Министерот Борко Ристовски со букет ја пречека Лина Ѓорческа по историскиот настап на Вимблдон: „Ова е успех на цела Македонија“
Министерот за спорт Борко Ристовски денеска во Владата ја пречека најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, која неодамна испиша историја со својот настап на Вимблдон.
Поранешниот голман ѝ подари букет цвеќе и преку социјалните мрежи ѝ упати честитки, истакнувајќи дека нејзиниот успех е гордост за целата држава.
„🎾🇲🇰 ПРЕЧЕК ЗА МАКЕДОНСКАТА СПОРТСКА ХЕРОИНА, ЛИНА ЃОРЧЕВСКА, ПО ИСТОРИСКИОТ НАСТАП НА ВИМБЛДОН
Со голема чест и гордост денеска ја пречекав нашата тениска хероина Лина Ѓорческа по нејзиниот историски настап на Вимблдон.🎾✨️
Лина испиша историја како прва македонска тенисерка што настапи на главната фаза на најпрестижниот светски тениски турнир. Тоа не е само личен успех – тоа е успех на цела Македонија. 👏
Со својата упорност, дисциплина и пожртвуваност, Лина покажа дека и македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот. 🇲🇰💪Како Министерство за спорт, ќе продолжиме силно да ги поддржуваме сите наши спортисти кои со својата работа, талент и резултати достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. Особено ќе се залагаме за создавање подобри услови за развој на индивидуалните спортови и за новите генерации млади шампиони.✨️👏
Посветено и храбро кон нови победи! 🏆🇲🇰“ - напиша Ристовски.
Иако Ѓорческа го заврши настапот во сингл конкуренција уште во првото коло, нејзиното учество останува историско. Македонската тенисерка стана првата од нашата земја која се пласирала во главниот жреб на Вимблдон, а во воведното коло беше поразена од американската тенисерка Аманда Анисимова со 6-3 и 6-2, во меч кој траеше околу еден час.