Инфузии, болнички соби и тивки молитви: Мајка сподели важна порака по тешкото искуство на 11-месечното синче со варичела
Варичелата, позната и како овчи сипаници, најчесто се поврзува со детска болест која поминува без поголеми проблеми.
Но, искуството на Викторија Секуловски покажува дека понекогаш ситуацијата може да биде многу посериозна, особено кога станува збор за најмалите. Нејзиниот 11-месечен син Матеј се заразил со варичела, поради што завршиле во болница.
Викторија одлучила јавно да го сподели нивното искуство за да ги информира родителите и да потсети дека е важно навреме да побараат медицинска помош.
Ова е нашето искуство. Секое дете е различно, затоа за медицински совети секогаш обратете се кај педијатар.
->Варичелата не е секогаш само обична детска болест…
Мојот Матеј има само 11 месеци, а поради варичела — овчи сипаници — сега сме во болница. ❤️🩹
Сакам да споделам нешто што секој родител треба да го знае.
Варичелата е многу заразна вирусна инфекција. Иако кај многу деца поминува без сериозни проблеми, кај бебињата помали од една година постои поголем ризик од компликации.
Може да предизвика висока температура, осип со меурчиња, дехидратација, инфекции на кожата, а понекогаш и посериозни компликации.
Затоа, доколку вашето бебе има симптоми или било во контакт со лице заболено од варичела, контактирајте со педијатар. Не чекајте состојбата да се влоши.
Ако бебето е многу поспано и тешко се буди, тешко дише, не пие течности или има значително помалку мокри пелени, побарајте итна медицинска помош.
Не ги изложувајте децата намерно на варичела со мислата дека е подобро да ја прележат додека се мали.
Ова го споделувам не за да ве исплашам, туку за да ве информирам.
Информиран родител може навреме да побара помош. ❤️
Чувајте ги своите малечки ❤️🩹 - стои во објавата на мајката по хоспитализацијата.
Откако Викторија и Матеј ја оставија здравствената битка зад себе и си заминаа дома, таа сподели уште едно видео и напиша:
Денови што никогаш нема да ги заборавам… 🥺❤️
Инфузии, болнички соби, тивки молитви и една мајка која посакува само едно — нејзиното дете да биде добро.
Додека те држев за рака, малечок мој, во себе се молев Господ да те чува и да ни даде сила да го поминеме и ова. 🙏🏻
И конечно дојде моментот што толку многу го чекавме…
СИ ОДИМЕ ДОМА! 🏡😭❤️
Фала Ти, Господе, што ми го чуваше детето. Фала им од срце на докторите и медицинските сестри од Инфективната клиника за грижата, посветеноста и човечноста.
Матеј, ти си моето мало херојче. ❤️
Дома нè чека твоето братче, а мене ме чека најубавата глетка на светот — моите две деца заедно, под еден покрив. 🥹
Фала Му на Господ за најголемиот благослов — здравјето на моите деца. 🙏🏻❤️