Ивона Антова, една од младите жртви на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вчера требаше да го прослави својот 23. роденден. Наместо со роденденска торта, подароци и прегратки, нејзините родители го дочекаа денот со солзи, фотографии и болни спомени за единственото чедо.
Нејзината мајка Стојка сподели потресно писмо во кое со неизмерна тага се присетува на заедничките моменти, роденденските прослави и малите ритуали кои некогаш им носеле радост. Се присетува и на годините во кои со сопругот чекале да станат родители, како и на соништата кои ги имале за иднината на Ивона.
„Колку неправедно, колку сурово, колку болно е да му го чеституваш роденденот на своето дете кон небото, наместо во прегратката“ – пишува неутешната мајка, чии зборови ја доловуваат празнината која останала по трагедијата на 16 март 2025 година.
Во продолжение е нејзиното емотивно писмо:
🖤😭 24.10.2003 – 24.10.2026 23 години од раѓањето на моето Ивонче… 19 месеци без тебе, чедо мое единствено! 🕊️🤍
Ивонче мое, душо наша, единствено чедо наше… 😭❤️
Каде си сега, мајкино, да бараме и да те прашаме каква торта да ти порачаме? Каде си, мило мое, да одиме заедно, како секоја година, да избираме облека за твојот роденден, да купуваме шминки, да го земеме твојот омилен парфем? Каде да ти закажеме, чедо мое, за да го прославиш роденденот со твоите другари и другарки?
Каде си, мајкино, да бидеш со нас, да ни се смееш, да ни раскажуваш што сакаш, како си го замислуваш роденденот, каде ќе одиш и со кого ќе славиш? Да те слушаме, да те гледаме, да ти се радуваме… онака како што правевме 21 година. 😭
Се сеќавам на твојот 21. роденден, мило мое.На три места го славеше, затоа што твоето срце беше големо и сакаше сите да бидат дел од твојата среќа. На планина-Пониква, во бар во Кочани, а потоа и во Скопје, кај другарите што не можеа да дојдат во Кочани. Со тортата отиде кај нив, во ресторантот, само за да го прославиш роденденот и со нив.
Таква беше ти, Ивонче мое — полна со живот, љубов и радост. Сакаше сите околу тебе да бидат среќни. А денес, мајкино, како да го славиме твојот роденден без тебе? 😭
Каде си, чедо мое, да те гушнам, да те бакнам, да ти ја помирисам косичката, да ти го видам лицето и да ти кажам колку те сакаме? Да пиеме кафенце како секогаш, да се смееме заедно, да си зборуваме за сѐ и за ништо… Само уште еднаш да го чујам твојот глас и да те имам во нашата прегратка.
Но, те нема, мило мое. Мајка те чека, татко ти те чека, нашата врата како да сѐ уште очекува да се отвориш и да влезеш со твојата насмевка. А ти никако да дојдеш… 😭🖤
Те Нема веќе ни тебе, ни твоите другари и другарки што заминаа со тебе. Како одеднаш да исчезнаа сите наши радости, сите наши планови, целиот еден свет што го имавме. Но, мајка, ми го нема ни своето дете. Моето Ивонче ми го нема. А народот продолжува да живее, да слави, да се смее… додека мојот свет застана на проклетиот 16 март 2025 година.
Мене ми го нема чедото, не на народот. Мене ми недостига моето дете секоја секунда, секоја минута, секој ден! 😭😭😭
Седум и пол години те чекавме со татко ти, чедо наше. По толку тешки години, Господ ни се смилува и ни те подари — нашето најубаво, најмило и најсакано детенце. Те гледавме како најголемо чудо, те чувавме како зеницата во нашите очи. За тебе живеевме 21 година, за тебе работевме, се мачевме, се откажувавме од многу работи, само за тебе ,да имаш убав живот, да бидеш среќна, да ги оствариш своите соништа.
Сакавме да те гледаме како растеш, како се радуваш, како стануваш жена, како го остваруваш својот сон да создаваш мода, да го освојуваш светот со својот талент и убавина. Сакавме да бидеме покрај тебе во секој твој успех, во секоја радост, во секој нов почеток.
Но, на 16.03.2025 година, сѐ ни беше одземено. Во огнот на „Пулс“ не замина само твојот млад живот, Ивонче мое. Со тебе заминаа и нашата иднина, нашите соништа и нашата семејна среќа. Од тој ден, ние само постоиме. Дишеме, но не живееме. Ги отвораме очите наутро, но не знаеме како да го поминеме уште еден ден без тебе.
Живот ли е животот без нашето единствено чедо? Не е, мило мое. Не е! 😭🖤
И сега доаѓа твојот роденден, мајкино. Денот кога те донесов на овој свет, на 24 октомври 2003 година. Денот кога започна нашата најголема љубов, нашата најголема радост, нашиот живот. Како сега да ти честитам роденден, кога не можам да те бакнам? Како да ти кажам „среќен роденден, мило мое“, кога не можам да те видам пред мене? Како да ја запалиме роденденската свеќичка без тебе? Како да ја исечеме тортата, кога твоето место е празно? Како да се радуваме, кога срцето ни плаче по тебе?
Ах, мајкино… колку неправедно, колку сурово, колку болно е да му го чеституваш роденденот на своето дете кон небото, наместо во прегратката! 😭😭😭
🎂🕊️ Среќен роденден на небото, мое најмило Ивонче! 🕊️🎂
Прослави горе, мајка, со анѓелите. Нека небото ти биде полно со светлина, цвеќиња и музика, нека ти ја исполнат секоја желба што ние не можеме да ти ја исполниме овде. Нека те прегрне небото онака како што ние би те прегрнувале денес, нека ти ја бакнуваат косичката и нека ти ја гледаат насмевката што нам ни беше целиот свет.
А тука, на земјата, мајка и татко ќе го поминат твојот роденден со солзи, спомени, фотографии и со љубов што ни смртта не може да ни ја одземе.
Ти не требаше да бидеш на небото, чедо мое. Требаше да бидеш тука, со нас, да полниш 23 години, да сонуваш, да се смееш, да живееш… да имаш цел живот пред себе.
На овој ден те донесов на свет само за да те сакам, да те чувам и да те гледам како растеш. Никогаш не замислував дека ќе дојде ден кога ќе морам да ти зборувам преку фотографија, да ти палам свеќа наместо роденденска торта и да те барам меѓу ѕвездите.
Те убија, Ивонче мое, а со тебе како да нѐ убија и нас. Ни го одзедоа најмилото, а нас нѐ оставија да учиме како се преживува со срце што никогаш повеќе нема да биде цело.
Те сакаме бескрајно, чедо наше единствено. Денес, утре, секогаш. До последниот здив, до последното чукање на нашите срца, до денот кога повторно ќе можеме да те прегрнеме. Среќен 23. роденден, наше најмило девојче! 🎂🤍🕊️
Од мајка ти и татко ти, кои би дале сѐ на овој свет само уште еднаш да те гушнат и да ти кажат: „Среќен роденден, Ивонче наше! Те сакаме најмногу на светот, душо наша. Ти си и засекогаш ќе останеш нашето единствено чедо, нашата најголема љубов, нашата светлина и нашата вечна болка.“
Те сакаме засекогаш, наше ангелче. Среќен роденден на небото, Ивонче наше најмило ! 🕊️🤍 ♾️😭🖤🪽Ivona Antova 🪽🖤😭♾️