Мајли Сајрус ѝ ја избричи главата на обожавателка која се бори со рак на дојка: „Ќе ја пребродиш бурата“
Мајли Сајрус ѝ оствари голема желба на Кеш Џејкобс, обожавателка на која ѝ е дијагностициран рак на дојка во трет стадиум.
Славната пејачка се запозна со Кеш и ѝ помогна да ја избричи главата затоа што косата веќе ѝ опаѓа поради тешката хемотерапија.
Неколку дена пред концертите на Сајрус, Џејкобс објави видео на социјалните мрежи во кое ја замоли Мајли да го сподели овој интимен момент со неа. 33-годишната музичка ѕвезда ја виде нејзината порака, ја покани на својот втор концерт во Hollywood Bowl во Лос Анџелес, а потоа лично се сретна со неа за да ѝ ја исполни желбата.
„Можеш да бидеш нежна и силна истовремено. Ќе ја пребродиш бурата“ - ѝ рече Мајли пред да ѝ ја избричи главата, охрабрувајќи ја во пресрет на тешкиот период кој ја очекува.
Со многу нежност, Мајли се погрижи Кеш да се чувствува убаво во моментот кој за неа има големо емоционално значење.
„Мислам дека е убаво. Имаш убава глава. Мала глава и мали уши. Воопшто не изгледа чудно“ - ѝ вели низ разговорот, обидувајќи се да ја расположи.
На крајот, двете се прегрнаа, а Мајли ѝ призна дека ѝ е чест што токму неа ја избра да го сподели овој момент.
„Ова, искрено, го направи целото ова искуство вредно, затоа што те запознав. Ти благодарам што ме замоли да го споделам овој момент со тебе. Чест ми е што ме избра токму мене“ - ѝ рече Сајрус.
По средбата, Кеш ја опиша Мајли како најнежната, најкул и најдобра личност која некогаш ја запознала, истакнувајќи дека нејзината музика ѝ била извор на сила во некои од најтешките периоди во животот.
„Велат дека не треба да ги запознаваш своите идоли. Епа, јас го запознав мојот. И беше сè што можев да посакам, па дури и повеќе“ - напиша таа.
Таа верува дека, кога еден ден ќе се наврати на ова искуство, ќе се потсети не само на специјалната средба со својот идол, туку и на сопствената храброст и на сè што успеала да преброди.
Октомври е месец за подигнување на свеста за ракот на дојка.