф, да... Многу посакував да се промени и дадов сè од себе мислејќи дека јас сум таа која може да му помогне. После секое насилство следуваа солзи, извинување, ветување дека никогаш нема да се повтори и чувство на каење, само додека не простам. А што ми даваше надеж..
Мислев дека мојата љубов кон него има сила да промени сè што постои лошо во еден човек
Најголема надеж ми беше љубовта која ја чувствував кон него, љубовта која сите од страна ја гледаа, само тој не. Љубовта која мислев дека има сила да промени сè што постои лошо во еден човек. Но, за жал, многу сум погрешила.
Твоите деца неизбежно биле дел од реалноста во која си живеела. Како мајка, кога првпат почувствува дека она што ти се случува тебе остава последици и врз нив?
Имаше многу ситуации во кои бев свесна дека заедницата врз нив остава последици, но потсвесно се надевав дека нешто ќе се промени. Изложени беа постојано да слушаат и гледаат нешто што никогаш не требаше да го доживеат. Секоја нивна солза ми задаваше преголема болка. Секој момент кога бев беспомошна да ги заштитам.
Последните закани беа дека јас ќе бидам Росица 2, дека ќе бидам негова или мртва
Моите деца не заслужуваат такво детство. Жалам за сè што слушнале и виделе од него. За навредите кои ми беа упатувани постојано, не сакам ниту да коментирам, ниту пак сакам да ги споменам затоа што не знам каков човек треба да биде и каква душа треба да носи некој за да излезат такви зборови.
Последните закани од негова страна откако се разведовме беа дека јас ќе бидам Росица 2. Дека ќе бидам негова или мртва.
Колку и да се трудев да имаме нормална комуникација поради децата, тоа беше невозможно.
Споделуваш со нас и фотографии од повредите кои си ги претрпела, меѓу кои и од напад кој завршил со скршен нос и операција. Што би сакала да ни раскажеш за инциденот и за периодот на физичко и психичко закрепнување?
Тоа беше еден од најболните моменти во мојот живот. Ми беше скршен носот, морав на операција, но физичката болка беше само дел од она што го преживував. Многу подлабоки беа стравот, понижувањето и психичките последици, особено затоа што моето дете беше сведок на насилството.
Пред да случи моментот на насилството, воопшто не помислив дека тој би направил такво нешто во јавност, односно во центарот на градот. Бил внимателен во многу ситуации пред кого што прави, за да го задржи невиното лице пред луѓето. Сепак, во околината каде што живеевме, сите нè познаваа и имаа видено многу настани.
Пред да почне да ме удира, ми го зеде синчето и ми рече: „Поздрави се со него“
Во моментот пред да почне да ме удира, ми го зеде синчето и ми рече: „Поздрави се со него, ова е последен пат што ќе го видиш“. Бидејќи, го познавав многу добро, сфатив дека тоа е уште една манипулација за да привлече внимание да почнам да молам и да плачам, но јас останав смирена и само реков: „Добро“.
Во моментот кога тргнав да се свртам за да се тргнам напред, тој ме фати за косата ми ја наведна главата и почна да ми удира тупаници. Првите неколку удари се воздржав мислејќи дека ќе престане, но кога го слушнав пискотот на моето дете, како беспомошно бара помош, не можев да се соземам и почнав да плачам. Тогаш, притрча една девојка која му се спротивстави, тој сфати што направил, ме пушти и со трчање побегна со колата и беше во бегство.
Јас бев облеана цела во крв, веднаш ми пружија помош и беше повикана брза помош. Никогаш нема да го заборавам моето дете кое ме гледаше со неговите мили очиња, не знаејќи што се случи и што преживеа. Тој настан е вечен белег кој ни остави многу последици по нашето здравје.
Затоа, ги споделувам овие фотографии не за да предизвикам сожалување, туку за да ја покажам вистината. Модринките избледуваат, раните зараснуваат, но траумата останува. Преживеав напад што ме повреди физички и психички, но не ми ја одзеде силата да продолжам.
Денес зборувам затоа што молчењето го штити насилството, а вистината може да охрабри друга жена да побара спас.
Дали постоеше еден конкретен момент кога во себе дефинитивно рече: „Ова е крај“? Што се случи?
После насилството каде што ми го скрши носот и после операцијата, се вративме во семејниот дом, после 5 месеци повторна борба и секојдневни навреди кои ги слушавме од негова страна, се случи да ме нападне повторно.
Седнавме на ручек, јас и децата завршивме, тој остана да пие, кога стана од масата и излезе од собата помислив дека завршил затоа што видов дека сè што спремив беше изедено. Почнав да ја раскревам масата кога во еден момент почна да се дере по мене и да фрла сè од масата, ја преврте и почна да ме навредува.
Јас во тој момент преплашена почнав да собирам сè што беше на земја, децата седеа во ќошот на креветот и беспомошно ме гледаа, кога отидов до кујната синчето во еден момент почна да писка, јас веднаш се свртев кога видов дека тој удира со пепелник по мене. Доколку не се поткренев, ќе ме удреше директно во глава. Ме удри на градата каде што 1 месец имав подлив кој тешко заздрави.
