„Имав повеќе од 50 операции“: Најдобри пријателки кои го преживеаја пожарот во Кран-Монтана ги покажаа лузните
Тешки изгореници, десетици операции, месеци поминати во болнички кревет и неизвесна борба за живот. Но, ниту страшната трагедија во Кран-Монтана, ниту болката низ која поминале не успеале да им ја одземат желбата за живот на Софија Донадони и Франческа Нота.
Пријателките, кои го преживеаја пожарот во швајцарскиот ноќен клуб „Le Constellation“ на новогодишната ноќ, денес храбро ги покажуваат последиците од трагедијата и се обидуваат да го вратат животот кој го имале пред кобниот 31 декември 2025 година.
Двете средношколки од Милано гостуваа во италијанската емисија „Верисимо“, во која пред водителката Силвија Тофанин отворено зборуваа за тешкото лекување, моментите кои ги паметат од ноќта на пожарот и долгото закрепнување. Нивната приказна е сведоштво за неверојатна издржливост, но и за пријателство кое останало силно и во најтешките мигови.
Франческа имала изгореници на 70 проценти од телото, додека кај Софија биле зафатени 40 проценти. Зад нив се месеци исполнети со операции, болни преврски и рехабилитација, а борбата за целосно закрепнување сè уште трае.
„Започнав да се качувам по скалите, држејќи се со десната рака за оградата, која токму затоа е најмногу повредена. Кога ми остануваа уште четири скалила до крајот, ја изгубив едната обувка и се онесвестив.
Од тој момент имам само фрагментирани сеќавања. Не се сеќавам кој ме изнел надвор, ниту на моментот кога ме пронашол татко ми. Се сеќавам дека ме ставија во автомобил...
Бев во медикаментозна кома околу еден месец. Започнав да се освестувам околу 23 јануари. Кога ми го кажаа датумот, не можев да сфатам колку време поминало. Вкупно имав повеќе од 50 операции и преврски под анестезија или седација“ – раскажа Франческа.
Од болница се вратила дома дури во август, како последна отпуштена пациентка. И денес продолжува со физиотерапија четирипати неделно, а медицинскиот персонал ѝ помага во домашната нега на раните.
Софија, пак, сè уште оди на физиотерапија за рацете и посетува терапии за гласот.
За време на болничкото лекување, другарките биле сместени во соседни соби, разделени со стаклена преграда. Поради здравствената состојба, не можеле слободно да се гледаат и прегрнуваат, но постојано мислеле една на друга.
„Штом се разбудив од кома, првата мисла ми беше за Франческа“ – сподели Софија.
По долгите месеци лекување, двете пријателки повторно се вратија на настава во средното училиште „Вирџилио“ во Милано, заедно со уште двајца соученици кои го преживеаја пожарот.
„Враќањето во училницата и повторната средба со соучениците беше прекрасно. Нè пречекаа со аплауз, на многу едноставен и искрен начин. Кога повторно ќе седнеш во училишната клупа, една до друга, имаш чувство дека времето повторно почнало да тече“ – раскажаа девојките.
Сепак, враќањето на старите навики не е едноставно. Работите кои некогаш ги правеле без размислување како вечерните излегувања, заедничкото подготвување и преспивањето една кај друга денес бараат повеќе време, трпение и физички напор.
„Тоа се работи кои претходно ги правевме со затворени очи, а денес ни е потешко. Но се обидуваме да се вратиме во нормалниот живот“ – истакна Софија.
Франческа, која во текот на гостувањето постојано ја држела својата пријателка за рака, не ја криеше блискоста што ја чувствува кон неа.
„Мојот живот нема смисла без Софија. Таа е единствена“ – порача таа.