• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Мајка ми замина прерано, но ме научи на најважното – верата во Бога“: Eмотивно интервју со неуморниот Марко Пејчиновски

14 јануари 2026, 04:08
  • cподели
Марко Пејчиновски

Марко Пејчиновски е вистински пример за храброст и истрајност со животно искуство кое многумина не би го стекнале ни во неколку животи. Тој е момчето кое на само 12 години го преплива Охридското Езеро, не за рекорди и аплаузи, туку како одговор на дијагнозата некроза на коска на долните екстремитети која му го промени детството и му го редефинира патот.

19-годишниот Охриѓанец е симбол на упорна борба – со телото, со болката, со загубата, со сомнежите. Преку пливањето, свесно и доследно се бори за подигање на јавната свест за децата со ретки болести, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат невидливи. Неговата мисија одамна ги надмина границите на спортот, а тоа е препознаено и со низа признанија и награди. Меѓу нив е и последната награда од „Ability Awards“ за „Влијание на јавна свест“, како и Повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на градот“, која ја доби уште во 2018 година, како исклучително млад, но веќе зрел пример за општествена одговорност.

Иако беше соочен со многу ограничувања, тој ја избра водата како свој простор на слобода, а пливањето како јазик преку кој зборува за верата, издржливоста и човечката сила.

За Фемина, Пејчиновски отворено се навраќа на некои од најтешките моменти – од детската лутина и чувството на неправда, преку загубата на мајката, до товарот на јавните очекувања. Искрено, без патетика, со зрелост што изненадува, тој ни дозволува да погледнеме зад огромните подвизи и да го запознаеме човекот кој навистина е.

Марио Пејчиновски

Својата сторија Марко наскоро ќе ни ја открие и низ книга. Заедно со неговиот татко Тони Пејчиновски, кој се потпишува како автор, на 20 јануари и официјално ќе ја промовира книгата за неговиот живот, насловена „Во чекор со судбината“. Книгата е хроника на спортските подвизи и интимно сведоштво за растењето, болката, верата и изборот да не се откажеш, раскажано низ заедничката приказна на татко и син.

Кога денес ќе се свртиш наназад, кое е првото сеќавање од детството кое те обликуваше како борец, уште пред јавноста да те запознае?

Болеста стана темелот врз кој се изгради човекот што сум денес

Дијагнозата на ретката болест што ја имам. Тоа не значеше само крај на сонот да станам фудбалер, всушност, тоа беше најмалиот проблем. Забраната за трчање, скокање и подолго пешачење значеше помалку социјализација, нагло зголемување на телесната тежина, намалена самодоверба и ослабена психичка стабилност.

Таа болест стана темелот врз кој се изгради човекот што сум денес.

Марио Пејчиновски
Марио Пејчиновски
Твојата дијагноза те соочи со реалност со која ретко кое дете се соочува. Како изгледаше моментот кога сфати дека животот нема да биде „нормален“ и како го прифати тоа?

Моментот кога го сфатив тоа е тешко да се опише. Како духот да го напушти моето тело и јас самиот да се гледав од страна, како ми се крши срцето.

Долго време не ми беше сфатливо и едноставно не можев да го прифатам. Бев лут на животот и постојано си го поставував прашањето: „Зошто мене?“

Но, откако го пронајдов пливањето, престанав да ја гледам болеста само како ограничување и почнав да ја доживувам како скриен благослов.

Пливањето влезе во твојот живот како терапија, а стана мисија. Кога сфати дека водата не е само лек, туку и твој простор на слобода?

По завршувањето на малиот маратон од Парк до Охрид, на 11 години, нешто во мене се разбуди, желба да направам повеќе. Посакав да пливам на 10-километарскиот маратон, но татко ми ме разубеди, велејќи: „Тоа е брзински маратон, ти пливаш без нозе и си побавен. Зошто не го испливаш целото езеро и да бидеш најмладиот што го направил тоа?“

По неколку разговори со семејството, одлучивме навистина да се обидам. Тоа беше почетокот на мојата пливачка приказна.

Марио Пејчиновски
Често си опишуван како херој и симбол за инспирација. Како ти лично се справуваш со таа тежина на очекувања од јавноста?

Целта на сè што правам е да инспирирам некого

Не чувствувам тежина, бидејќи пред сè сум човек, исто како и сите други. Тоа што го правам не ме прави „поголем“ од другите.

Се трудам да го правам она што мислам дека е правилно, со труд, посветеност и вера. Целта на сè што правам е да инспирирам некого, да му покажам дека сè е можно и дека може да направи исто, па и повеќе од мене.

Ако некој има позитивно мислење за мене, од срце му благодарам и се трудам секојдневно да го оправдам тоа.

Мајка ти беше твојата најголема поддршка и тивка сила зад сцената. Што најмногу научи од неа – нешто што и денес те води низ животот?

Тоа што прерано си замина не ја спречи мајка ми да ме научи на многу вредни нешта. Најважното нешто што ме научи, а кое и денес ме води низ животот, е верата во Бога. Не ме натера со сила да верувам, ми го покажа патот, а јас цврсто зачекорив по него. Знам дека и јас на ист начин ќе ги учам моите деца.

Марио Пејчиновски
Марио Пејчиновски
По нејзината смрт, продолжи да настапуваш и да зборуваш јавно. Од каде доаѓа силата да се оди напред кога личната болка е толку голема?

Сурова вистина е дека животот продолжува. Денот по нејзината смрт, сонцето повторно изгреа и зајде. Светот не застанува и не чека ние да бидеме подготвени. Животот е полн со искушенија и до нас е како ќе се справиме со нив. Имаме две опции: да се жалиме колку животот е неправеден или да го прифатиме тој факт и да продолжиме напред.

