„Ти си крива што се однесувам вака“: Психологот Тиана Ивановска открива знаци по кои можете да препознаете потенцијален насилник
Контрола маскирана како грижа, емоционална манипулација, постепено оддалечување од блиските и префрлање на вината врз партнерката. Насилството во една врска не започнува секогаш со физички напад, а предупредувачките знаци честопати се многу посуптилни отколку што мислиме.
М-р Тиана Ивановска, психолог и психотерапевт, во едукативно видео посочува четири карактеристични обрасци на насилно однесување во партнерските односи.
Ивановска, која веќе четири години работи во анонимен шелтер за жени жртви на насилство, објаснува како однесувањата кои првично изгледаат како израз на голема љубов и приврзаност можат постепено да прераснат во контрола, манипулација и изолација.
Поттикната од неодамнешните случаи на семејно и родово базирано насилство и реакциите на институциите, основачката на платформата „СебеСложувалка“ јавно го сподели своето професионално искуство за да им помогне на жените навреме да ги препознаат предупредувачките знаци.
Како да препознаеш насилник или потенцијално насилно однесување?
Ќе зборувам за 4 многу познати и заеднички обрасци на однесување на сите насилници кои понекогаш можат да изгледаат суптилно, но се добра почетна точка да се запрашате со кого сте во партнерска релација.
Зборуваме за контрола, изолација, емоционална манипулација и манипулација со чувство на вина.
Најголемиот мит за ваквиот тип на однесување, односно за овој профил на луѓе, е дека тие се секогаш јасно видливи и дека секој човек, односно секоја жена, има секогаш евидентна ситуација во која може да го види ваквото однесување.
Но, тоа не е така, затоа што овие луѓе имаат потреба да се инкорпорираат во вашите животи и често пати на почетокот се маскираат во еден тип на совршени партнери, покрај кои може да се чувствувате дека сте го пронашле вистинскиот и совршениот партнер за вас.
Постепено, овој тип на внимание и навидум љубов којашто ја добивате, честопати може да премине во суптилна контрола и потреба самиот партнер константно да биде известен во текот на денот каде сте, каде се движите, со кого се среќавате и слично.
Ова е првиот образец на однесување кој го нарекуваме контрола.
Во нашата култура, честопати контролата се поистоветува со грижа и неретко можете да чуете реченици од типот на: „Јас само се грижам за тебе“, „Се загрижив дека нешто ти се случило“ и слично. А зборуваме за прекумерна проверка на вашите активности во текот на денот, кои е невозможно да ги знае кој било друг човек, освен самите вие.
Доколку се обидете да се спротивставите на ваквото однесување, од другата страна може да наидете на отпор или честопати може да наидете на жалење и реченици од типот на „Јас премногу те сакам и не можам да живеам без тебе“.
Доколку овие реченици се проследени со искази од типот на „Доколку не си ти во мојот живот, јас би си го одзел животот“ и слично, тука веќе зборуваме за вториот образец на однесување, наречен емоционална манипулација.
Вие немате одговорност кон животот на ниту еден партнер, бидејќи нашиот живот е наша лична одговорност.
А кога партнерот навидум го става сопствениот живот во ваши раце, може и те како да се чувствувате виновно за секој момент во којшто ќе направите нешто коешто на партнерот не му се допаѓа.
Изолацијата е исто така еден многу познат механизам на однесување, бидејќи ниту еден потенцијален насилник не сака вие да имате цврсти социјални релации со вашите пријатели, семејство, блиски луѓе, бидејќи токму овие блиски луѓе се потенцијален ризик за него, бидејќи може да ги проценат подобро од вас овие ризични однесувања и следствено на тоа да ве предупредат.
Во овој дел можете да чуете реченици од типот на: „Не ми се допаѓаат твоите другарки“ или некакви суптилни обиди да ги намалите контактите со вашето семејство, со вашите пријатели или луѓе кои ги познавате долго време.
Тука не зборуваме доколку вашиот партнер конкретно има одредени ставови за една ваша другарка или другар, но зборуваме за нешто што се вика колективна суптилна изолација.
Четвртиот и последен образец којшто ќе го анализирам го нареков манипулација со чувство на вина.
Ова честопати се случува кога веќе насилното однесување не може да се прикрива од страна на насилникот и ќе дојде до одредена ескалација.
Оваа ескалација не мора секогаш да биде во форма на физичко насилство, честопати може да биде и во форма на некоја одредена кавга, врз која се чувствувате дека немате контрола, многу брзо ескалира и во која вашето тело ви дава порака дека се плаши за сопствената безбедност.
Често пати од страна на насилникот може да чуете реченици од типот на „Ти си крива што се однесувам вака“, „Ти си виновна за моето ескалирање“, „Јас не сум ваков човек по природа“ и слично.
Имајте на ум дека во психологијата секогаш правиме јасна граница помеѓу здраво и нездраво однесување.Агресивното однесување никогаш не може да спаѓа во здраво однесување во една партнерска релација, бидејќи ниту еден партнерски проблем не се решил со превисок тон, со агресивно однесување и со закани кон кого било од партнерите.
Ти имаш право да кажеш НЕ и да не си согласна со одредено однесување кое твојот партнер го манифестира во релацијата, а прави да се чувствуваш небезбедно.