„И во петтата деценија секогаш на врвот!“: Бодибилдерката Катерина Попева прослави за 6-тото место на СП во Шпанија
Катерина Попева покажа дека годините воопшто не се пречка за врвни спортски резултати.
Македонската бодибилдерка освои одлично 6-то место на Светското првенство во бодибилдинг и фитнес 2026, кое се одржува во Санта Сусана, Шпанија.
„Ова е сè што треба да се каже. И во петтата деценија сè уште на врвот! 🏆
Но, работата не застанува тука. Со верба, работа и посветеност, соништата секогаш стануваат реалност.
Повеќе од горда што сум дел од оваа федерација, што стоиме рамо до рамо со светските атлети и ја претставуваме нашата држава во најдобро можно светло💪“ – напиша македонската спортистка на социјалните мрежи.
Попева успехот го одбележа и со фотосесија на плажа, во костим за капење, гордо покажувајќи ги совршено исцртаните мускулите на кои работи со години.
Минатата година, Катерина освои златен медал на истото првенство, а во интервју за Фемина отворено зборуваше за своите почетоци во бодибилдингот, но и за предрасудите со кои се соочува како жена во спорт во кој традиционално доминираат мажите.
„Најголемиот мит за жените во бодибилдингот е дека силата и мускулите ја одземаат женственоста. Но, женственоста не се мери во сантиметри на половина, ниту во процент на мускулна маса. Таа е став. Енергија. Самодоверба. Мускулите се резултат на дисциплина. А дисциплината не ја поништува мекоста, ја продлабочува самосвеста. Силна жена не е помалку жена. Таа е само жена што избрала да не се намалува за да биде прифатена“ – рече таа.
