Дуа Липа и Калум Тарнер си приредија незаборавно сафари-патување во Јужна Африка. Светската поп-ѕвезда ги израдува своите следбеници на Инстаграм со серија фотографии и видеа од нивната егзотична авантура на коишто може да се види како позираат во близина на слонови, зебри и лавови.
30-годишната пејачка не го криеше своето воодушевување од убавините на националниот парк Кругер и резерватот Саби Сендс.
„Дејвид Атенборо, можеш да ми завидуваш! Штотуку го имав најневеројатното патување во мојот живот. Тоа што бев толку блиску до овие прекрасни животни во нивното природно живеалиште, помеѓу Паркот Кругер и Саби Сендс, е нешто што едвај можам да го опишам со зборови. Беше навистина незаборавно... едно од оние доживувања кои ги паметиш засекогаш“ – напиша Липа.
Романтичното бегство на парот доаѓа додека се шират гласините дека во полн ек се подготовките за нивната венчавка. Според странските медиуми, Дуа и Калум одлучиле да ги прескокнат големите холивудски прослави и планираат помала, интимна церемонија ова лето. Се шпекулира дека двојката веќе разгледувала локации во Италија и Велика Британија, а списокот на гости ќе биде строго ограничен.
Славната двојка ја започнаа љубовната приказна во јануари 2024 година, а радосната вест за нивната свршувачка ја потврди во јуни минатата година.