• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Тело

Хирзутизам – зголемена влакнетост кај жените

18 јуни 2015, 11:00
  • cподели

Хирзутизам претставува клиничка состојба кај жените, која вклучува зголемена влакнетост со машки распоред. Тоа значи дека се јавуваат влакна во т.н. „андроген-зависна шема“, односно на делови од женското тело каде вообичаено нема или е присутна минимална влакнетост – над горната усна, образите, брадата, измеѓу и на градите, околу ареолите, стомакот, задникот, грбот, внатрешниот дел на бутовите итн.

Се смета дека околу 30% од жените од белата популација страдаат од хирзутизам.

Жена

Кои се причините за појава на хирзутизам?

Хирзутизмот се јавува како резултат на зголемената продукција на андрогените (тестостерон, андростендион и др.) од адреналните жлезди и од овариумите или поради зголемената осетливост на таргет ткивата на овие хормони.

Најчести причини за појава на хирзутизам се:

  • Менопауза;
  • Лекови – миноксидил, андрогени, одредени контрацептивни лекови, гликокортикоиди итн.;
  • Заболувања на тироидната жлезда – Хипотироидизам;
  • Заболувања на хипофизата – Акромегалија;
  • Заболувања на јајниците – Полицистичен оваријален синдром, хипертекоза, тумори;
  • Заболувања на надбубрежните жлезди – Кушинг синдром, конгенитална адренална хиперплазија, тумори;
  • Зголемена осетливост на рецепторите за андрогени хормони.

Симптоми и знаци

Како што беше споменато, хирзутизмот подразбира растење на густи, цврсти и темни влакна на областите на телото кои кај жените обично не се покриени со лесно видливи влакна – лицето, вратот, градите, стомакот и грбот.

Жена

Добро е да се спомене дека наведените области од телото кај повеќето жени се покриени со тенки „бебешки“ влакненца кои едвај се забележуваат и дека тоа не е знак на хирзутизам.

Зголеменото присуство на машките хормони кај жените, покрај хирзутизам, може да доведе и до појава на акни, нарушување на овулацијата, инфертилитет и вирилизам.

Вирилизам претставува состојба при која покрај хирзутизмот, се јавуваат и други машки сексуални карактеристики, а женските сексуални карактеристики се во регресија. При вирилизам, кај жената се јавува длабок машки глас, машки тип на ќелавост, зголемување на клиторисот, атрофија на дојките, поагресивно однесување итн.

Хирзутизмот треба да се разликува од поимот хипертрихоза. Хипертрихозата означува зголемена влакнетост на лицето и телото, која не е предизвикана од зголемената продукција на андрогени. Хипертрихозата најчесто се јавува како последица на заболување на кората на големиот мозок, анорексија, гладување, невроза, консумирање на одредени лекови итн.

Дијагноза

Поставувањето на точна дијагноза е од исклучителна важност, со цел препишување на соодветна терапија. Потребно е да се земе детална анамнеза и внимателно да се изврши физикален преглед. Покрај другите лабораториски испитувања, неопходно е да се направи комплетен хормонален статус.

Во одредени случаи, потребни се и дополнителни испитувања како компјутерска томографија, магнетна резонанца и ултрасонографски преглед.

Третман

Во кој правец ќе се одвива лекувањето ќе зависи од причината која довела до појава на хирзутизам. Доколку одредени лекови довеле до појава на хирзутизам, повеќе не треба да се консумираат, ако причината е тумор, најчесто е потребна хируршка интервенција, ако се постави дијагноза дека станува збор за синдром на полицистични овариуми или Кушинг синдром, специјалист ендокринолог препишува соодветна терапија за конкретното заболување.

Третманот за хирзутизам вклучува и терапија со антиандрогени како орални комбинирани контрацептивни препарати, ципростерон ацетат (Diane 35), финастерид, гликокортикоиди, флутамид итн.

Кај влакната на лицето не се советуваат третмани кои би стимулирале повторно растење. Најдобро е влакната на оваа регија, да се обезбојуваат со хидроген. Но, ако станува збор за многу дебели и темни влакна, можно е да се направи електрична или ласерска епилација.

Кај влакната на телото можно е да се примени депилација со восок.

Сепак, депилацијата и електричната и ласерската епилација се третмани кои се советува да се практикуваат откако ќе се нормализира нивото на андрогени.

Жена

Напомена: Доколку забележите кој било од горенаведените симптоми, консултирајте се со вашиот лекар или побарајте мислење од специјалист дерматолог или ендокринолог.

Tags
хирзутизам
влакнетост
депилација

Најнови

  • Брус Вилис

    Брус Вилис се придржува за негувателот на прошетка додека му се влошува деменцијата

    Fri, 11/21/2025 - 13:00
  • Мис Универзум

    „Мис Мексико е лажна победничка“: Членови на жирито на Мис Универзум дадоа отказ поради местенки во изборот

    Fri, 11/21/2025 - 12:30
  • Бранкица Миновска

    Бранкица Миновска, која живее со мултиплекс склероза, прави торти за деца од ранливи категории: „Нема да се откажам, колку и да ме гази болеста“

    Fri, 11/21/2025 - 10:40
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.