Наташа Фигурела за насилниот партнер: „Кога го пријавив, излезе со насмевка, убеден дека татко му ќе среди сè“
Насилството врз жените не е изолиран проблем, ниту пак нешто што се случува и треба да остане зад затворени врати. Тоа е реалност со која живеат многу жени, често во тишина, од страв, срам или недоверба дека институциите навистина ќе ги заштитат.
По случаите со насилство врз девојки од Охрид и Битола, сè повеќе и повеќе жени одлучуваат да проговорат за своите искуства со насилни партнери. Наташа Петровска, позната на социјалните мрежи како Наташа Фигурела, ја споделува својата приказна за да долови колку длабоки последици остава насилството и колку е болно кога насилникот се чувствува недопирлив.
Во своето јавно обраќање, познатата претприемничка открива дека кога го пријавила насилникот, тој бил пуштен речиси веднаш, излегол со насмевка и увереност дека неговата моќ и семејните врски ќе го заштитат. Денес, со силен апел до институциите, таа порачува дека е доста од молчење, неказнивост и страв.
Во мојата околина гледам жени кои живеат во страв од насилни мажи, жени кои се плашат да пријават, жени кои молчат затоа што не веруваат дека некој ќе ги заштити.
Оваа тема особено ме погодува затоа што и самата сум била жртва на насилство. Тоа искуство остави длабоки трауми во мене, со години се борев со последиците, со стравот и со недовербата кон мажите.
Кога го пријавив насилникот, тој беше пуштен речиси веднаш. Излезе со насмевка и гордост, убеден дека може да прави што сака, затоа што е моќен и затоа што, како што веруваше, неговиот татко ќе среди сè.
И знаете што е најстрашно? Што денес, во 2026 година, сè уште гледам дека истите работи се случуваат. Како ништо да не се променило. Како животот и безбедноста на жените да не е важна во ова општество, и да се последна грижа на оние што треба да не заштитат.
Затоа денес јавно и најсериозно апелирам до надлежните институции и до сите власти во оваа држава: ДОСТА Е!
Насилството врз жените не смее да има оправдување! Не смее да биде важно дали жртвата е немоќна, а насилникот влијателен. Законот мора да важи еднакво за сите!
Особено за оние кои мислат дека моќта, парите и врските им даваат право да малтретираат, заплашуваат и физички да се изживуваат врз жена. За ваквите дела мора да има најстроги законски мерки, вистинска одговорност и казни што нема да остават простор за неказнивост. Не е доволно жената да собере храброст и да пријави. Државата мора да застане зад неа, да ја заштити и да ѝ покаже дека не е сама!
Насилникот не смее да се шета гордо и слободно, убеден дека може да прави што сака и со тоа да дава пример на други потенцијални насилници, психопати. Мора да има конкретни примери на строга и праведна казна. Мора да се испрати јасна порака дека насилството нема место во нашето општество!
ЖЕНИТЕ НЕ СЕ САМИ.
НАСИЛСТВОТО НЕ Е ПРИВАТНА РАБОТА.
А НЕПОСТАПУВАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НОРМАЛНО!
Искрено, одвратно е што сè уште мораме да се бориме за нешто толку основно – жената да биде безбедна и да може да живее без страв!