Наде Талевска пред „Flowers Symphony“: „Најважно ми е публиката да ја почувствува емоцијата“
„Flowers Symphony“ годинава добива нов препознатлив глас и силна сценска енергија. За првпат дел од проектот ќе биде Наде Талевска, која зад себе има долгогодишна соработка со Владимир Димовски и Оркестар DIVA.
Во пресрет на концертите во Битола и Охрид, со Наде разговаравме за нејзиниот прв настап на „Flowers Symphony“, за големиот вокален предизвик „The Diva Dance“, за операта и филмската музика, за животот со три деца и за она што останува најважно во секоја нејзина изведба – емоцијата.
Ги финализирате подготовките за „Flowers Symphony“, музички спектакл кој ќе одекне во Битола и Охрид. Како дојде до соработката со Оркестар DIVA и што ве привлече кај концептот на концертот?
Со Владимир соработуваме повеќе од две децении и низ годините изградивме голема меѓусебна доверба, како на сцената така и надвор од неа. Тој многу добро го познава мојот начин на работа и знае како да ја препознае и насочи енергијата што ја носам во изведбата.
И со Оркестар DIVA веќе имаме заедничко сценско искуство и секоја наша соработка е професионална, но истовремено многу топла и непосредна. „Flowers Symphony“ особено ме привлече со тоа што во една целина обединува различни музички светови – од италијански канцони и опера до филмска музика, а сето тоа е поставено како една голема музичка и сценска приказна.
За мене секоја нова соработка со Владимир и со оркестарот е нова авантура, задоволство и голема гордост.
Ќе се претставите со „The Diva Dance“, култната композиција од филмот „The Fifth Element“. Како реагиравте кога дознавте дека токму вам ќе ви припадне извонредниот вокален предизвик и колку е тешко вакво дело да се изведе во живо?
„The Diva Dance“ ме враќа во периодот кога го носев моето второ бебе
Оваа композиција за мене има и едно посебно лично значење. Ме враќа во едно прекрасно време – периодот кога го носев моето второ бебе, а токму тогаш за првпат ја изведов истата композиција. Затоа многу ми е драго што повторно ќе имам можност да ѝ се вратам, овој пат во рамките на „Flowers Symphony“.
Станува збор за композиција која сама по себе е голем предизвик, технички, вокално и интерпретациски, но токму таквите предизвици се и дел од убавината на нашата професија.
Особено интересно е што „The Diva Dance“ започнува со „Il dolce suono“ од операта „Lucia di Lammermoor“, а Лучија е една од најзначајните и најдрагите улоги во вашата кариера. Дали поради тоа изведбата добива дополнително лично значење за вас?
Да, дефинитивно. Лучија е една од моите најдраги улоги и една од оние кои бараат навистина многу од изведувачот – и вокално и актерски.
Мојата професија ја доживувам токму така, како можност преку музиката да оживеам лик, карактер или приказна од сопствена перспектива. Затоа сум и многу емотивно поврзана со Лучија.
Фактот што „The Diva Dance“ започнува токму со „Il dolce suono“ веднаш ме враќа во тој свет, а потоа композицијата продолжува во една сосема поинаква насока. Токму тој спој ми е особено интересен и ѝ дава дополнително лично значење на изведбата.
Публиката ја памети „The Diva Dance“ и како визуелно шоу. Ќе има ли и вашата изведба специјален сценски момент или изненадување кое ќе ја надополни музиката?
Па, композицијата веќе ја откривме, така што не би сакала да го откријам и сценскиот настап. Би сакала барем нешто да остане изненадување за публиката. Можам само да кажам дека работиме на тоа изведбата да не биде впечатлива само вокално, туку и визуелно, и целиот момент да ја надополни атмосферата на композицијата. Останатото ќе го оставиме за сцената.
„Flowers Symphony“ годинава обединува повеќе од 100 учесници на сцената. Какво е чувството да се пее со толку моќна оркестарска и хорска подлога зад себе?
Тоа е навистина посебно чувство. Секој изведувач на сцената носи свој карактер, своја енергија, перцепција и емоција кон музиката.
Кога на едно место имате повеќе од сто учесници – оркестар, хор и солисти – таа енергија станува уште помоќна. Но, она што нè поврзува сите е љубовта кон музиката и желбата таа да биде искрено интерпретирана.
Кога сите сме водени од истата емоција, таа не останува само меѓу нас на сцената, туку многу силно се пренесува и до публиката. Токму тие моменти за мене се најубави.
Како оперска пејачка, го носите својот инструмент со себе 24 часа во денот. Колку вашиот живот е подреден на гласот и каква дисциплина бара неговото зачувување? Дали се неопходни одредени откажувања?
За нас пејачите е многу важно да научиме добра вокална и респираторна техника
Се разбира. Гласот е жив инструмент и бара добра подготовка и загревање за тешки и долги дела, како оперите што ги изведуваме. За нас пејачите е многу важно да научиме и примениме добра вокална и респираторна техника за на сцена, за да издржиме и избегнеме замор и оштетување на гласните жици.
А што се случува кога наутро ќе се разбудите на денот на голем настан и ќе почувствувате дека гласот ви е засипнат или не е баш како што треба да биде? Ви се случило ли тоа?
За жал, тоа го имам доживеано повеќе пати. Некогаш од замор од долгите припреми, некогаш од трема, или здравствена состојба.
За среќа, сум опкружена со вистински професионалци, како мојот ментор и докторите на кои им го доверувам својот инструмент, па инстантно се наоѓа решение.
Една сте од ретките наши оперски пејачки кои публиката подеднакво природно ги прифаќа и кога пеат арија и кога изведуваат поп-хитови. Каде вие лично се чувствувате послободно?
Не би можела баш да направам строга поделба. Операта е мојата професија и таму се чувствувам како дома, но отсекогаш сум ја сакала и музиката надвор од строго оперската форма.
Всушност, тоа е и една од работите што најмногу ги сакам во оваа професија – можноста преку секоја композиција да оживеам некој лик, карактер или приказна на свој начин. Затоа и филмските теми ми се особено блиски, бидејќи на некој начин се најслични на мојата актерска работа. Не размислувам толку за жанрот колку за тоа што можам да почувствувам и да ѝ пренесам на публиката преку музиката.
Мајка сте на синовите Максим, Михаил и Матео. Како реагираат на вашата кариера? Се импресионираат ли кога ќе ве видат на голема сцена или за нив сте едноставно „мама“?
За синовите сум пред сè мама
За нив сум пред сè мама, без разлика дали сум на голема сцена или дома во пижами.
Секој од нив е различен. Максим е повеќе свртен кон спортот, Михаил има навистина голема љубов кон музиката и кај него можеби најмногу го гледам интересирањето за она што го работам, а Матео е сè уште мал и го открива светот на свој начин.
Многу ми е интересно да ги гледам како секој од нив различно реагира на мојата професија, сите тројца уживаат и се гордеат кога ме гледаат на сцена. Но, дома сепак нема многу „ѕвезден“ третман – таму сум само мама.
Проби, претстави, концерти, патувања и три деца... Кај вас постои ли фамозниот „баланс“ или имате прифатено дека понекогаш едноставно нешто мора да почека?
Не знам дали воопшто постои совршен баланс. Со три деца и со професија која често подразбира проби, претстави, концерти и патувања, секој ден е различен.
Најважно ми е кога сум со децата навистина да бидам со нив
Има моменти кога професијата бара повеќе од мене, а има моменти кога семејството е апсолутен приоритет. Со текот на времето, научив дека не мора сè секогаш да биде совршено организирано. Понекогаш нешто едноставно ќе почека и тоа е во ред. Најважно ми е кога сум со децата навистина да бидам со нив.
Вашата мајка ја споменувате како силна потпора. Дали поинаку ја разбирате сопствената мајка сега кога растете три деца?
Апсолутно. Мислам дека дури кога самиот ќе станеш родител почнуваш вистински да разбираш некои работи што твоите родители ги правеле за тебе.
Денес многу повеќе ја разбирам мојата мајка и сè што значи нејзината безрезервна поддршка. Таа е секогаш тука за мене и многу ми помага, особено кога треба да ги усогласам професионалните обврски со децата. Искрено, не знам како би изгледало сето тоа без нејзината помош.
Професијата ви налага често да бидете беспрекорно средени и постојано изложени на погледи. Кога е во прашање изгледот, умеете ли да бидете нежни кон себе или сте прилично строг критичар?
Сè зависи од она што го бара сцената и која е тематиката на настанот. Често соработувам со големи професионалци од модната индустрија, кои се грижат за мојот целосен изглед на сцена, а неретко и моите блиски пријатели ми помагаат околу истото.
Се случува и да се обидам сама да се ‘дотерам’ за на сцена и тогаш сум дури и престрога кон себе, но мислам дека на крај успевам да го достигнам изгледот што сум го замислила.
Настрана од сценските настапи, што најмногу ве исполнува во обичното секојдневие?
Дефинитивно времето со децата. Моето секојдневие со три момчиња ретко е мирно и здодевно.
Секој од нив има свои интереси, свој темперамент и свои потреби, така што секогаш нешто се случува. Многу ми значат токму тие обични моменти – разговорите, заедничкото време, нивните мали успеси, па дури и целиот тој секојдневен хаос. Го оживуваат детето во мене и онаа детска љубопитност, преку нив се потсетувам и на своето детство, и тоа за мене е вистинско уживање!
Сцената ми дава едно огромно исполнување, но дома е сосема друга емоција.
Ако денес можете да седнете на кафе со младата Наде која штотуку дипломирала и сонува за големите оперски улоги, на што би била најгорда кога би го видела вашиот живот?
Мислам дека би била горда што не сум се откажала од она што го сакам. Имав можност да одиграм прекрасни улоги и да се соочам со навистина големи професионални предизвици. Џилда, Виолета, Лучија... тоа се улоги за кои како млад пејач сонуваш.
Но, веројатно би била уште погорда кога би видела дека покрај сето тоа имам и три прекрасни деца. Како млада веројатно најмногу размислував за сцената и кариерата, а денес знам дека исполнувањето е многу пошироко од тоа.
Има ли улога која сè уште не сте ја одиграле, сцена на која не сте настапиле или музички предизвик кој останува ваша голема неостварена желба?
Секогаш има нешто. Мислам дека токму тоа е убавината на оваа професија – никогаш немаш чувство дека си завршил.
Една од улогите што би сакала да ја одиграм е Констанца во Моцартовата „Грабнување од сарајот“. Таа е навистина голем вокален предизвик и би ми било особено драго еден ден да ја поставам и неа во мојата професионална биографија.
Но, генерално, сакам предизвици и не сакам однапред да си поставувам граници.
По „Flowers Symphony“, што веќе е запишано во вашиот календар? Каде ќе ве видиме следно?
Имам неколку нови проекти што ги работам изминативе неколку месеци, кои со нетрпение чекам да ги довршам целосно и да ги промовираме. Нетрпелива сум да откријам за што се работи, но мислам дека е сè уште рано во оваа фаза. Но, мислам дека крајот на припремите е многу блиску и би требало оваа есен да почнам да ги откривам изненадувањата едно по едно. Едвај чекам!
А секако вие, а и јавноста ќе бидете известени кога ќе се закажат промоциите и се надевам заедно ќе уживаме во она што го спремам за сите вас.