Кристина Еплгејт низ солзи откри дека 6 години живеела со погрешна дијагноза: „Немам мултипла склероза, лекарите не знаат што ми е“
Кристина Еплгејт откри шокантни вести за своето здравје.
54-годишната актерка 6 години живеела со дијагноза мултипла склероза (МС) за којашто примала соодветно лекување, а сега сподели дека дијагнозата ѝ била погрешна. За жал, нејзините тешки симптоми и понатаму се присутни, а причината за нив сè уште не е позната.
Во емотивна исповед во подкастот „MeSsy“, Кристина раскажа за моментот кога дозна дека нема мултипла склероза.
„Докторката влезе во мојата соба и ми рече: ‘Честитки, немаш мултипла склероза’. Воопшто не бев среќна, иако сите други беа“ – рече таа низ солзи.
Кристина објасни дека новото сознание не ѝ донело никакво олеснување, бидејќи нејзината здравствена состојба не се подобрила. Напротив, вели дека симптомите ѝ се влошиле, а сега повторно мора да бара одговори за тоа што ѝ се случува од 2021 година наваму.
„Не можеш да добиеш погрешна дијагноза и одеднаш да ти биде подобро. Не ми е подобро, ако нешто, состојбата ми е полоша. Повторно сум на почетокот, не знам што се случува со мене“ – рекла таа.
„Изгубив сè. Ја изгубив работата. Што му велите на некој кој живеел со ова 6 години? Тоа ми го запре животот. Сè уште морам да користам инвалидска количка кога одам на лекар. Не можам да пешачам од автомобилот до ординацијата“ – рече Еплгејт, додавајќи дека ништо магично не се променило кога дознала дека нема мултипла склероза.
Лекарката Марва Кајси, која гостуваше во подкастот, објасни дека погрешните дијагнози за МС не се реткост, бидејќи не постои еден единствен тест кој со сигурност може да ја потврди болеста. Според неа, речиси еден од пет пациенти на кои им била поставена оваа дијагноза можеби всушност ја немаат.
Во меѓувреме, лекарите на Еплгејт ќе продолжат со испитувањата за да ја откријат причината за нејзините симптоми.
„Тоа е истата битка, само со друго име“ – рече таа, опишувајќи ја неизвесноста со која сега повторно мора да се соочи.
Болеста го оштетува миелинот, заштитната обвивка на нервите во централниот нервен систем и може да предизвика мускулна слабост, нарушувања на видот, вкочанетост, проблеми со меморијата и други симптоми.
Еплгејт објави дека страда од МС во август 2021 година додека ја снимаше третата сезона од серијата „Dead To Me“. По дијагнозата, отворено зборуваше за секојдневните предизвици, болката и заморот со кои се соочува поради болеста. Поради изразените здравствени потешкотии, таа низ годините користеше бастун и инвалидска количка, а носеше и пелени.
Во нејзината автобиографска книга, која стана бестселер на New York Times, Кристина ги опишува тинејџерските денови во Холивуд, траумите од минатото, како и соочувањето со тешката дијагноза.
Еплгејт во 2008 година се бореше и со рак на дојка. По извршена двојна мастектомија, беше објавено дека болеста е во ремисија.