Викторија Бекам за првпат се огласи за отуѓувањето од синот Бруклин: „Секогаш се трудевме да бидеме најдобрите родители“
По повеќемесечни шпекулации и јавни препукувања, Викторија Бекам конечно проговори за актуелниот семеен раздор со нејзиниот најстар син, Бруклин Пелц Бекам. Во интервју за WSJ. Magazine, познатата дизајнерка и поранешна членка на Spice Girls одговори на прашањата за семејните односи, ставајќи акцент на родителската љубов и заштита.
51-годишната креаторка беше директно запрашана за односот со нејзиниот син. Иако забележително одби да го спомене Бруклин по име, таа за првпат јавно го адресираше конфликтот кој ја бранува јавноста.
„Мислам дека отсекогаш... ние многу ги сакаме нашите деца. Секогаш сме се труделе да бидеме најдобрите родители што можеме да бидеме“.
„И знаете, ние сме пред очите на јавноста повеќе од 30 години и секогаш само сме се труделе да ги заштитиме и да ги сакаме нашите деца. И знаете, тоа е сè што навистина сакам да кажам за тоа“ – рече Викторија.
Изјавата на Викторија доаѓа како одговор на бурниот период за семејството Бекам. Конфликтот ескалираше во јануари оваа година, кога Бруклин објави шокантно писмо од шест страници на социјалните мрежи. Во него, тој отворено ги обвини родителите дека го контролирале во текот на целиот негов живот и дека се обидувале да му ја уништат врската со сопругата Никола.
Бруклин дополнително истакна дека тие ја ставале промоцијата на јавниот имиџ и „Брендот Бекам“ пред семејната љубов, а за мајка му наведе дека наводно го „киднапирала“ неговиот прв танц на свадбата и танцувала „несоодветно“.
Бруклин и Никола целосно ги прекинаа контактите со Дејвид и Викторија уште во мај минатата година, а во јануари категорично изјавија дека немаат намера да се помират со семејството, барајќи исклучиво мир и приватност за себе.
Додека Викторија одлучи да се фокусира на пораката за безусловна родителска љубов, нејзиниот сопруг Дејвид претходно во јануари имаше нешто поиндиректен коментар за ситуацијата, изјавувајќи:
„Децата прават грешки, но на децата им е дозволено да прават грешки. Така учат.“