Македон Димитровски е вистинско чудо од дете. По бројните освоени награди и медали, 12-годишниот тетовчанец сега е примен во престижната Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.
За големиот успех објавија неговите горди родители, кои открија дека нивниот надарен син на тестирањето го добил и престижно признание „Гранд Хонорс / СЕТ“, за исклучителни резултати по математика и вербални способности.
Владимир и Тина пишуваат:
„ДЕНЕС СМЕ ОСОБЕНО ГОРДИ РОДИТЕЛИ.
На само 12 години, нашиот Македон е примен во престижната Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, со седиште во Балтимор, Мериленд – , Baltimore, Maryland , USA.
Програмата е наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет.
По тестирањето, Македон го доби и престижното признание „Гранд Хонорс / СЕТ“, за исклучителни резултати по математика и вербални способности.
Grand Honors = највисоко признание за исклучително високи резултати во рамките на CTY тестирањето.
SET = Study of Exceptional Talent – програма/признание на Johns Hopkins за ученици кои постигнуваат исклучително високи резултати на тестирањата, значително над очекуваното за нивната возраст.
На само 11 години постигна и 1440 поени на САТ тестот – 740 по математика и 700 по читање и пишување.
Зад сите овие бројки и признанија стои едно нешто – огромна љубов кон знаењето.
Со повеќе од 20 златни медали од меѓународни математички натпревари, Македон продолжува да учи, да сонува и да ги поместува своите граници.
Како родители, не можеме да бидеме погорди. ❤️
Македон, продолжи да веруваш во себе.
Ова е само почеток. 🇲🇰🌎“
Со својот неверојатен ум и знаење, македонското чудо од дете на само 11-годишна возраст постигна огромен успех и на SAT тестот (740 по математика и 700 по читање и пишување), тест кој е приемен испит за сите престижни универзитети во светот.
Секоја чест Македон!
Претходно, во интервју за Фемина, неговите родители, споделија што значи да се расте надарено дете.
„Тоа е огромна радост, но и голема одговорност. Радоста е во тоа што сведочите на нешто навистина посебно, но одговорноста е да знаете како правилно да го насочите без да му го одземете детството или да создадете непотребен притисок.
Македон е едно сосема нормално, весело и љубопитно дете. Сака музика, дружење, истражување и активности како и секое друго дете. Неговата посебност не го одвојува од детската радост.
Од самиот почеток, знаевме дека талентот бара правилна насока. Побаравме ментори, дополнителна едукација и можности каде што ќе може да се развива. Сметаме дека талентот е дарба, но и обврска која бара работа, дисциплина и вистинска поддршка.“