Ако не писнеше синчето, ќе ме удреше со пепелник во главата. На градата имав подлив кој тешко заздрави
Тоа беше моментот кога јас ги земав моите деца, заминавме од домот и никогаш повеќе не се вративме.
Една реченица на моето синче беше доволна да се стави крај на сè. Затоа што веќе сите тројца бевме уморни од тоа секојдневно да гледаме немир во домот каде треба да сме најбезбедни.
Од сопственото искуство, што навистина ѝ е потребно на една жена во првите часови и денови откако ќе одлучи да замине? Што тебе ти беше најпотребно во тој момент и што ти недостигаше?
Во првите часови и денови, на една жена најмногу ѝ треба безбедност. Не осуда, не прашањето „зошто си останала толку долго?“, туку некој да ѝ каже: „Ти верувам. Не си виновна. И не си сама.“
На жртвата ѝ треба некој да ѝ каже: „Ти верувам. Не си виновна. И не си сама.“
Кога јас одлучив да заминам, најмногу ми требаше чувство дека некој стои зад мене и дека конечно можам да престанам да се плашам. Ми требаше сигурно место, поддршка, разбирање и некој да ми помогне да ги направам првите чекори без да морам сама да мислам на сè – на децата, на документите, на полицијата, на институциите, на тоа што ќе се случи утре.
Ми недостигаше и чувство дека некој навистина ја разбира тежината на одлуката. Заминувањето не значи дека стравот исчезнува. Напротив, тогаш често почнуваат нови стравови – дали ќе успеам сама, дали ќе бидам безбедна, како ќе ја прифатат децата цела таа ситуација, дали ќе можам да го издржам сето тоа.
Затоа, мислам дека на жената во тие први денови ѝ треба некој да остане покрај неа, не само да ѝ каже „биди храбра“.
И можеби токму тоа најмногу им недостига на жените – да почувствуваат дека кога конечно ќе соберат храброст да си заминат, светот нема да ги остави сами да се борат со последиците од туѓото насилство.
За среќа, јас во тие моменти ја имав мојата мајка, која никогаш не ме остави сама до денес, и бескрајно сум ѝ благодарна. Затоа што нејзината жртва да ме спаси од секое зло е посилна од сè.
Од сето она што го искуси, каде сметаш дека системот функционира, а каде гледаш празнини поради кои жена во опасност може да остане недоволно заштитена?
Од моето искуство, не можам да кажам дека системот целосно не функционира. Имаше луѓе и моменти кога добив помош и кога мојата ситуација беше препознаена сериозно. Но, исто така, имаше моменти кога моите пријави беа заведувани само како поплаки, за потоа секој мој збор да му се пренесе и прочита на насилникот.
Имаше момент каде службеничка на МВР буквално само што не ме избрка од станицата и ми рече ‘Оди барај си адвокат и реши си го проблемот, а не секој ден да идеш тука’. Истата таа, му ги пренесувала сите мои пријави него. Последно, кога лани отидов да пријавам, бев избркана надвор од станицата од еден полициски службеник додека тој и насилникот стоеја заедно, а тој ми се смееше во лице.
Но, за среќа, благодарение на началникот, бевме повикани на разговор за да се реши нашиот случај, и навистина во рок од неколку часа подоцна, насилникот беше лишен од слобода и денес е во затвор. Постојат празнини кои за една жена во опасност можат да бидат многу сериозни.
Не барам совршен систем, барам систем во кој жената нема да биде оставена сама кога најмногу ѝ треба заштита
Најголемата празнина ја гледам во тоа што жената често мора сама да се снаоѓа низ системот. Од неа се очекува да знае каде да се обрати, што да пријави, какви докази да обезбеди и како да ги следи сите постапки, а таа во тој момент исплашена, исцрпена и со деца за кои се грижи.
Мислам дека недостига подобра поврзаност меѓу институциите. Жената не треба на секое ново место повторно од почеток да ја раскажува својата траума и да докажува дека навистина е во опасност. Информациите и ризикот треба да се пренесуваат и институциите да постапуваат координирано.
Особено важно е да се процени ризикот навреме, а не да се чека насилството повторно да ескалира за да се реагира.
Исто така, заштитата не треба да заврши со една пријава или една интервенција. На жената ѝ треба континуирана поддршка – правна, психолошка, социјална и практична – и за неа и за нејзините деца.
Јас денес гледам на системот со една едноставна надеж: жената што ќе собере храброст да каже „јас сум во опасност“ да не мора потоа сама да се бори за да докаже колку е опасна нејзината ситуација.
Не барам совршен систем. Барам систем во кој жената нема да биде оставена сама токму во моментот кога најмногу ѝ треба заштита.
Како изгледаа деновите откако конечно замина? Што ти беше најтешко во тој период?
Деновите откако конечно заминав не изгледаа како слобода каква што човек можеби ја замислува. Се борев сама со себе да сфатам дека сè она за кое што се борев 8 години повеќе го нема. Однадвор можеби изгледаше дека најтешкото е завршено, но во мене сè уште имаше страв, несигурност и постојано прашање: „Што ќе се случи сега?“
Требаше да се грижам за децата, да бидам силна за нив, а во исто време и самата бев скршена и исплашена.
Најтешко ми беше што, иако физички бев надвор од таа ситуација, последиците од насилството сè уште беа со мене. Требаше да се грижам за децата, да бидам силна за нив, а во исто време и самата бев скршена и исплашена.
Имаше денови кога се прашував дали ќе успеам сама. Дали ќе можам да го изградам животот одново? Дали ќе имаме мир? Дали децата ќе успеат да го надминат она што го поминале?
Но, најтешко беше да прифатам дека заминувањето не значи дека веднаш престанува борбата. По заминувањето доаѓаат институциите, документите, доказите, разговорите, стравот од тоа што може да следува и потребата постојано да се штитиш и себе и децата.
А сепак, во сето тоа имаше еден момент кој ми даваше сила: првпат по долго време можев да си кажам дека сум направила нешто за да се заштитам себе и моите деца.
Не беше лесно. Не беше совршено. Но, беше почетокот на мојот живот без насилство.
Кога првпат почувствува дека повторно имаш контрола врз сопствениот живот?
Мислам дека првпат почувствував дека повторно имам контрола врз сопствениот живот кога сфатив дека повеќе не морам да живеам според туѓиот страв.
Можев сама да одлучам кога ќе станам, каде ќе одам, што ќе кажам, како ќе ги воспитувам моите деца и каков живот сакам да им создадам
Можев сама да одлучам кога ќе станам, каде ќе одам, што ќе кажам, како ќе ги воспитувам моите деца и каков живот сакам да им создадам. Можеби тоа на некого му изгледа како нешто сосема обично, но за жена која долго време живеела во страв, тоа се огромни работи.
Не се случи преку ноќ. Контролата ја враќав малку по малку – со секоја одлука што ја носев сама, со секој ден во кој не се плашев од нечија реакција, со секој момент во кој повторно го слушав сопствениот глас.
А најголемиот момент беше кога сфатив дека веќе не размислувам само како да преживеам денес, туку почнав да размислувам каков живот сакам да имам утре.
Тогаш разбрав дека не сум само жена која успеала да избега од насилството. Јас повторно станував јас.
Што би им кажала на луѓето кои гледаат или се сомневаат дека жена во нивното семејство, соседство или круг на пријатели трпи насилство, но одлучуваат „да не се мешаат“?
За жената која живее во страв, туѓото молчење може да биде уште една врата зад која останува сама
Би им кажала: Не го нарекувајте туѓото насилство 'семејна работа' и не вртете глава само затоа што се плашите дека ќе се вмешате.
Можеби не знаете што точно се случува зад затворената врата. Можеби жената не кажува ништо затоа што се плаши, се срами или едноставно сè уште нема сила да зборува.
Но, ако забележувате знаци, не мора да бидете нејзин спасител. Бидете човекот што ќе праша: Добро ли си? Дали ти треба помош?
Понекогаш една таква реченица може да биде првиот знак дека некој ја гледа и дека не е сама.
А молчењето не е неутралност кога знаете дека некој страда. За жената која живее во страв, туѓото молчење може да биде уште една врата зад која останува сама.
Не барам од луѓето да бидат херои. Барам да не бидат рамнодушни.
Од денешна перспектива, што би ѝ кажала на жена која можеби токму сега го чита ова и препознава дел од сопствениот живот во твојата приказна?
Ако додека го чита ова препознава дел од својот живот, сакам да ѝ кажам нешто што јас долго не можев да си го кажам себеси: не си виновна за насилството што ти се случува.
Не чекај да бидеш целосно скршена за да си заминеш
Не мора да чека да стане уште полошо за да си дозволи да каже „доста е“. Не мора никому да докажува дека нејзината болка е доволно голема за да заслужи помош.
Знам дека се плаши. Знам дека мисли на децата, на тоа што ќе се случи утре, на тоа дали ќе ѝ поверуваат и дали ќе може сама. И јас ги имав тие стравови.
Но, ако можев да се вратам назад и да ѝ зборувам на жената што бев тогаш, би ѝ кажала: „Не чекај да бидеш целосно скршена за да си заминеш. Твојот живот и твојот мир вредат и пред да дојде најлошото.“
Да побара помош. Да каже на некој на кому му верува. Да не останува сама со стравот.
А ако денес сè уште нема сила да замине, да не се обвинува. Нека го направи првиот мал чекор.
Јас денес зборувам затоа што знам како изгледа кога една жена мисли дека нема излез.
Секоја жена нека го запомни ова: Не си тоа што ти го направил насилникот. Ти си жената која заслужува да живее без страв
Има излез. Можеби не е лесен, можеби не е брз, но постои.
Секоја жена нека го запомни ова: Не си тоа што ти го направил насилникот. Ти си жената која заслужува да живее без страв.