„Секој ‘loop’ има излез“: Отворено со Кики за созревањето, еволуцијата на „Низ град со Кики“ и ентузијазмот за музика
Енергична, прониклива, неуморна и исклучително свесна за времето во кое расте... Кики Мукаетова непрекинато ја надградува креативната енергија, при што паралелно развива урбана емисија и ја следи страста за музика додека се движи кон финишот на средното образование и го планира студирањето.
Во втората сезона на „Низ град со Кики“, младата ѕвезда настапува со изострен фокус, моќна шпица, посмел визуелен јазик и разговори кои ја трансформираат од љубопитна набљудувачка во самоуверена нараторка на приказни кои инспирираат и охрабруваат. А напоредно со стартот на сезоната, го лансираше и синглот „Loop“, кој веќе има над 1,5 милиони прегледи на YouTube.
Кики нè доближува до нејзината еволуција пред и зад камери, ни открива како се справува кога ќе „заглави во круг“ и говори како учи да остане приземна и своја.
Новата сезона стартуваше со моќна шпицa, поамбициозен креативен пристап и посилна визуелна енергија. Што би издвоила како најголема разлика во она што концептуално е „Низ град со Кики“ денес во споредба со почетоците на проектот?
Идејата со првата сезона од серијалот НГСК беше да ги истакнам позитивните примери во нашето општество. Луѓе со значајни достигнувања, кои мене ме инспирирале. Година дена подоцна, откако добив многу позитивни коментари, но и некои издржани критики од моите најблиски, решив малку да го сменам наративот. Оваа промена можеби е директно поврзана и со мојот личен развој.
Ако пред година дена битна ми беше формата на емисијата, во новата сезона сум повеќе насочена кон суштината на разговорот. Денес пристапот ми е многу послободен, веројатно зашто стекнав поголема самодоверба во улогата на „водителка“. 😊
Првата епизода „Реалноста зад митовите“ отвори многу теми со деликатна нота. Зошто токму ставовите и визиите на средношколците се оцртаа како најлогичен почеток на сезоната?
Во НГСК решив да воведам нови елементи за поголема вклученост на младите
Во разговорите со гостите од првата сезона на серијалот, се „начнуваа“ разни реални предизвици со кои тие се соочиле на нивниот пат кон успехот. Во текот на годинава, имав и доста Q&A сесии на Инстаграм, каде многу прашања на некој начин се повторуваа, т.е. се однесуваа на тоа како да се справиме со премногу обврски, како со fake friends, како со негативни коментари? Баш заради тоа, решив да воведам нови елементи во содржините за поголема вклученост на младите, како анкети, интеракција преку социјалните мрежи за избор на гости и теми што баш директно ги засегаат младите, кои допрва ќе следат во серијалот. 😊
Си имала редица соговорници од најразлични сфери и прилози за многу случувања и личности. Кој момент ти бил најемотивен, а кој најмногу те замислил?
Емотивни имало многу! Можеби и повеќе зад камерите. Кога ја снимав првата епизода од втората сезона, беше среде локални избори и немавме дозвола за снимање во гимназијата „Георги Димитров“. Секако дозвола не ни требаше за снимање на улицата пред гимназијата, на пример. Како снимањето траеше подолго, учениците од една училница ми дадоа сок за време на паузата која ја правевме со екипата. Преслатко...
На снимањето на епизодата во просториите на Црвен Крст на Град Скопје, кое беше во април годинава, имаше и засегнати посетители од пожарот во Кочани. Делот секако не отиде во финалната монтажа, но самиот разговор со Сузана Т. Пауновска околу настанот и мобилизацијата на волонтерите на Црвениот крст, токму на денот на јубилејот на организацијата, беше повеќе од емотивен.
Многу емоции имаше и при секоја моја посета на СОС Детско село (иако не направив епизода со нив сè уште), но мислам дека на двете места, повеќе зборуваше тишината или прегратките.
А кој ме замисли? хм... поврзано со гостите од епизодите, веројатно одговорите за селење или останување во Македонија. Како што се приближува периодот кога треба да се преселам на студии во странство, сè почесто се прашувам како е да се биде далеку од дома, а самата помисла на тоа искрено по малку ме плаши...
Паралелно со емисијата, го објави синглот „Loop“ со видеозапис кој досега има над 1,5 милиони прегледи на YouTube. Како се чувствуваше кога првпат ја слушна финалната верзија на песната и го виде спотот? А како по реакциите од публиката?
„Loop“ e едноставно искрено парче од мене
Песната е замисла на еден мој вечен идол и мојата драга Ана Костадиновска, мојот vocal coach и моја огромна поддршка во сè што го работам. Првпат во студио кај Лазе отидов во март 2024 година и стварно, како што напишав во најавата на постот за песната: ‘НЕ ЗНАЕВ КАДЕ ОДАМ’ буквално. Лазе е еден страшен професионалец. Оние кои го познаваат, знаат дека тој нема песни „во фиока“ не работи сериски и според трендови, туку сите песни кои ги создава, мора да одговараат на стилот, карактерот, вокалните способности и музичкиот вкус на артистот. Лазе точно процени и точно знаеше што јас САКАМ и што МОЖАМ да износам, зашто јас не сум пејачка, јас сум пред сè, само обична средношколка со огромна љубов кон сценските уметности. Текстот е на Ена (Магдалена Цветковска), која е една прекрасна личност и за кратко време откако се запознавме, процени точно каква сум и идеално успеа да ја вклопи лириката.
