„Наместо да дуваме 24 свеќички, палиме само една“: Трогателна порака на сестрата на Фросина Кулакова која загина во сообраќајка
Денеска е посебно тежок ден за семејството и најблиските на Фросина Кулакова. Девојката, која трагично го загуби животот на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, требаше да го прослави својот 24 роденден.
Нејзината сестра Росица сподели емотивна објава, во која со многу болка се сеќава на својата „дади“ и на заедничките моменти. Во рамките на објавата, таа вклучи и фотографии од последниот роденден кој го славеле заедно.
„Родендените секогаш биле денови кога се слави животот. Денови за гушкање, за пеење, за дување свеќички, за славење. Денови кога им посакуваме на оние што ги сакаме уште повеќе љубов. Повеќе здравје. Повеќе смеа. Повеќе шарени спомени.
Но овој роденден повеќе не е таков туку е тука да ни покаже колку суров може да биде животот кога нема кого да прегрнеш. Нема кому да му ги посакаш сите тие работи. Нема кој да ги изгасне свеќичките.
Денес наместо торта, носиме само цвеќе. Наместо да дуваме 24 свеќички, палиме само една. И наместо да ти посакаме уште многу години весел живот, останува само една желба.
Почивај во мир, дади моја најубава!“
Претходно, во разговор за Фемина, Росица искрено и со восхитувачка присебност се наврати на детството со Фросина и нивата посебна сестринска љубов:
„Имаше и расправии, нормално, околу облека, околу ситници што само сестрите можат да ги направат важни. Ќе ѝ земев блуза, па таа ќе смислеше начин како да ми земе нешто мое. Но, тие моменти никогаш не нè оддалечуваа. Со годините, таа разлика од седум години речиси целосно исчезна. Станавме блиски на начин што тешко се објаснува, сестри во вистинската смисла на зборот.
Од односот со неа сфатив дека навистина нема поискрен однос и почиста љубов од онаа помеѓу две сестри. Фросинче ми беше најдобрата другарка, душата на мојата душа. Човекот со кој можев да бидам целосно своја и со кој знаев дека, што и да ми се случи во животот, ќе биде покрај мене.“