• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Сонувам да станам професорка, но и да застанам на нозе“: Дени Жерновска за животот со церебрална парализа

17 ноември 2026, 23:50
  • cподели
Дени Жерновска

Дени Жерновска е девојка со безброј таленти, голема љубов кон уметноста и уште поголема желба за животот. Иако се соочува со церебрална парализа и се движи со помош на инвалидска количка, таа не дозволува физичките бариери да ги ограничат нејзините соништа, амбиции и можности. 20-годишната девојка танцува, пее, свири клавир, глуми во претстави, пишува текстови и песни...

По завршувањето на гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде минатата година матурираше со одличен успех, есенва Дени започна ново поглавје – стана бруцош на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, на катедрата за македонски јазик и книжевност. Нејзината желба е еден ден да стане професорка и да ја пренесува љубовта кон македонскиот јазик на новите генерации, токму како што тоа го правела нејзината професорка, која ѝ била и најголема инспирација.

Дени Жерновска

Но, таа има и една лична цел за која сонува и за која е подготвена да се бори со секој атом – да застане на свои нозе и да оди.

Во разговор за Фемина, Дени нè враќа во детството, зборува за образовните предизвици, љубовта кон танцот и музиката, но и за инклузијата, бариерите со кои сè уште се соочуваат лицата со попреченост и општеството во кое сака да живее.

Какво дете беше Дени? Кои спомени најчесто ти се враќаат од детството и што од тој период сè уште носиш во себе?

Дени беше многу радознало дете и сѐ уште сум таква. Ме интресираа многу работи. Најдраги спомени  на кои сум многу горда е учеството во инклузијата, поточно учеството во инклузивни претстави со моето танцово друштво.

Кои беа твоите најголеми интереси и хобија додека растеше? Дали имаше некоја посебна страст или сон за тоа што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Од најрана возраст ја гаам љубовта кон танцот, музиката и македонскиот јазик. Горда сум на себе што таа љубов не се промени до денес. Денес сѐ уште моето хоби е танцот и пеењето. Секако тука е љубовта кон македонскиот јазик кој од оваа година го изучувам на филолошкиот факултет.

Колку семејството и средината во која растеше влијаеја врз личноста во која си денес? Кои вредности ги понесе од дома?

Семејството и околината имаат многу големо влијание врз личноста која сум денес. Едни од најзначајните вредности кои ги понесов од дома се искреноста и почитта. И неизмерната љубов која несебично ја давам на моето семејство, роднини, најсакани пријатели и значајни луѓе во мојот живот.

Како би го опишала својот образовен пат? Дали отсекогаш знаеше што сакаш да студираш или изборот се формираше низ годините?

Мојот образовен пат ќе го опишам како многу интересен. Отсекогаш знаев дека сакам да се бавам со просветната работа, само што од мала немав одлучено по кој предмет сакам да бидам професорка. За студиите на овој факултет најголема инспирација ми е мојата професорка по македонски јазик, која многу повеќе ми ја зголеми љубовта кон македонскиот јазик и љубовта кон таа професија. И од ден на ден таа љубов се зголемуваше и оттаму датира желбата за студии на овој факултет.

Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочи во текот на образованието и како успеа да го надминеш?

Најголемиот предизвик во текот на образованието за мене беше менувањето на различните образовни асистенти и навикнувањето на нив. Помеѓу асистентот и ученикот треба да се создаде посебна врска, би кажала треба да ‘кликнат' и да функционираат како тим, но истовремено и како едно. За среќа, сега ја имам мојата асистентка Бојана со која имаме прекрасен однос и со која се надевам дека ќе ги поминам сите студентски години.

Кои луѓе оставија најголем белег на твојот животен пат? Дали имаш личност која ја сметаш за свој најголем пример или инспирација?

Имам многу луѓе кои ми оставија посебен белег во мојот животен пат и многу сум им благодарна што се посебни личности за мене. Но, како најголем пример и најголема инспирација за мене во мојот образовен процес е мојата професорка по македонски јазик и литература којашто ми помогна да ја пронајдам мојата идна професија. Желбата да бидам професорка по македонски јазик и литература, токму онаква каква што беше и сè уште е таа за мене - посебна и незаменлива.

Колку се промени твојата слика за себе низ годините? Дали денес си похрабра, посигурна и поспремна да ги прифатиш сопствените можности отколку порано?