LOOP е современ поп со електронски влијанија и динамичен ритам, баш создадена за мојата генерација, зашто времето во кое живееме е посебно динамично и брзо: школо, обврски, големи соништа и разни планови – но, кога станува збор за љубовта и емоциите, често се вртиме во истиот „loop“. И јас сум дел од тој круг, па оваа песна е едноставно искрено парче од мене.
„Loop“
Модниот избор во спотот е минималистички, но ефектен. Колку стилот е дел од приказната на „Loop“ и како тие стајлинзи се вклопуваат во твојот личен стил?
Стајлинзите, според идејата на Генц од Такат студио, требаше да се вклопат во целата приказна: во „руинирана“ и стерилна атмосфера, ликовите требаше да асоцираат на надеж. Боите и ефектноста ги дефинираше продуцентот, па кога веќе добија улога, јас одлучив тоа да биде направено со стил. Им благодарам на MNML by Nana што излегоа во пресрет на сите мои специфични барања.
А дали тие се вклопуваат во мојот личен стил? Апсолутно! Белиот фустан од видеото, кој според Генц требаше да симболизира зрак светлина, баш го ‘изнаносев’ летово. 😊
Што би им порачала на младите кои се чувствуваат „заглавени во loop“ (кога сè се врти во круг, а ништо не се поместува), без разлика дали станува збор за љубов, страв за идни чекори или ментална состојба?
Секој „loop“ има излез, понекогаш треба трпение и верба во себе за да го најдеме
Велат дека средношколските денови, а со тоа и тинејџерството, се едни од најубавите години во животот. За жал, тоа не изгледа така додека ги живееме. Сфаќаме сè при срце: секоја емоција, секој најмал неуспех, секоја неизвесност. Жално е колку мои врсници се соочуваат со премногу влијанија и постојан притисок да се биде „некој и нешто“.
Неодамна лично имав баш лош „loop“ и се погоди да се најдам на настанот за одликувањето со државен орден за заслуги на Проф. д-р Сашко Кедев. Јас како да бев во друга димензија вечерта! Многу сакам и едвај чекам да направам емисија со него, зашто кога слушнав за неговото искачување на сите можни највисоки врвови на Земјината топка, за тоа како се чувствувал кога смртта ја гледал директно во очи, мојот „loop“ ми беше пресмешен!!
Секој „loop“ има свој излез, само понекогаш треба трпение и верба во себе за да го најдеме.
Кога ќе се исклучат камерите и музиката ќе стивне, што најмногу ти помага да останеш приземна и своја?
Најголема поддршка ми се родителите, а брат ми Трајче секогаш знае од срце да ме насмее
Најголема поддршка за буквално СЀ ми се родителите. Тие се тука за мене во секој момент, без разлика дали за професионален или приватен совет, за најмала глупост или најкритичен момент: за сè разговарам со нив! Немам проблем да се обратам и на психолог кога ми треба некакво постручно објаснување, бидејќи верувам дека грижата за менталното здравје е нормална и многу важна. На крај и можеби најважно, е брат ми Трајче, кој секогаш знае од срце да ме насмее и најбрзо да ми го подобри расположението во последно време.
Како се штитиш себеси од споредби, притисоци и очекувања?
Искрено, ова прашање често го добивам кога правам Q&A сесии на Инстаграм и обично не го одговарам за да не излезе дека се правам паметна, но еве прилика за мојата лична приказна:
На мои точно 13 (ипол) години, вечерта кога заврши Јуниорскиот Евросонг, ги премолив родителите да ми дозволат Инстаграмот да го направам „јавен“, на што тие се сложија, под услов некој возрасен да биде логиран, па честа ѝ припадна на мојата најстара сестра (тогаш таа имаше 25 години, но знаев дека повеќе од контролата беше од мајка ми!!). Тогаш, како и сите тинејџери, и јас сакав да бидам „совршена“ – следев трендови, се трудев да изгледам модерно, само да добијам 'одобрување' од моите врсници. На мои 14, следев сè и сешто! Веројатно тогаш барав некаков модел за идентификација, што практично го немав. НО, за среќа, тој период ми траеше кратко.
Сфатив дека: „тоа не сум јас“ и на 15 почнав сериозно да размислувам јас самата да направам 'нешто' што би било интересно и инспиративно за моите врсници. Кога почнав да бидам своја, автентична и јас, да се пронаоѓам во она што го правам, мислам дека сè ми се смени. Стекнав повеќе самодоверба, се чувствувам корисно, го работам она што навистина сакам да го работам, без да тежнеам да се вклопувам во туѓи очекувања.
И традиционално, неколку блиц прашања за подобро да ја запознаеме Кики зад камера:
- Песна која сега ти е на repeat?
Не знам зошто, но последнава недела навлечена сум на стари македонски хитови: „Таа тоа го крие“ од ДНК и Врчак, „Опасно“ од Елвир Мекич, „Магија“ (и од Магија Магија фт. Пајак – двете), „Луда“ од ДНК, Врчак и Тамара Тодевска. - Навика без која не го почнуваш денот?
Ладно латé и брзање за да не задоцнам на прв час или на некоја закажана обврска периодов, зашто веќе сум на распуст. 😊 - Место во Скопје каде најчесто си ги средуваш мислите?
Обично во недела, излегувам пеш од дома до Цветен пазар само за да си купам букет и веднаш денот е поинаков... - Збор кој ја опишува моменталната фаза од твојот живот?
Креативен хаос. - Што најмногу посакуваш да ти донесе 2026 година?
Здравје пред сè и по можност некакво олеснување при упис на факултет. 😊