Слаткар со моќен апел за пелтечењето на „Макфест“: Не ги прекинувајте луѓето со уникатен говор како мојот, сослушајте ги
Да му дадеме време на човек да си ја доврши мислата и навистина да го сослушаме. Со повик за трпение и разбирање, Марко Маринковиќ-Слаткар испрати силна порака од сцената на „Макфест“. Познатиот музичар отворено зборуваше за пелтечењето и за слободата која ја пронашол во музиката, а неговите зборови беа поздравени со громогласен аплауз.
Славниот пејач им порача на лицата кои имаат проблем со говорот дека не се сами:
Самото пелтечење, или народски кажано дткање, е губење на ритамот на говорот. Музичкиот ритам мене ми даде шанса да се изразам слободно. За мене, музичкиот ритам не значи ни слава, ни популарност. Мене ми помага да земам здив и да го кажам тоа што го мислам.
Решив преку оваа голема сцена, која 40 и кусур години им дава шанса на луѓето да се изразат слободно, да испратам порака: Доколку сретнете човек што има уникатен говор, вака како што имам јас, сакам да го сослушате, да го оставите да го каже тоа што го мисли, да не го прекинувате, затоа што можеби треба многу малку време за да чуете нешто што е многу важно.
Тие луѓе имаат што да кажат, сослушајте ги и бидете трпеливи и солидарни низ животот како што сте сите вие оваа вечер. Фала ви многу.
Личната приказна на Слаткар е во срцето и на претстојниот филм „Слушни ме“, кој го следи неговиот пат од несигурностите во детството до создавањето автентичен глас кој денес инспирира многумина.
Преку лични сведоштва, музика, работилници со деца и играни сегменти од неговиот живот, филмот зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите, храброста, упорноста и силата на уметноста.
Режисер е Раша Петровиќ, а сценарист Кристина Ризоска. Филмот е создаден според идеја и вистинита приказна на Марко Маринковиќ – Слаткаристика, во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп. Премиерата се очекува на почетокот на 2027 година.
Фото: Дејан Коцев / Femina.mk