• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Кога имав сила, го ставав турбанот и излегував, не сакав болеста да ми го одземе животот“: Исповед на мајка на две деца од Прилеп за борбата со рак

25 октомври 2026, 16:01
  • cподели
Ивана Ѓорѓиоска

Меѓу првите насмевки на малото бебе, непроспиените ноќи и секојдневните мајчински радости, Ивана Ѓорѓиоска се соочила со застрашувачка дијагноза која ѝ го променила животот. Само месеци по раѓањето на синчето Галин, младата мајка од Прилеп дознала дека има Хочкинов лимфом во четврт стадиум.

Имала само 32 години, две мали деца и огромна желба да оздрави. Наместо безгрижни денови со семејството, следувале болнички престои, операција, хемотерапии, зрачења и исцрпувачки патувања меѓу Прилеп и Скопје. Најтешко ѝ паѓало тоа што морала да биде одвоена од децата, но токму Инес и Галин ѝ биле најголема сила и причина да продолжи да се бори.

Две години подоцна, по бројните тешки моменти, дошле и солзите кои толку долго ги задржувала. Кога лекарот ѝ рекол „Честитам, Ивана“, не можела да ги сокрие емоциите и конечно заплакала, но од среќа.

Во интервју за Фемина, 35-годишната хероина отворено раскажува за борбата со ракот, за мајчинството во сенката на тешката болест, за луѓето кои ѝ биле најголема поддршка и за животните лекции кои ги понела од искуството кое суштински ја променило.

Ивана Ѓорѓиоска
Ивана Ѓорѓиоска со семејството

Кога ги почувствува првите симптоми на болеста? Кога сфати дека нешто навистина не е во ред?

Почувствував топче на вратот, на почетокот беше безболно

Искрено, првите симптоми се појавија во првите месеци по раѓањето на мојот син. Бидејќи ми делуваа како постпородилни симптоми, не обрнав доволно внимание, сè додека не го почувствував тоа „топче“ на вратот. На почетокот беше безболно, но после околу шест месеци почнаа и болки на истото место, па дури тогаш побарав медицинска помош.

Koи мисли ти поминаа прво низ глава кога ја дозна дијагнозата? Што ти падна најтешко?

На денот на првата хемотерапија, сфатив дека е рак

Дијагнозата како „Ивана, имаш рак“ никогаш не ја слушнав. Мојата дијагноза беше Хочкин лимфом – нешто што не ми беше познато и не го гуглав. Хематологија за мене беше непознат поим. Се сеќавам дека дури на денот на првата хемотерапија, кога ми кажаа дека косата ќе ми падне, тогаш всушност сфатив дека е рак. Прво помислив на децата – не во смисла „како ќе растат без мајка“, туку „кој ќе ги чува тие Индијанци додека јас завршам со ова“. 😅

Дали се помири со дијагнозата веднаш или ти требаше време за да сфатиш со што се соочуваш?

Мислам дека човек дури кога ќе успее да помине низ ваква битка, дури тогаш станува свесен низ што поминал. Додека траеше лекувањето, не размислував многу – живеев од една до друга хемотерапија, како на „трка“ за што побрзо да заврши сè. Не ми требаше многу време за прифаќање. Најмногу ми помогна тоа што запознав луѓе кои поминале или поминуваа низ истото. Тие ми беа мотив и доказ дека можам и јас.

Ивана Ѓорѓиоска

Како им ја соопшти веста на најблиските? Кој ти беше најголема поддршка во текот на твоето лекување?

Не сакав сожалување или страв, затоа што тоа ме демотивираше

Искрено, никогаш не им реков: „Имам рак“. На сите им велев: „Имам Хочкин“ – па тие си гуглаа. 🤭 На мајка ми ѝ кажав дека имам нешто што се вика Хочкин и дека ќе морам да одам во Скопје на терапија. Таа веднаш разбра. Се трудев да бидам нормална за да и тие бидат нормални со мене. Не сакав сожалување или страв, затоа што тоа ме демотивираше. Најголема поддршка ми беа семејството, фамилијата и пријателите. Никој не го смени односот кон мене – напротив, кругот на пријатели ми се зголеми.

Какви беа прогнозите на лекарите, каде се лекуваше, колку време се лекуваше?

Докторот ми кажа „За ова има лек“ и тоа ми беше повеќе од доволно

Се лекував на Хематологија во Скопје. Болеста беше во четврт стадиум. Мојот доктор ми кажа: „За ова има лек.“ И таа реченица ми беше повеќе од доволна. Траеше околу две години. Примив осум хемотерапии, а потоа, по ПЕТ-скен, продолжив со 17 зрачења.

