Синди Крафорд е една од најпрепознатливите и најпривлечни жени во модната индустрија. Иако е во петтата деценија од животот, Синди сè уште плени со својата убавина.
Легендарната манекенка сними елегантен едиторијал во Малибу за австралиското списание „Madison“. Од фотографиите лесно може да се види дека 46-годишната убавица пред објективите умее да го презентира во најдобро издание секој сантиметар од своето тело.

Во интервјуто за списанието, Синди зборувала за себе како бренд, за смртта на својот брат и за децата.
Многуте модни ангажмани се доказ дека Синди има чувство за бизнис. „Можеби не завршив училиште за бизнис, но го познавам мојот бренд подобро од кој било друг. Јас сум експерт за себе“ – рекла таа.
Денес Синди води прекрасен живот со својот сопруг и со двете деца. Но, во детството имала тешки моменти. Кога имала 10 години, нејзиниот четиригодишен брат починал од леукемија. „Сè додека не добив свои деца, не можев навистина да сфатам низ што поминувала мајка ми. Само ѝ се јавив и ѝ реков: Не знам како го направи тоа. Како поднесе смрт на свое дете? А таа ми врати: Имав три други деца кои ме гледаа, прашувајќи ме што има за појадок“ – раскажала таа.


На прашањето што за неа би било најголемо постигнување во животот, Синди одговорила: „Да бидам сигурна дека нашите деца ќе продолжат среќни. Сакам да придонесуваат за општеството, да даваат, а не само да земаат“ – рекла таа.


