Трагедија во Богданци: 21-годишно момче ја убило 17-годишната девојка, ја запалило во автомобилот, па си го одзело животот
Страшна трагедија ја потресе јавноста откако во текот на вчерашниот ден, во близина на Богданци, беа пронајдени две мртви лица. Според првичните информации и известувањето во полицискиот билтен, станува збор за убиство и самоубиство.
„Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан“ - стои во соопштението на Обвинителство по извршението увид на лице место.
Се претпоставува дека, 21-годишно момче ја убило 17-годишната девојка, а потоа ја запалило во автомобилот. По убиството, тој си го одзел животот и неговото безживотно тело било пронајдено во близина на опожареното возило.
„На 03.11.2026 во 18:40 часот Т.К. од Богданци пријавил дека на место викано „Ичева чешма“, Горно село во Богданци забележал опожарено паркирано патничко возило, во чија близина има безживотно тело. Веднаш по пријавата полициски службеници од ПС ОН Гевгелија се упатени на местото на настанот, каде било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г.(21) од Богданци. Од екипа на Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија била констатирана смрт.
По локализирање на пожарот од страна на Бригадата за противпожарна заштита, било забележано дека во возилото има опожарено лице без знаци на живот. За настанот веднаш е известен Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и извршен е увид. По насоки на Јавен обвинител телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитет, односно утврдување на причините за смртта. Се преземаат мерки за утврдување на околностите и за целосно расчистување на случајот“ – стои во билтенот.
Според неофицијални информации, телото во автомобилот припаѓа на 17-годишна девојка.
МВР соопшти дека интензивно се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на сите околности под кои се случила оваа голема трагедија.
Според информациите од медиумот Скопје1, малолетничката и во минатото била жртва на насилство од страна на 21-годишниот В.Г., а еден од нападите бил пријавен и во полиција.
„На 01.10.2026 во 01:10 часот во Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија лишија од слобода 21-годишен жител на Богданци. Според пријавеното, тој на 30.09.2026 околу 21:00 часот во неговиот дом физички ја нападнал неговата 17-годишна девојка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“ – стои во билтенот на МВР за настаните на 1 октомври.