Твоите подвизи често ги надминуваат границите на спортот и навлегуваат во сферата на психичка издржливост. Кој беше моментот кога најмногу си се сомневал во себе?

На почетокот на овогодишниот триатлон, длабоко во себе знаев дека не сум целосно подготвен. Тоа беше поради премногу повреди што ме спречуваа да тренирам континуирано. Се сомневав во мојата способност да ја исполнам целта, но во тој момент психичката подготвеност го покри она што физичката не можеше.

Марио Пејчиновски
Во јавноста те гледаме како симбол на непокор, но кој е Марко кога камерите се исклучени? Што те плаши, а што те смирува?

Најмногу ме смирува мојата вера

Во принцип се трудам да бидам автентичен и пред и зад камера. Она што ме плаши е трката со времето, дали ќе ги направам сите работи навреме и дали татко ми ќе го дочека мојот успех. Премногу прашања и цели поврзани со времето. А најмногу ме смирува мојата вера. Таа е она што ме прави подобар човек.

Марио Пејчиновски
Сега ја споделуваш својата приказна и преку книга. Дали тоа е обид да се заокружи едно поглавје или начин да им помогнеш на оние кои тивко водат свои битки?

Мојата книга нуди нова перспектива за справување со проблемите

Кога книгата официјално ќе излезе во продажба, јас ќе имам речиси 20 години. На некој начин, тоа е заокружување на едно поглавје од мојот живот. Но, вистинската цел е луѓето што ќе ја прочитаат да се пронајдат во неа, да добијат надеж и инспирација за подобро утре.

Сите поминуваме низ искушенија, разликата е во тоа како се справуваме со нив. Оваа книга нуди нова перспектива за справување со проблемите и се надевам дека читателот ќе извлече поуки и ќе се инспирира да прави големи работи.

Марио Пејчиновски
Дали имаше делови од книгата кои беа премногу лични и тешки за споделување и што те натера сепак да не ги премолчиш?

Во книгата е опфатен секој значаен дел од мојот живот и нормално е да постојат делови што се тешки за споделување. Но, целта на книгата е да му помогне на некого да се пронајде, да му покаже дека постои подобро утре и дека не е сам. Токму поради таа цел, решивме да бидеме целосно транспарентни.

Што за тебе значи промоцијата на книгата и какви се твоите очекувања?

Оваа промоција кај мене буди трема, дури и повеќе од некои подвизи што сум ги направил. Затоа што сега ја споделувам приказната што ме дефинира како Марко. Не знам што да очекувам, но знам едно: ако оваа книга барем на еден човек му помогне, јас ќе бидам целосно задоволен.

Ако мајка ти можеше да биде присутна на промоцијата, што мислиш дека би ти рекла во тој момент?

Многу добро прашање за кое често размислувам, но немам одговор. Можам само да претпоставувам, а она на што се надевам е дека би била горда што заедно со татко ми нè пораснаа мене и брат ми на најдобар можен начин.

Како гледаш на младите денес? Дали мислиш дека имаат доволно примери за вистинска храброст и што би им порачал?

Многу млади мислат дека светот им должи нешто. Но, животот е суров и не го интересира од каде си, колку години имаш или со што се соочуваш. Има многу примери за успех во секоја област, тоа не е проблемот. Потребно е само да зачекорат на својот пат. Ќе паѓаат, ќе грешат, но така се учи. Никогаш нема да бидеш целосно подготвен ако не се обидеш, а животот секогаш наградува кога си искрено посветен и не се откажуваш.

Марио Пејчиновски
Имало ли моменти кога си бил разочаран од институции, од системот или од луѓето и како тоа влијаеше врз твојата доверба во општеството?

Секогаш ќе се трудам да ја претставам Македонија во добро светло

Сите знаеме каде живееме, па чудно би било да не сум бил разочаран од институциите. Во книгата има делови каде тие искуства се детално опишани. Но, тоа не ме спречило, ниту ќе ме спречи, да го гледам доброто во луѓето. Секогаш ќе се трудам да ја претставам Македонија во добро светло, не за политичарите или институциите, туку за народот.

Марио Пејчиновски
Што сè уште не си постигнал, а длабоко во себе го чувствуваш како следен личен предизвик?

Секогаш постојат недостигнати цели, спортски, како Ла Манш, или лични, како создавање семејство и пензионирање на татко ми.

Но, тоа се цели за утре. Јас секогаш се водам по едно прашање: „ако мојот живот ненадејно заврши денес, дали би бил задоволен од тоа како се одвивал?“

Досега, одговорот секогаш бил „да“.

Ако треба да се опишеш со една реченица, не како спортист, туку како човек, која би била таа?

Јас сум човек, верник во Бога, грешник како и сите други, кој се обидува да ги поместува своите граници, да го гледа доброто во луѓето и да прави добро.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Марко Пејчиновски

Најнови

  • Марко Пејчиновски

    „Мајка ми замина прерано, но ме научи на најважното – верата во Бога“: Eмотивно интервју со неуморниот Марко Пејчиновски

    Wed, 01/14/2026 - 04:08
  • Златен глобус 2026

    Холивудски гламур: Модата на Златен глобус 2026

    Tue, 01/13/2026 - 19:28
  • Бруклин Бекам за првпат фотографиран со Никола Пелц откако побара од родителите да контактираат со него само преку адвокат

    Tue, 01/13/2026 - 11:19
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.