Ивана Ѓорѓиоска

Што ти беше најголема мотивација за живот во најтешките моменти?

Моите деца – дефинитивно. Тие беа мојата најголема сила. Кога имав подобри денови, ги поминував со нив и сопругот. Ќерка ми, која во тој период помина и две операции на крајници, ми беше дополнителна мотивација – па си велев: „Две хероини во една куќа“. 😝

Најтешки беа патувањата Скопје – Прилеп по хемотерапија, особено вториот и третиот ден, кога бев најисцрпена.

Со оглед на тоа дека во моментот беше мајка на две мали деца, како се снајде во тие моменти со таа твоја улога? Што ти беше ускратено, дали децата почувствуваа дека нешто се случува со тебе?

Мислам дека ова ми беше најтешкиот дел од целото лекување. Со оглед на тоа што син ми Галин беше бебе од само 8–9 месеци, морав нагло да го прекинам доењето. Искрено, одлуката ја прифатив полесно отколку самиот процес на прекин на млекото. Најверојатно затоа што токму тие денови јас бев на операција, а тој беше дома со фамилијата.

Немав време да се фокусирам на две работи истовремено. Не знаев како домашните се справуваат со Галин, а не знаев ни како тој ја доживеал таа нагла промена. Можеби ќе звучи малку себично, но тие денови бев фокусирана на себе и на тоа да оздравам. Беше навистина тешко да лежам во болница после операција, а истовремено да се борам и со прекинот на млекото. 🤭

Со Инес беше многу полесно. Ѝ кажавме дека одам во Скопје да ми ги извадат крајниците, исто како што претходно и неа ѝ ги извадија. Ѝ објаснувавме дека и возрасните мора да одат на контроли, исто како и децата.

Мислам дека децата не почувствуваа што навистина се случува

Во деновите по хемотерапијата, децата речиси никогаш не беа дома. Тоа беше благодарение на нашата фамилија и пријателите – баби, тетки, вујни... секој што можеше, помагаше. Така тие не ме гледаа во најтешките денови, кога имав мачнини и бев исцрпена. А штом ќе ми поминеше, продолжувавме да функционираме сосема нормално.

Искрено, мислам дека децата не почувствуваа што навистина се случува. И верувам дека мисијата со „моите крајници“ беше успешна. 🤍

Ивана Ѓорѓиоска

Дали опаѓањето на косата ја наруши твојата самодоверба? Како реагираше околината?

Ќерка ми ми ја скрати косата додека си игравме „фризерки“, и тоа ми помогна многу

Опаѓањето на косата ми беше најемотивниот момент. Тогаш првпат ја почувствував сериозноста на болеста. Но, тој момент траеше многу кратко – по околу половина час бев „вратена во нормала“. 🙂 Ќерка ми ми ја скрати косата додека си игравме „фризерки“, и тоа ми помогна многу. Перика носев само два пати, потоа користев турбан и немав проблем со тоа. Лоши коментари немав.

Хемотерапијата не го менува само телото, туку и човековата психа. Како ти се менуваше погледот кон себе додека траеше лекувањето?

Сфатив дека ништо не е поважно од психичкото и општото здравје на човекот. Ништо материјално не може да се мери со здравјето и вистинските луѓе околу нас. Редовните прегледи и самопочитта мора да бидат приоритет. Сè друго може да почека.

Ивана Ѓорѓиоска

Дали додека траеше лекувањето можеше да бидеш старата Ивана, да излегуваш, да се дружиш или пак се затвори во себе си и имаше депресивни моменти?

Не сакав болеста да ми го одземе животот додека јас се борам да си го вратам

Апсолутно останав истата Ивана како и пред лекувањето. Видете, не верувам дека ако му кажеш на некого: „Мораш да бидеш силен и позитивен“, тоа навистина ќе помогне. Стравот, тагата и потребата понекогаш да бидеш сам се сосема нормални. Не треба никој да се чувствува виновен поради тоа.

Мојот совет е само едно – штом почувствуваш дека можеш, излези од таа состојба и не дозволувај да останеш заглавен во неа. Јас, лично, секогаш кога ќе почувствував и најмал страв, си велев: „Погледни низ што сè поминуваат други луѓе. Колку мали дечиња, за жал, се борат со оваа болест... Ако тие можат да се борат, можам и јас.“ Тоа беше мојот начин да се вратам на позитивните мисли. И искрено, ми помагаше. Стравот не исчезнуваше магично, но не му дозволував да управува со мојот живот.

