Мајките се неверојатни и секојдневно докажуваат дека за нив не постојат пречки, дури ни кога се грижат за нов живот.
Стефани Кејс сите ги изненади, па дури и самата себе, кога пред 5 дена победи на ултрамаратонот на 100 километри во Велс само 6 месеци по раѓањето на своето прво дете.
Инспиративно е тоа што Канаѓанката ја доела својата ќерка за време на паузите од трката, а започнала да трча 30 минути по стартот. Последната трка на Стефани била пред три години, кога одлучила да паузира поради повеќето спонтани абортуси и инвитро третманите.




На сите нови мајки, Стефани им порачува да си поставуваат големи цели, бидејќи како што вели таа: „можно е да се изненадите од самите себе“.
Па, ова беше изненадување.
Изминатиот викенд, имав можност да се натпреварувам на ултрамаратон од 100 км без никакви очекувања, само 6 месеци по раѓањето на малата Пепер и три години по мојата последна трка поради повторувачки спонтани абортуси и неуспешни вонтелесни оплодувања.
Целта ми беше да уживам и да се осигурам дека Пепер беше нахранета на сите станици за помош. Бидејќи повеќе немам UTMB индекс, започнав да трчам во последниот бран, 30 минути по лидерите. Се разбира, пред мене имаше стотици тркачи, но можев да се движам со мое темпо без да се грижам на кое место ќе завршам.
Вистина беше како возење велосипед – секој поминат километар ме потсетуваше дека ништо не сум изгубила во изминатите три години. Всушност, добив многу повеќе радост и сила од овој спорт како мајка одошто претходно. Иако срцето ми се кршеше што ја оставав малата Пепер на станиците за помош, сакав да ѝ покажам нејзе, а и себеси, колку неверојатни можат да бидат мајките тркачки.
Не ни знаев дека победив додека не ја поминав линијата.


Без разлика дали размислувате да станете мајка или сте во блажена состојба, не се плашете да си поставувате високи цели. Сите имаат мислење што треба или не треба да прават новите мајки, а тоа не отвора многу простор за различни идеи како трчање ултрамаратон.
Дали треба да поминам толку многу време подалеку од моето бебе? Дали е штетно за моето тело? Што е со лактацијата? Мојот тренер ми помогна да се снајдам низ овие прашања и социјалниот притисок кој доаѓа со тоа да си нова мајка и тркачка. Но, мораме заедно да работиме за да го отстраниме притисокот на прво место и да овозможиме поголема поддршка.
Нема „враќање“ по породување. Има само следна фаза. Без разлика како изгледа таа, дали е на тркачка патека или надвор од неа, јас сум тука за ВАС.










