„Имам фермани да пишувам, но солзиве ме издаваат“: Перо Камиказа со емотивна порака се прости од Драган Б. Костиќ
Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа, со емотивна порака на Facebook се прости со радио легендата Драган Б. Костиќ, кој почина пред два дена.
Музичарот, кој е еден од основачите на групата „Меморија“, раскажа дел од нивните заеднички искуства и последните планови кои ги кроеле заедно и сподели дека Драган му помогнал во градењето на кариерата.
Еве ја неговата порака:
Патувај во бескрајниот мир и спокој друже Драган... Пред неполна недела кроевме планови како треба да изгледа серијата за Меморија, се договаравме како треба да изгледа пресот во МКЦ на 22 декември... Ме преплави со информации и работи, кои јас сум ги заборавил и не сум знаел дека постојат. Учествуваше во мојот животен пат уште од диското „Турист“ во раните 70-ти, кога пушти танго пред време, за да можам да поканам една девојчица која рано си одеше, уште тогаш ти станав должник...
Во 80-тите, ја креираше мојата кариера, со многу пати пуштање песни од Меморија, кои по емитувањето едно стотина пати на „Диско селектор“ стануваа хитови, или што, ти би рекол, безвременски. Беше дел од мојот живот такаречи секојдневно од кога се познаваме, а се познаваме најмалку пола век! Имам фермни да пишувам, но солзиве, мислите и раката ме издаваат, прости ми.
И да, со Ристо кога ти ја донесовме Дирлада , беше првиот човек што ја чу. Рече имате безвременски хит, и како што бива кога ти ќе речеше тоа и се случуваше!! Уште еднаш нека ти е светол патот кон звездите и бескрајниот мир во кој припаѓаш. Со Тоше Поп Симонов сега ќе имате многу што да поприкажете, и знам ќе речете, оној лудион доле уште исправа криви дрини, ама па затоа... Толку простете.
Перо во ноември со јавноста сподели дека Драган „ја бие својата животна битка“, но дека неговата состојба се подобрувала.
Драган. Б. Костиќ овие неколку месеци ја бие својата животна битка, да се биде или не. Сполај му на Бога, но и вољата за живот, овие денови се слушаме и се подобро звучи. Мислата му е бистра, и на секое прашање одговара концизно и точно... Кога раснеш покрај ваков великан, цел живот, радоста кога Бог му ја враќа животната енергија е неизмерна. Имаме уше многу што да направиме и раскажеме заедно, затоа маестро ти посакувам што побрзо, целосно закрепнување и повторно беседење за се и сешто. Сполај ти боже што ни ги чуваш легендите - напиша Перо.