Кога имав сила, го ставав турбанот и излегував. Се дружев, се смеев и се трудев да живеам што е можно понормално. Не сакав болеста да ми го одземе животот додека јас се борам да си го вратам. 🤍

Дали некогаш почувствува лутина или неправда и се праша: „Зошто баш јас?“ Како денес гледаш на тоа прашање?

Не. Никогаш. Си велев: „Господ знае што прави. Ако ова е мое искушение – ќе го поминам.“ Напротив, чувствував благодарност што болеста беше откриена навреме.

Дали пак се сеќаваш на моментот кога ти кажаа дека ракот е излекуван. Што направи прво?

Во целиот процес не пуштив ни солза, но кога докторот ми рече: „Честитам, Ивана…“ – пукна мојата камена душа. 😅 Се изнаплакав од среќа. Прво се јавивме дома, па на блиските, а потоа, по неколку дена, го споделив и на Инстаграм за да мотивирам други.

Ивана Ѓорѓиоска

Дали и денес постои страв од враќање на болеста? Како се живее со тој страв без да ти го одземе мирот?

Страв постои и мислам дека никогаш целосно нема да исчезне. Контролите на секои три месеци ме смируваат. Пред секоја контрола си велам: „Ако има нешто, барем ќе е откриено на време и ќе биде полесно.“ Тоа ме смирува.

Што денес повеќе не го одложуваш и што научи да цениш, а претходно го земаше здраво за готово?

Искрено, не се многу работи сменети. Уживам во секој ден, благодарна сум и не се оптеретувам со ништо што не ме засега. Секој проблем го гледам како мал и решлив.

Не се сеќавам дека сум земала нешто здраво за готово – и претходно живеев така.

Како се чувствуваш денеска?

Фокусот ми е на позитивни мисли

Психички сум одлично, физички можам и подобро. 🤭 Работам, а после работа времето го поминувам со децата. Фокусот ми е на позитивни мисли, затоа што како што ни се мислите – таков ни е и животот.🥰

Ивана Ѓорѓиоска

Што би им порачала на сите оние кои се борат со оваа подмолна болест?

Сè може да се сруши, но ако останеш жив и со верба – секогаш можеш повторно да се изградиш

Да веруваат во Господ и во себе. Да не чекаат друг да ги турка – храброста доаѓа од самите нас. Мојата болест е лечлива и тоа е доволно да се верува – во себе, во медицината и во животот. Без плашење и без кукање – само напред. Сè е возможно денес. 🤍

И една финална порака: „Сè може да се сруши, но ако останеш жив и со верба – секогаш можеш повторно да се изградиш.“

Со оглед на сè што помина, која е Ивана денес во споредба со Ивана пред дијагнозата?

Денес сум многу посмирена и поблагодарна за сè што ми носи животот. Похрабра сум – во секој поглед и во секоја животна ситуација.

Денес нема проблем што може да ми го одземе мирот

Искрено, сметам дека лекувањето ми одзеде две години живот во исчекување да заврши целиот процес. Но, ми даде многу повеќе отколку што ми одзеде. Денес нема проблем што може да ми го одземе мирот. За секој проблем верувам дека постои решение. Некогаш патот до него е полесен, некогаш потежок, но решение секогаш има.

Мислам дека токму тука е најголемата разлика помеѓу Ивана пред и после дијагнозата. Порано од секој мал проблем знаев да направам голем. Мислев дека сама не можам да се справам, па секогаш ми требаше нечие мислење, поддршка или некој да го реши проблемот наместо мене. 🤭

Денес сè уште барам совет и мислење, затоа што никој не може сè сам. Но, на крајот верувам во себе и знам дека можам сама да донесам одлука и да се справам со ситуацијата. Освен ако не треба да бидам волшебник... тоа сè уште не сум. 😁🫶

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Ivana Gj. (@ivana.gjorgjioskaa)

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Ивана Ѓорѓиоска

Најнови

  • Ивона Антова

    „Колку сурово е да му честиташ роденден на детето кон небото“: Мајката на Ивона, која загина во пожарот во „Пулс“, со потресно писмо

    Sun, 10/25/2026 - 18:00
  • Ивана Ѓорѓиоска

    „Кога имав сила, го ставав турбанот и излегував, не сакав болеста да ми го одземе животот“: Исповед на мајка на две деца од Прилеп за борбата со рак

    Sun, 10/25/2026 - 16:01
  • Триумф на Ерменија на Детската Евровизија, Македонија на последно место

    Sun, 10/25/2026 - 10:40
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.