Со три биса и громогласен аплауз заврши концертот „Flowers Symphony 2“, одржан на 16 ноември во Македонската филхармонија во Скопје.
Оркестарот ДИВА во симфониски состав и Градскиот мешан хор „Балтепе“ ја поведоа публиката низ музичка вечер исполнета со филмска музика, италијански канцони и оперски дела. Продуцент и диригент на концертот беше Владимир Димовски, автор на целосната идеја за концертот и музичките аранжмани.
Во богатата програма беа вклучени бројни композиции, меѓу кои „Now We Are Free“ од „Гладијатор“, „The Ecstasy of Gold“ од Енио Мориконе, теми од Ханс Цимер, „Barcelona“, „Hijo de la luna“ и „Glitter and Be Gay“. Овие дела беа само дел од репертоарот на концертот.
„Now We Are Free“ ја изведе Јаворка Витанова, „The Ecstasy of Gold“ – Зана Абази-Рамадани, „Hijo de la luna“ – Виолета Арсовска, „Barcelona“ – Наде Талевска и Бојан Стојков, а „Glitter and Be Gay“ – Биљана Талевска.
Како изненадување во програмата прозвуче и „Мирисот на жената“. Токму за време на изведбата, продуцентот и диригент Владимир Димовски слезе од сцената меѓу публиката и им подари рози на дамите во салата. Гестот со розите е препознатлив дел од концертите „Виена во Битола“ и „Flowers Symphony“.
Публиката со силен аплауз трипати ги врати изведувачите на сцената. „Flowers Symphony 2“ заврши во атмосфера исполнета со емоции и овации, оставајќи зад себе вечер што публиката долго ќе ја памети.
Следниот концерт на Оркестар ДИВА е тринаесеттото издание на „Виена во Битола“, закажано за 23 декември во Центарот за култура во Битола. Билетите се распродадени, а се разгледува можноста за дополнителен концертен термин.
За повеќе информации и најави следете ја веб-страницата на Оркестар ДИВА и официјалните профили на Facebook, Instagram.