Инспиративната Дени Жерновска, која има церебрална парализа, стана бруцош на Филолошкиот факултет во Скопје
Танцува, пее, свири клавир, глуми во претстави, пишува текстови и песни... Дени Жерновска е исклучително талентирана девојка, која и покрај тоа што се соочува со церебрална парализа и се движи со помош на количка, претставува вистинска инспирација поради својот силен дух, неверојатната харизма и упорноста.
Младата девојка започнува нов предизвик како бруцош на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде е запишана на катедрата за македонски јазик и книжевност. За Фемина, таа открива што очекува од образовниот процес кој ѝ следува.
„За време на студиите очекувам да откривам нови знаења поврзани со македонскиот јазик, да го истражувам македонскиот јазик од неговиот почеток до ден-денес... очекувам да научам многу нови нешта и мојата мисија е да го промовирам македонскиот јазик насекаде и да се залагам за негова правилна употреба.
Исто така, очекувам интересни предавања, нови познанства со другите студенти, многу другарства и убава соработка со професорите на мојата катедра“ - вели новата студентка која го имаше својот прв академски час.
Дени минатата година беше матурантка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а претходно девет години следеше класична настава во скопското ООУ „Гоце Делчев“. Всушност, токму оттаму ја носи желбата за запишување на катедрата за македонски јазик и книжевност.
„Отсекогаш сум сакала правилно да го употребувам и говорам македонскиот јазик, многу сакам да пишувам и текстови и песни. Имав среќа да имам во основно училиште многу добра наставничка по македонски јазик која многу добро предаваше на часовите.
Во средното училиште пак се постигна врвот, бидејќи имав среќа да ја имам најдобрата професорка по македонски јазик, според мене, Татијана Стојанова Дуева. Нејзините часови навистина, не беа само обични предавања за мене, туку и лекции за цел живот. Нејзините часови беа за мене време и место во кои уживав изминатите четири години. Таа ми го доближи македонскиот јазик уште поблиску до мене и ми ја зголеми мојата љубов кон него“ - ни откри шармантната девојка од Скопје.
Дени ти посакуваме многу успех, положени испити и забавни студентски денови! Продолжи да инспирираш!
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk