Како е да се расте „чудо од дете“? Родителите на Македон за балансот помеѓу генијалноста и среќното детство
Вистински мал генијалец со знаење што ги надминува неговите години и импресивна низа награди зад себе, Македон Димитровски е она што многумина со право го нарекуваат „чудо од дете“. Уште на две години сам научил да чита и пишува, а странските јазици и науката ги совладува со „брзината на светлината“. Сепак, негова најголема љубов останува математиката, каде сложените задачи се негово секојдневие и поле на кое неодамна постигна огромен успех.
На Германската математичка олимпијада, Македон се закити со два златни медали, во индивидуална конкуренција и во математички предизвик, со што влезе во престижната група на ЛАУРЕАТИ, признание резервирано само за најдобрите.
Моментално, 11-годишното талентирано момче е петто одделение во Интернационалното училиште „Нова“ во Скопје, каде обожава да учи и истражува најразлични области од светот на науката. Дека неговиот потенцијал е вонсериски, потврдило и тестирањето на негова 4-годишна возраст, кога бил утврден висок коефициент на интелигенција (IQ 134).
Зад неговите блескави резултати стојат и неговите родители, Владимир и Тина, кои се негова најголема поддршка и „ветер во грб“ на секој натпревар, но и луѓето кои секогаш се грижат покрај секој медал и признание, Македон да има едноставно, среќно и исполнето детство.
„Уште од најрана возраст забележавме дека Македон размислува поинаку од своите врсници“ – велат Владимир и Тина за Фемина.
Како родители, нивната улога била клучна: да препознаат и да овозможат средина во која талентот и љубопитноста ќе растат слободно.
Кога за првпат забележавте дека Македон има исклучителен талент за математика? Дали постоеше конкретен момент што ви го „вклучи алармот“?
Уште од најрана возраст забележавме дека Македон размислува поинаку од своите врсници. Имаше природна љубопитност кон бројките, логиката и решавањето проблеми, но вистинскиот „аларм“ се вклучи кога почна самостојно да решава задачи далеку над неговото ниво, со неверојатна леснотија и оригинален пристап.
Како изгледаа неговите први средби со бројките? Дали интересот дојде природно или беше поттикнат од околината?
Интересот дојде сосема природно. Бројките за него беа игра, предизвик и забава. Ние како родители само го препознавме тоа и се трудевме да му овозможиме средина во која неговата љубопитност ќе расте слободно.
Што значи да се расте надарено дете во секојдневието? Дали тоа носи повеќе радост или повеќе одговорност?
Тоа е огромна радост, но и голема одговорност. Радоста е во тоа што сведочите на нешто навистина посебно, но одговорноста е да знаете како правилно да го насочите без да му го одземете детството или да создадете непотребен притисок.
Како родители, како пристапивте кон неговиот талент? Дали веднаш побаравте менторство и дополнителна едукација?
Од самиот почеток, знаевме дека талентот бара правилна насока. Побаравме ментори, дополнителна едукација и можности каде што ќе може да се развива. Сметаме дека талентот е дарба, но и обврска која бара работа, дисциплина и вистинска поддршка.
Колку е важна поддршката од семејството и училиштето за развој на ваков потенцијал?
Поддршката е клучна. Семејството дава сигурност, мотивација и љубов, а училиштето и менторите обезбедуваат структура и знаење. Кога овие два столба се силни, детето има најдобри услови да го достигне својот максимум.
Дали талентот за математика му е „во гените“? Има ли во семејството слични способности?
Веројатно постојат одредени предиспозиции, но веруваме дека покрај генетиката, огромна улога имаат љубопитноста, трудот и средината. Најважно е талентот да се препознае и негува.
Какво дете е Македон надвор од натпреварите? Што сака да прави во слободно време?
Македон е едно сосема нормално, весело и љубопитно дете. Сака музика, дружење, истражување и активности како и секое друго дете. Неговата посебност не го одвојува од детската радост.
Дали се соочува со предрасуди или притисоци од околината поради тоа што е „различен“ или посебно надарен?
Секако дека понекогаш постојат очекувања или различни реакции, но се трудиме да го научиме дека најважно е да остане свој, скромен и фокусиран на сопствениот развој.
Како се справувате со балансот помеѓу детството и очекувањата кои доаѓаат со неговите успеси?
Тоа ни е еден од најважните приоритети. Успехот е значаен, но детството е незаменливо. Затоа внимаваме Македон да има време за игра, одмор и нормално растење.
Дали успехот на натпревари носи и одреден товар? Како го заштитувате од преголем притисок?
Да, успехот носи очекувања, но постојано му нагласуваме дека најважно е знаењето, љубовта кон математиката и личниот развој, а не само медалите.
Кој е најважниот совет што би им го дале на родителите кои препознаваат талент кај своите деца?
Најважно е да го слушаат и разберат своето дете, да му дадат поддршка, но и слобода. Талентот не треба да се форсира, туку внимателно да се негува. Најголемиот успех е детето да остане среќно, исполнето и мотивирано.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk