„Човекот со кого си го делел животот не заминува со смртта“: Емотивно интервју со Росица Кулакова за детството со Фросина, трагедијата и Фондацијата
Со восхитувачка присебност и длабоко врежана болка, Росица Кулакова се отвори за загубата која засекогаш го промени нејзиното семејство.
Една година по трагедијата во која на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ згасна животот на нејзината 22-годишна сестра Фросина, нејзините зборови се моќно емотивно сведоштво. Сведоштво за едно семејство кое потекнува од Неготино и кое до кобниот 29 јануари живеело мирен живот во Скопје, исполнет со блискост и заемна поддршка. Росица, Фросина и нивниот брат Ефрем, кој денес живее и работи во Дубаи, биле поврзани со силни семејни нишки кои трагедијата не ги прекина, само ги направи уште повидливи.
Во разговор за Фемина, Росица искрено и со љубов се навраќа на детството со Фросина, на денот кој никогаш нема да го заборави, но и на патот по болката, пат кој наместо во повлекување, таа и семејството го преточија во дејствување. Имено, тие основаа фондација посветена на Фросина, а неодамна организираа донаторска вечер на која уметноста стана јазик на тагата, допирајќи таму каде што зборовите занемуваат.
Ова е приказна за сестринска љубов која не познава граници меѓу светови, за загуба која не се надминува, но и за силата личната трагедија да се претвори во повик за поголема општествена одговорност со цел вакви трагедии да не се повторат.
Како изгледаше вашето детство со Фросина? Каква беше таа како дете? По што најмногу се издвојуваше уште тогаш?
Фроси си беше безгрижно и палаво дете, полно со емпатија
Со Фросинче бевме 7 години разлика, па јас ѝ бев отсекогаш навистина дада. Ѝ менував пелени, ја чував, ја играв, ја пазев и често се обидував и да ја воспитувам, за што знаеше и да ми се налути, потсетувајќи ме дека не сум ѝ мајка. Фроси си беше безгрижно и палаво дете, секогаш ведро и насмеано, полно со емпатија. Но, најмногу се издвојуваше по тоа што имаше некаква леснотија во себе, зрачеше со позитивна енергија и уште од мала ја исполнуваше секоја просторија со своето присуство.
Каков беше вашиот сестрински однос? Дали имаше типични расправии околу облека и ситници или отсекогаш владееше блискост и разбирање меѓу вас?
Фросинче ми беше најдобрата другарка, душата на мојата душа
Имаше и расправии, нормално, околу облека, околу ситници што само сестрите можат да ги направат важни. Ќе ѝ земев блуза, па таа ќе смислеше начин како да ми земе нешто мое. Но, тие моменти никогаш не нè оддалечуваа. Со годините, таа разлика од седум години речиси целосно исчезна. Станавме блиски на начин што тешко се објаснува, сестри во вистинската смисла на зборот.
Од односот со неа сфатив дека навистина нема поискрен однос и почиста љубов од онаа помеѓу две сестри. Фросинче ми беше најдобрата другарка, душата на мојата душа. Човекот со кој можев да бидам целосно своја и со кој знаев дека, што и да ми се случи во животот, ќе биде покрај мене.
По што најмногу ја паметите Фросина денес? Која нејзина особина или навика најчесто ви се враќа во мислите?
Љубовта продолжува да живее, а со неа и Фросинче е жива секој ден, во мене
Ние секој ден ручавме заедно. Секој ден се чекавме сите да се вратиме дома и седнувавме на маса – без разлика дали било пет попладне или девет навечер. Денес тоа ретко се случува, но кога ќе се случи, таа секогаш е тука во тие моменти.
Пред очи ми се нејзините мали маневризми додека јадеше… со каква радост и сласт уживаше во храната, како на крај ќе си ги излижеше прстињата… Нејзината заразна насмевка, шегите, најтоплите прегратки.
Човекот со кого си го делел животот не заминува со смртта. Останува во секој мал гест, во секоја навика, во секој миг што те потсетува дека љубовта е посилна од отсуството. Таа љубов продолжува да живее, а со неа и Фросинче е жива секој ден, во мене.
Дали некогаш носевте некоја од нејзините креации и дали таа бараше ваш совет кога стануваше збор за мода и стил?
Секогаш кога ќе реализираше нова креација, ќе дојдеше дома и ќе ми речеше: „Ајде, пробај“. Имам носено повеќе од нејзините креации, а на самото отворање и донаторската вечер на Фондацијата „Конци на светлината“ носев токму нејзина креација од последната колекција – 250ml of Liquid Dreams.
Ако можете и сакате да споделите, како дознавте за нејзината смрт и како ги паметите тие први денови и моменти по загубата? Од каде ја црпевте силата да продолжите понатаму?
Додека сум жива ќе ми одекнува гласот на мајка ми кога панично прашуваше дали детето ѝ е живо
Бев на роденден кај мојот најдобар другар и јадевме торта кога ми се јави татко ми. Не ми кажа многу, само дека морам веднаш да дојдам пред „Силбо“. По паниката во неговиот глас, сфатив дека се случило нешто страшно. Другар ми ме однесе на местото на несреќата и тоа што следеше потоа беше како хорор-филм.
Никој не нè извести, никој не ни кажа што точно се случило. Не знам дали беа два часа или дваесет минути но, додека сум жива ќе ми одекнува гласот на мајка ми кога панично прашуваше дали детето ѝ е живо. Никој не ѝ одговори. По некое време, една од медицинските сестри, со солзи во очите, само негираше со главата.
Следуваше ноќ на талкање – по болници, по погребални служби, по гробишта – затоа што никој не нè упати каде да одиме и што да правиме. Во осум часот наутро завршивме на Ургентно. Јас многу малку се сеќавам, но според тоа што ми го раскажува мајка ми, една докторка ме тргнала на страна и ми шепнала нешто, па јас сум се вразумила и смирила, уште пред да ја примам дозата седативи.
Од тој момент, некако инстинктивно ја презедов улогата на организатор. Чувството на одговорност кон семејството ми беше движечка сила. Не смеевме да си дозволиме сите да се распаднеме наеднаш затоа што знаевме дека нè чека долг и тежок процес на одболување и прифаќање и исто толку тежок судски процес.
Како се роди идејата за фондација посветена на Фросина и која беше вашата водечка мотивација зад тој чекор?
Секојдневно добивав пораки од многу луѓе кои поминале низ истата болка и истата неправда
Поради големата медиумска покриеност на трагедијата што ѝ се случи на Фросинче, многу семејства сами ни се обратија. Јас секојдневно добивав пораки од многу луѓе кои поминале низ истата болка и истата неправда. Но, и покрај тоа што чувствувавме силна поддршка од целото општество, за нас прифаќањето и снаоѓањето во новата реалност беа исклучително тешки. Токму преку тие разговори почнав да разбирам дека повеќето од тие семејства биле оставени без никаква системска поддршка, сами, изгубени во лавиринтите на правдата и институциите, без насока и без одговори.
Секое такво сведоштво ми го кршеше срцето одново и одново, и постојано се навраќав на истиот заклучок: никој не смее да поминува низ ваква траума сам. Така и се роди потребата да направиме нешто повеќе… да помогнеме, да бидеме поддршка и да се обидеме, колку што можеме, да придонесеме да нема повеќе вакви бесмислени трагедии.
Како помина донаторската вечер? Каков беше одѕивот и за кои цели ќе бидат наменети собраните средства?
Ми требаше скоро цела недела за да си ги средам импресиите од вечерта. За нас ова беше првиот 29 јануари без Фросина. Емотивно неподнослив ден, но преку многу труд и со помош на солидарноста на нашето општество, успеавме да му дадеме ново значење и еден нов лик на тој датум.
Фала му на Бога, настанот помина успешно. Фондацијата собра 512.500 денари преку аукцијата и обезбеди институционални партнери во активностите за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Средствата ќе бидат наменети за стипендирање на млади уметници, за нудење психосоцијална и правна помош на семејствата кои се соочуваат со вакви трагедии, како и за кампањи за подигнување на свеста кај возачите за безбедноста во сообраќајот и други активности во таа насока.
Постојано сме сведоци на нови трагедии и несреќи. Што сметате дека како општество можеме и мораме да преземеме за тоа да се промени? Дали сметате дека мерки како воведувањето на „Безбеден град“ се чекор во вистинска насока?
Апсолутно! Ова не е проблем на еден возач, туку одраз на сообраќајната култура – или некултура – на целото наше општество. И токму затоа, промената мора да започне од нас самите. „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“, рекол Ганди. Можеби е клише, но токму затоа што е вистина.
Наместо постојано да се жалиме и да посочуваме што не чини – да почнеме од нас самите! Време е активно и одговорно да учествуваме во промените кои се за наше заедничко добро. Проектот „Сејф сити“ јас повеќепати јавно го поздравив како важна иницијатива и искрено верувам дека, доколку се имплементира правилно, непристрасно и без злоупотреби, може да даде навистина значајни резултати. Од министерството веќе ги соопштија првичните резултати. 120.000 изречени казни на почетокот на тест периодот - 500 во првиот ден од работата на камерите… 11 смртни случаи на почетокот наспроти 4 денес! Тоа е огромна победа за нас како луѓе и треба сите заедно да си дадеме еден аплауз. Браво за нас!
Кои се вашите планови и визија за иднината на Фондацијата? На што сакате да се фокусира нејзината работа во периодот што следи?
Ќе се фокусираме на кампањи и едукативни активности насочени кон развивање емпатија, одговорност и свест кај возачите
Фондацијата ја доживувам како жива материја што ќе се развива и ќе расте со текот на времето, но нејзината суштина останува иста. Во сржта на нашата работа се три столба: подобрување на безбедноста во сообраќајот, поддршка на млади уметници и поддршка на семејства кои изгубиле близок под трауматични и неправедни околности.
Во периодот што следи, ќе се фокусираме на кампањи и едукативни активности насочени кон развивање емпатија, одговорност и свест кај возачите и сите учесници во сообраќајот. Паралелно, ќе продолжиме да се залагаме за пофер и појасни законски рамки што подобро ги штитат жртвите и нивните семејства, затоа што правдата не смее да биде привилегија, туку право. И, како дел од нашата мисија да го негуваме талентот и креативноста како вредности што даваат смисла и надеж, ќе доделиме уште една стипендија на Институтот за мода „Изет Цури“.
За нас, секој од овие чекори е начин да ја претвориме болката во одговорност, а сеќавањето во конкретна, општествено корисна промена.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk