Долгите и топли августовски ноќи се совршени за уживање во добри телевизиски серии. Ви откриваме кои се остварувањата кои публиката од цел свет со нетрпение ги очекува во август.
House of the Dragon
Љубителите на серијалот „Игра на троновите“ со нетрпение ја чекаат првата епизода на серијата „Куќа на змејот“ која својата премиера ќе ја има на HBO. Дејството во серијата се случува 200 години пред настаните кои беа прикажaните во „Игра на троновите“. Серијата е снимана според книгата на Џорџ Р.Р. Мартин, „Оган и крв“.
Трејлерот ветува неповторлива магија.
The Sandman
Во оваа Netflix драма, главната улога ја има актерот Том Стурич, кој на малите екрани го носи ликот на херојот Dream. Станува збор за моќно суштество кое е заробено цели 105 години и ќе мора да тргне на патување низ различни светови и времиња за да го спаси неговотo кралство на сонувачите.
Lost Ollie
Серијата „Lost Ollie“ е една топла и емотивна приказна за тоа колку важна е една обична играчка за децата. Ако сакате да гледате анимирани серии заедно со вашите деца, ставете го овој наслов на листата за гледање и проследете го магичното патување на една играчка која го бара својот сопственик. Серијата е инспирирана од книгата „Одисејата на Оли“ од авторот Вилијам Џојс.
Echoes
Листа на серии не може да помине без добра трилер серија. Две идентични близначки, Лени и Џина, имаат страшна и опасна тајна. И двете живеат по два живота, и својот и оној на другата. Тие делат две куќи, двајца мажи и дете, но нивниот навидум совршен живот почнува да се распаѓа како кула од карти кога едната од нив ќе исчезне.
Краткото промотивно видео е најава за покачен адреналин.
Partner Track
Романтичарите не смеат да ја одминат оваа серија која ќе се емитува од 26 август. Приказната се врти околу Ингрид Јун, млада и надежна адвокатка која се труди да балансира помеѓу нејзините морални вредности и аспирации за успешна кариера. И додека се искачува по скалилото на успехот, гледачите ќе се запрашаат дали ќе најде вистинска љубов. Серијата е снимана според истоимената книга на американската авторка Хелен Ван.