Горди на Ана! Македонската претставничка на Детската Евровизија со еуфоричен пречек во нејзиното училиште
Со громогласно ракоплескање, широки насмевки, забавни транспаренти, креативни подароци и многу љубов, Ана Стојаноска беше пречекана во нејзиното училиште во Струга по настапот на Детската Евровизија.
Младата пејачка, која ја претставуваше Македонија на музичкиот натпревар, наиде на силна поддршка од нејзините наставници и соученици од ООУ „Јосип Броз Тито“.
„Со гордост и љубов ја пречекавме нашата Ана Стојаноска!
Нашата ученичка Ана нè исполни со радост и гордост! Нејзиниот настап на Детската Евровизија ни покажа дека со талент, труд и храброст се освојуваат срцата.
Денес со насмевки, аплаузи и многу љубов ѝ посакавме добредојде на нашата евровизиска ѕвезда!
Ана, горди сме на тебе! Продолжи да блескаш!“ – напишаа од училиштето.
Пречекот силно ја трогна Ана, која на социјалните мрежи сподели колку ѝ значи поддршката.
„Денес беше ден кој долго ќе го паметам!
Огромна благодарност до моето училиште, до сите наставници кои ми приредија преееекрасен пречек и ме дочекаа со толку многу поддршка и изненадувања.
Овој ден засекогаш ќе остане во моето срце како еден од најубавите спомени!
Ви благодарам од срце!“ – порача таа.
Ана настапи во Малта со песната „Идната јас“ и се пласираше на 16. место меѓу исто толку учесници.