Филип Ѓоргиев, познат како момчето кое стои зад профилот на „Кеса на 10“, направи нова акција.
Неуморниот скопјанец, кој постојано апелира за заштита на животната средина, нурна да го чисти дното на Охридското Езеро, а излезе со неколку кеси полни со шишиња, пластика и најразлични видови отпадоци.
„Инаку Охридското Езеро не е било какво езеро, старо е повеќе од два милиони години, што го прави едно од најстарите езера во светот. Во него живеат повеќе од 200 растителни и животински видови што не постојат на друго место во светот. Така што, замисли си ако исчезнат тука, исчезнуваат од целата планета и баш затоа жално е што на неговото дно завршуваат пластични шишиња, лименки и друг отпад. Не затоа што езерото ги создало, туку затоа што друг некој ги фрлил“ - вели Филип во видеото.
Во неодамнешно интервју за Фемина, Филип сподели дека најмногу го изненадило кога ја започна иницијативата „Кеса на 10“ тоа што луѓето се навикнати да живеат во загадена околина:
Искрено, не ме изненади колку е загадено. Тоа го знаев. Ме изненади колку луѓе го игнорираат. Како да е нормално. А од друга страна, ме изненади и колку брзо луѓето се приклучија, кога видоа некој да почне.