Мојата слика за себе низ годините се промени. Сега сум сè повеќе и повеќе храбра за разлика од порано и можам да кажам дека сум подготвена да ги прифатам моите можности.

Дали сметаш дека во нашето општество навистина постои инклузија на лицата со попреченост или сè уште сме далеку од тоа? Што е она што најмногу би сакала да се промени – во образованието, институциите, пристапноста, но и во начинот на кој луѓето размислуваат и се однесуваат кон лицата со попреченост?

Има многу работи кои мора да се менуваат за да имаме вистинска и функционална инклузија

Инклузија кај нас формално постои, но таа сè уште не е доволна или соодветна за целосно интегрирање на лицата со попреченост во секојдневниот живот.  

Инфраструктурата како што се улиците и објектите, сè уште не е целосно пристапна. Тротоарите се превисоки и често претставуваат несовладлива бариера. 

Во образовниот процес сè уште немаме доволно добар систем за поддршка на учениците со попреченост. Асистентите се менуваат премногу често, нема доволен број од нив, а проблемите со нивната редовна исплата дополнително ја отежнуваат стабилноста во поддршката. 

Луѓето сè уште не се доволно едуцирани за тоа како правилно да комуницираат и како да пристапат кон лицата со попреченост. Од незнаење или незаинтересираност, секојдневно се прават свесни или несвесни пропусти кои значително го отежнуваат животот... на пример, паркирано возило директно на пристапна рампа за колички. 

Сепак, за разлика од минатото, очигледно е дека има одреден напредок и подигање на свеста. Но, патот е сè уште долг и има многу работи кои мора да се менуваат за да имаме вистинска и функционална инклузија.

Кој досегашен успех ти значи најмногу и зошто?

Најголем успех за мене е тоа што имам активен живот исполнет со многу секојдневни активности и љубов. Посебен успех за мене е тоа што образованието го завршив со одличен успех, а се надевам дека и академските години ќе ми бидат исполнети со исто толку успеси. Успех за мене е танцувањето на нозе заедно со моите другарки од „Еурека“. За мене танцувањето на нозе претставува живот и се надевам дека секогаш ќе практикувам да танцувам, тоа е нешто најпосебно за мене и за тие моменти живеам.

Што би сакала луѓето да разберат за тебе, но и за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост? Колку е важно општеството да гледа на можностите и потенцијалот, наместо на ограничувањата?

Лицата со попреченост не треба да се гледаат низ призмата на бариерите, туку низ нивните можности 

Би сакала луѓето да разберат дека лицата со попреченост не треба да се гледаат низ призмата на бариерите, туку низ нивните желби, труд и можности. Најважно е општеството да се фокусира на нашиот потенцијал, бидејќи со соодветна поддршка, едукација и пристапност можеме да постигнеме сè, од завршување на образованието со одличен успех, па сè до остварување на животни соништа, и целосна самостојност. 

Предизвиците со кои се соочуваме се секојдневни: од недоволно прилагодената инфраструктура, недостигот на стабилен систем за поддршка во образованието, па сè до недостатокот на вистинска едукација и отвореност кај луѓето. 

Потребно е помалку незнаење и предрасуди, а повеќе искрена комуникација, прифаќање и разбирање. Кога општеството ќе научи да гледа на можностите наместо на ограничувањата, тогаш инклузијата нема да биде само формалност, туку вистински начин на живот за сите.

Кои се твоите следни соништа и цели?

Лекот за сè е прегратката

Сакам да станам професорка, да ги завршам студиите и еден ден да застанам пред учениците како нивна омилена професорка по македонски јазик и литература. Моја лична цел е да застанам на нозе и да одам и посветено ќе се борам ова да стане реалност, со секој мој атом на сила. Мојата животна филозофија е верувањето дека лекот за сè е прегратката, дека прегратката е најискрениот јазик на душата и дека таа ни ја враќа вербата во доброто.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Дени Жерновска

Најнови

  • Дени Жерновска

    „Сонувам да станам професорка, но и да застанам на нозе“: Дени Жерновска за животот со церебрална парализа

    Tue, 11/17/2026 - 23:50
  • Јелена Ѓоковиќ во шик стајлинг покрај Новак, се држеа за рака на конференција на нивната Фондација

    Tue, 11/17/2026 - 20:50
  • „Кога се роди, ја немав таа мајчинска љубов, се плашев да ја држам, многу плачев“: „Девојката со крилја“ за периодот по раѓањето на ќеркичката

    Tue, 11/17/2026 - 10:42
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.