Мајка на дете со аутизам со моќна порака на првиот училиштен ден: „Храброст не е да го понижиш послабиот пред друштвото“
Првиот училиштен ден за многу деца е ден исполнет со возбуда, нови тетратки, насмевки и нетрпение.
Но, за некои деца, зад новиот ранец се крие и стравот од она што ги очекува во училишните клупи.
Токму затоа, на почетокот на новата учебна година, вреди да се потсетиме дека најважните лекции не се учат само од учебниците. Тие се учат дома.
Амела Мемиш Апостоловска со силна порака ги потсетува родителите на нешто коешто понекогаш го забораваме: однесувањето на децата кон своите врсници започнува од примерот кој го добиваат дома.
Како мајка на дете со аутизам нејзината објава е повик оваа учебна година да започне со една поинаква лекција: „Да не дозволиме ниту едно дете да се плаши од училиштето затоа што е различно“.
‼️Пред да купиме нов ранец, нови патики и најнов телефон за првиот училишен ден, да се запрашаме нешто многу поважно а тоа е што му ставивме на детето во срцето❓️
Уште пред да ѕвони првото училишно ѕвоно, во некои домови веќе се слушаат тивки воздишки и стравови. Додека едни деца со возбуда ги подготвуваат ранците, други со стегнато грло ги бројат последните денови од распустот, знаејќи дека повторно се враќаат таму каде што некогаш биле повредени.
Кога детето ќе ти каже: „Кога ли ќе заврши и оваа година не можам веќе“, а годината сè уште не започнала, тогаш сфаќаш дека распустот не бил одмор од стравот. Само бил пауза.
Јас го знам тоа. Знам како изгледа кога детето ти се враќа дома тивко, скршено и со прашањето: „Зошто токму јас?“
Не го пишувам ова за да обвинувам родители. Напротив. Знам дека повеќето од нас се борат секој ден да бидат најдобри родители што можат. Но токму затоа мора да разговараме со нашите деца додека е време.
Да ги научиме дека различноста не е причина за исмевање. Дека дете со попреченост или без попреченост не е помалку вредно. Дека оној што седи сам не е „чуден“. Дека храброст не е да го понижиш послабиот пред друштвото, туку да застанеш покрај него кога сите други се смеат.
Телефонот може да ни помогне да останеме поврзани, но не може да ја заврши нашата работа како родители. Екранот не може да научи емпатија ако ние не ја живееме пред нив.
Затоа, седнете со вашите деца пред првиот училишен ден. Прашајте ги не само што сакаат да носат на училиште, туку каков човек сакаат да бидат таму.
Бидејќи инклузијата не започнува во училиштето.
Започнува дома.‼️И можеби најважната лекција оваа учебна година нема да биде напишана во ниту еден учебник:
Не мора сите да бидеме исти за да се почитуваме.
Пред првото ѕвоно да означи почеток на учебната година, нека биде и потсетник за сите нас:
Да не дозволиме ниту едно дете да оди на училиште со ранец на грбот и страв во стомакот. ❤️
Минатата година, во интервју за Фемина, Амела сподели како е да се има дете со аутизам.
„Да се биде мајка на дете со аутизам значи живот во свет кој постојано се менува, каде што структурата е спас, а непредвидливоста е дел од секој ден. Постои огромна количина љубов, но има и предизвици кои ја поместуваат секоја внатрешна граница“ – сподели таа.

