Родителите на четворката од Штип во новогодишна фотосесија со малечките: „Рацете ни се полни, срцето уште повеќе“
Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина повторно освојуваат симпатии со новогодишните фотографии.
Четворката од Штип позираше за празнична фотосесија со родителите Благица и Александар кои полни со благодарност ја испраќаат 2025 година.
Студио Ивановски се погрижи за претворање на „новогодишната магија во најубава бајка“.
Пред неколку дена, Благица на својот Facebook профил напиша:
Ете, завршува и оваа година…
полна со смеа, радост и благослови.
Му благодарам на Бога,
зашто по борбата и верба
ме награди со четири мали срца.Денес моите раце се полни,
а срцето уште повеќе.
Мојата мисија е љубов, грижа и заштита.Стара година — благодарам.
Нова година — доаѓаме.
Благица и нејзиниот сопруг Александар Зиков од Штип одеднаш добија четворка со помош на инвитро по 4-годишна борба со неплодноста. За Femina.mk тие открија дека посакувале две дечиња, но дека двете оплодени јајце клетки кои биле пренесени во матката се разделиле на четири ембриони.
„Тоа чувство не може да се опише со зборови. Волшебно нешто. Прекрасно, радосно, необјасниво чувство, само си реков во себе: ‘Ти благодарам Боже за овој дар што ми го подари да станам мајка на четири дечиња истовремено’“ – рече Благица.