16 нови песни и најслаткиот фан: Мими Јовановска за новите албуми на „Бендот на браќа Нуне“ и синчето Никола
Музиката е важен дел од сценскиот, но и од семејниот живот на Мими Јовановска и Филип Нуневски. Додека со Бендот на браќа Нуне создаваат песни за својата публика, дома имаат мал љубител на музиката кој со задоволство учи стихови и неодоливо пее — нивниот син Никола.
Во разговор за Фемина, талентираната пејачка ни раскажа за неговата спонтана љубов кон музиката, но и за посветеноста со која се создадени двата нови албума на бендот „Љубов“ и „Верувај ми“.
„Никола многу сака музика и дома постојано нешто слуша и пее. Никогаш не сме го форсирале, едноставно сам си ја бара музиката. Кога ќе излезе некоја нова песна, многу брзо ја учи и после цело време ја пее. Посебно ги сака песните на Јаков, буквално ги знае сите“ – ни откри Мими.
Слаткиот Никола беше покрај своите родители и на септемвриската промоција на албумите. Облечен во класичен црн костум, тој позираше држејќи ја за рака својата мајка, која за вечерта избра елегантна црна тоалета.
За Мими и за членовите на бендот, концертната промоција беше можност со публиката и блиските да го споделат она што со месеци го создавале во студио.
„Промоцијата помина прекрасно и за нас беше навистина посебна вечер. Ни беше големо задоволство што присуствуваа и нѐ поддржаа голем број наши колеги, соработници, пријатели и членови на семејството. Нивното присуство ни значеше многу и ја направи вечерта уште поубава“ – раскажа таа.
Двата албума носат вкупно 16 песни: осум народни композиции се сместени на „Љубов“, а осум забавни на „Верувај ми“. Зад авторството на најголем дел од песните стои Филип, за чиј придонес Мими зборува со особена гордост:
„Многу сме среќни и горди на сè што создадовме. Овие песни се нешто на кое работевме со многу љубов и посветеност, а најголемата заслуга за нив оди кај Филип, кој стои зад авторството на песните.“
За Бендот на браќа Нуне, годинава носи и убав јубилеј: осум години заедничко музицирање, настапи и градење сопствен репертоар. Дел од музичките новости на бендот е и неодамна објавениот видеозапис за „Еј девојко, девојко“:
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk