Светска премиера на документарниот филм „Руини" на Елена Чемерска на Shanghai International Film Festival
Дебитантскиот долгометражен документарен филм „Руини", во режија на визуелната уметница и режисерка Елена Чемерска, ќе има светска премиера на Shanghai International Film Festival, еден од водечките филмски фестивали од А-листа категоријата. Филмот е селектиран во натпреварувачката документарна програма и ќе биде прикажан премиерно на 14 јуни 2026 година.
„Руини" произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата" и го следи враќањето на режисерката во Северна Македонија, каде се вклучува во процесот на реставрација на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на нејзиниот татко, уметникот Глигор Чемерски, и архитектот Радован Раѓеновиќ.
Низ архивски материјали, лични сеќавања и сегашноста на споменикот, „Руини" ги истражува пресликувањата на колективната и личната загуба, отворајќи прашања за тоа што може, а што не може да се обнови.
Проектот „Татковина: Споменик на слободата", иницииран од Чемерска во 2017 година, обедини меѓународни соработки помеѓу уметници, културни работници и експерти од областа на конзервацијата и реставрацијата, со цел значенска, а потоа и физичка ревитализација на споменикот. Проектот кулминираше со грант од US Ambassadors Fund for Cultural Preservation, реализиран во соработка со Општина Кочани, со што во 2024 година беше овозможена целосна реставрација на споменикот и мозаиците.
Додека „Татковина" се фокусираше на физичката и општествената ревитализација на локалитетот, „Руини" е интимна филмска студија за односот помеѓу идејата на колективна слобода вградена во споменикот и искуството на личната загуба, филм за трансформацијата низ време и отсуство. Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој" на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.
„Руини" е копродукција помеѓу Синема Футура и Минимал колектив од Македонија, Рестарт од Хрватска и Потем од Словенија, во соработка со Filmtrick. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева.
Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев Новоградска, дизајнер на звук на Лука Гамулин.