Марко Пејчиновски си ја избричи главата во чест на мајка му која почина од рак и за сите кои се борат со болеста
Марко Пејчиновски сподели емотивно видео кое никого не остава рамнодушен.
Момчето, кое на 12-годишна возраст го преплива Охридското Езеро, сега си ја избричи главата во чест на неговата покојна мајка Виолета и на сите кои се борат со рак.
Тој цели да им докаже на сите оние кои водат тешка битка со опаката болест дека не се сами и дека косата никогаш не била мерило за убавина.
„Пред пет години сакав да ја избричам главата... Но, мајка ми не ми дозволи. Кога се бореше со рак, од хемотерапијата ѝ падна косата и сакав да ја избричам и мојата, само за да знае дека не е сама. Но, таа не ми дозволи. Тоа ми остана едно од најголемите каења во животот. Губењето на косата многу ја погоди и почна поинаку да се гледа себеси, а јас никогаш не престанав да ја гледам како најубавата жена на светот“ – вели Марко.
„Ја бричам главата за секој што ја води истата битка. За секој што се погледнал во огледало и помислил дека изгубил дел од себе. Ако се бориш со рак, сакам да знаеш дека косата никогаш не била мерило на убавината“ – дополнува тој.
20-годишниот Охриѓанец ја има издадено книгата „Во чекор со судбината" за неговиот живот, а овој месец целиот профит од книгата тој ќе го донира за луѓе болни од рак.
„Пред 5 години, пливањето од 45 километри го посветив на мајка ми и на сите што се борат со рак. Денес, на истиот датум, сакам таа поддршка да продолжи. Затоа целиот профит од мојата книга и од маиците што ќе бидат продадени месецов ќе биде донирани за луѓето кои се борат со рак“ - порача тој.
Пејчиновски стана национален херој кога во 2018 година, на само 12-годишна возраст, стана најмладиот пливач што некогаш го препливал Охридското Езеро. Неговиот подвиг е уште повпечатлив ако се знае фактот дека се соочува со сериозен здравствен предизвик – инфаркт на коска (некроза) на долните екстремитети.
Неговата мајка Виолета беше неговата најголема поддршка и неизмерно веруваше во секој негов пливачки предизвик. Работеше како медицинска сестра во Општата болница во Охрид, а почина во јануари 2022 година, на 46-годишна возраст.
Во интервју за Фемина, Марко изјави:
„Тоа што прерано си замина не ја спречи мајка ми да ме научи на многу вредни нешта. Најважното нешто што ме научи, а кое и денес ме води низ животот, е верата во Бога. Не ме натера со сила да верувам, ми го покажа патот, а јас цврсто зачекорив по него. Знам дека и јас на ист начин ќе ги учам моите деца.“