• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Силата и мускулите НЕ ја одземаат женственоста, а зад мојата сила, стои меко срце“: Светската шампионка Катерина Попева за бодибилдингот

15 февруари 2026, 19:35
  • cподели
Катерина Попева

Зад нејзините светски титули и препознатливо сценско присуство стои приказна за девојче кое уште од 14-годишна возраст го избира фитнесот како свој начин на живот. Денес, Катерина Попева не е само светска шампионка, туку и тренер, ментор и симбол на професионализам во време кога квалитетот лесно се губи во квантитет. Во средина во која женската сила сè уште често се доведува во прашање, таа ја редефинира сликата за женственост.

Во интервју за Фемина, познатата македонска бодибилдерка, која го доби признанието за најуспешна спортистка во Македонија за 2025 година на изборот „Спортисти на годината“, отворено и гордо раскажува за љубовта кон спортот, за падовите што ја изградиле, за предрасудите што никогаш не ѝ станале граници, за болката од загубата на татко ѝ, но и за моментот кога со свои раце го развеа македонското знаме на светската бодибилдинг сцена во Санта Сусана во Шпанија.

Катерина Попева

Нејзиниот пат не се темели на брз успех. Нејзината инспиративна приказна е хроника на постепено градење и развивање, низ кое се води со една иста филозофија: ништо половично, ништо без цел, ништо без карактер.

Како започна твојот пат во бодибилдингот и дали тогаш можеше да замислиш дека ќе станеш светска шампионка?

Како што навлегував во спортот, се роди мислата: „еден ден ќе се вее нашето знаме“

Од своите 14 години сум во фитнесот. Овој спорт не го избрав случајно, го живеев уште од мали нозе. Го следев, го учев, му се восхитував. На 28 години донесов одлука професионално да се посветам на натпреварите. Со секој излез на сцена, сè повеќе се вљубував во процесот во дисциплината, жртвата, болката, победата над себе. Тогаш не ни можев да замислам дека ќе станам светска шампионка. Но, како што навлегував подлабоко во спортот, во мене се роди една мисла „еден ден ќе се вее нашето знаме“.

Имам силен компетитивен дух и сум бескомпромисно темелна. Кога ќе започнам нешто, не играм на половина. Јас играм за да бидам најдобра.

Катерина Попева
Катерина Попева
Кој беше најтешкиот момент во кариерата што те натера да се запрашаш дали да продолжиш и што те задржа?

Кога го изгубив татко ми, си реков: „Ова е крај. Немам сила да продолжам.“ 

Не можам да одвојам само еден тежок период, затоа што предизвици имало многу. Речиси после секој натпревар, кога ќе се соочев со потешкотии, знаев да си кажам: „Готово, ова е последен“. Но, кога ќе поминеше бурата и ќе си дојдев на себе, повторно бев гладна. Гладна за уште еден предизвик, уште една сцена, уште едно докажување пред себе.

Еден од најтешките удари во мојот живот беше ова лето, кога го изгубив татко ми. Тогаш навистина си реков: „Ова е крај. Немам сила да продолжам.“ Но, постоеше еден тивок глас во мене. Глас што не ми дозволуваше да останам на земја. Глас што ме тераше да станам, чекор по чекор и никако да не помислам да се откажам. Секогаш кога сум се соочувала со најголемите предизвици, токму тогаш нешто во мене се будело. Наместо да се скршам, јас се градам. По природа сум борец. Лошите искуства не ги користам како изговор, ги користам како гориво.

Катерина Попева
Катерина Попева
Колку е тешко за една жена да успее во спорт кој сè уште се смета за „машки“ и со какви предрасуди си се соочувала?

Силата не ја одзема женственоста, таа ја нагласува. Дисциплината не е екстремност – таа е карактер

Се соочував и со многу предрасуди: „Ова не е женствено“, „Овој спорт не е за жена“, „Премногу мускули“, „До кога ќе се натпреваруваш, време ти е за деца“, „Екстремно е“... Слушав сè. Но, јас сум воспитана да стојам зад тоа што ме прави среќна, без разлика дали околината го прифаќа или не.
Никогаш не дозволив туѓите ограничувања да станат мои. И секогаш сум сакала да бидам поразлична. За мене силата не ја одзема женственоста, таа ја нагласува. Дисциплината не е екстремност – таа е карактер. На крајот, го правам она што ме исполнува.

И со резултатите што ги постигнав, верувам дека го докажав спротивното од сите сомнежи. Со ова признание, овој спорт направи чекор напред. Излезе од маргините и доби место што одамна го заслужува.

Катерина Попева
Кои лични жртви ги направи на патот кон врвот — во приватниот живот, социјалните односи или секојдневието?

Тој што вистински те сака, секогаш ќе те поддржува во сѐ што те исполнува

Никогаш не сум ги гледала овие работи како жртви. Затоа што кога нешто навистина го сакаш и уживаш во секој дел од процесот, тогаш жртва би било да не го правиш. Да, изгубив пријателства, врски и партнерства. Но, секој пат тоа беше дел од моето растење. На крајот на краиштата, не биле вистински. Тој што вистински те сака, секогаш ќе те поддржува во сѐ што те исполнува.

Да не беше спортот, немаше да пораснам толку, ниту да се изградам како зрела и стабилна личност. Од целиот процес научив дисциплина не само во тренингот, туку во животот. Научив трпение, самоконтрола, истрајност. Храната, режимот, одрекувањата никогаш не сум ги ставала во категорија „жртва“. Кога имаш јасна цел, ништо друго не е поважно. Сè станува дел од патот. Овој спорт не ми одзеде ништо. Ми даде карактер.

Какво беше чувството во моментот кога сфати дека освои златен медал на Светското првенство во фитнес и бодибилдинг во 2025? Што ти помина низ глава тогаш?

Ако мотивирам барем едно момче или девојка да не се откаже кога е најтешко, тогаш секоја борба имала смисла

Чувството беше магично и неописливо. Победите се убави, слатки и вредни, но највредно од сè е патувањето до нив. Особено сум среќна што со тивка, посветена работа низ сите овие години успеав да бидам пример. Ако мојата приказна мотивира барем едно младо момче или девојка да не се откаже кога е најтешко, тогаш секоја борба имала смисла. Верувам дека секој човек може да биде најдобрата верзија од себе, без разлика дали тоа е во спортот или во кое било поле во животот.

Потребни се вера, дисциплина и храброст да останеш доследен на себе. А јас сум доказ дека кога срцето, умот и работата се во иста насока, резултатите се неизбежни. Ова е она што ми помина низ глава. Исто така, си помислив „Ехх.. татко ми да беше тука сега, да ме видеше“.

Катерина Попева
Катерина Попева
Катерина Попева
Дали сметаш дека твојот физички изглед понекогаш ги заплашува мажите да ти пријдат и како ти лично го доживуваш тоа?

Сакам покрај мене луѓе што не се плашат од силна жена, туку ја почитуваат

И да и не. Не мислам дека луѓето се плашат од самиот изглед. Повеќе ги плаши различноста. Ги потсетува на дисциплина, на работа, на избори што можеби тие самите не ги направиле. Секако, не сите, но има и такви. Јас никого не убедувам да ме разбере. Кој се плаши од силата, не мора ни да приоѓа.

По природа сум силна, истрајна и гласна кога станува збор за тоа во што верувам. Но, зад таа сила стои и многу меко срце. Емотивна сум, чувствителна и длабока. Затоа сакам покрај мене луѓе што не се плашат од силна жена, туку ја почитуваат. Оние што имаат предрасуди, едноставно не се за мојот свет.

Катерина Попева
Како го доживуваш признанието за најуспешна спортистка во Македонија за 2025 година на изборот „Спортисти на годината“? Што значи тоа за твојата понатамошна кариера?

Признанието Најуспешна спортистка во Македонија го прифаќам со огромна благодарност

Ова е огромно признание за целиот труд што сум го вложила до денес. За мене, ова признание ми е подраго од која било светска титула. Секако дека ми значи и во кариерата, и како спортист, и како тренер. Во време кога секој втор човек лесно се декларира како фитнес тренер, ваквото официјално препознавање на квалитет, работа и резултати има посебна тежина.

Ова не е само награда. Ова е кредибилитет. Потврда дека трудот, дисциплината и интегритетот секогаш испливуваат на површина. И како спортист, и како професионалец стојам зад тоа што го работам. Ова признание го прифаќам со огромна благодарност!

Катерина Попева
Кој е најголем мит за жените во бодибилдингот, што би сакала еднаш-засекогаш да го разбиеме?

Силна жена не е помалку жена. Таа е само жена што избрала да не се намалува за да биде прифатена

Најголемиот мит за жените во бодибилдингот е дека силата и мускулите ја одземаат женственоста. Но, женственоста не се мери во сантиметри на половина, ниту во процент на мускулна маса. Таа е став. Енергија. Самодоверба. Мускулите се резултат на дисциплина. А дисциплината не ја поништува мекоста, ја продлабочува самосвеста. Силна жена не е помалку жена. Таа е само жена што избрала да не се намалува за да биде прифатена.

Како изгледа твојот живот надвор од салата, Катерина како жена, а не како шампионка?

Сакам журки. Сакам музика. Социјална сум, сакам луѓе, разговори, смеа. Сакам уметност. Цртам, читам, слушам добра музика и патувам. Ми треба инспирација исто колку што ми треба и тренинг. Не сум само дисциплина и рутина. Јас сум енергија. Боја. Движење. Едноставно уживам во животот како да нема утре.

Катерина Попева
Што би им порачала на младите девојки кои сакаат да тргнат по твојот пат, но се плашат од осуда?

Ако јас успеав, може секоја од вас

На младите девојки кои сакаат да тргнат по мојот пат, би им порачала „слушајте го срцето“. Никогаш не се откажувајте од она што ви го разгорува срцето и ве прави среќни, без разлика што ќе каже околината. Бидете упорни. Доследни. Различни. И никогаш не се задоволувајте со минимум. Патот нема секогаш да биде лесен, но со труд, дисциплина и вера во себе соништата не се само желби, туку цели што се остваруваат. Ако јас успеав, може секоја од вас.

Катерина Попева
Катерина Попева

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Катерина Попева
бодибилдинг

Најнови

  • Катерина Попева

    „Силата и мускулите НЕ ја одземаат женственоста, а зад мојата сила, стои меко срце“: Светската шампионка Катерина Попева за бодибилдингот

    Sun, 02/15/2026 - 19:35
  • „Најитна кампања досега“: Апел за да ја спасиме 8-годишната Ана која има редок и агресивен тумор на синусите

    Fri, 02/13/2026 - 14:43
  • Филип Кузмановски и Моника Игнова

    „Неговата упорност ми стана сигурност, а неговото присуство – мир“: Моника за љубовта со ракометарот Филип Кузмановски

    Fri, 02/13/2026 - 14:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.