Не е срамота да чистиш, срамота е да фрлаш ѓубре: Запознајте го Филип кој ја чисти некултурата низ Скопје
Додека повеќето млади ја користат моќта на социјалните мрежи за лична промоција, еден 22-годишен скопјанец реши својот „feed“ да го претвори во борбено поле за почиста животна средина. Неговата математика е едноставна, а нејзиниот резултат е моќен: на секои 10 нови следбеници – една црна кеса ѓубре помалку на скопските улици.
Филип Георгиевски е лицето зад профилот „Кеса на 10“, име кое за кратко време стана синоним за граѓанска одговорност и вистински волонтерски ентузијазам. Со досегашни 31.500 следбеници и неверојатни 3.042 собрани кеси, тој стана жив доказ дека за голема промена понекогаш се доволни еден пар ракавици, силна волја и желба да се живее во град кој дише.
Неговата иницијатива го чисти ѓубрето, но ја чисти и колективната апатија, станувајќи пример кој ги сплотува генерациите. За Фемина, Филип ја раскажува својата приказна, од првата собрана кеса, преку предизвиците на скопскиот асфалт, па сè до визијата дека нашето „малку“ е сосема доволно за да направиме колективно „многу“.
Што те изненади најмногу кога почна да собираш ѓубре и го отвори профилот „Kеса на 10“ – колку е загадено или како реагираат луѓето? Дали очекуваше толкав одзив и популарност?
Искрено, не ме изненади колку е загадено. Тоа го знаев. Ме изненади колку луѓе го игнорираат. Како да е нормално. А од друга страна, ме изненади и колку брзо луѓето се приклучија, кога видоа некој да почне.
Дали пак некогаш си прекорил некој кој пред тебе фрла ѓубре?
Ако има моменти кога ќе фрли некој пред мене, само го зeмам ѓубрето и му кажувам дека тоа не е место за ѓубрето. Тоа повеќе кажува од било што. Малце непријатно им станува.
Што е најчудното нешто што си го нашол додека си чистел?
Најлошата работа што ја имам најдено е дефинитвно шприц со игла на него.
Ако можеше на еден ден да бидеш градоначалник, кои работи би ги сменил за да има помалку ѓубре во градот?
Би вовел еко полиција која ќе казнува за секој фрлен отпад на улица.
Дали паметиш кој беше првиот случаен минувач што решил да ти помогне? Какво беше тоа искуство?
Ги памтам да, не беа многу, двајца беа. Не кажаа ништо посебно, само дојдоа и почнаа да чистат. Искрено едно големо ФАЛА за нив.
Што мислиш, зошто на луѓето понекогаш им е полесно да фрлат ѓубре на улица отколку да го фрлат во канта?
Затоа што мислат дека никој не ги гледа и мислат дека ништо нема да се смени.
Кога организираш акција, дали се чувствуваш повеќе како лидер, како пример или како некој што само сака да направи нешто добро?
Супермен (хаха), се шалам, искрено сум најнормалниот Филип кој само дента одлучил дека е време за промена.
Што сакаш да научат децата за животната средина од млад волонтер како тебе?
Дека не е срам да чистиш, туку да фрлиш и дека секоја работа што мислат дека е мала, може да стане многу голема!
Што е потешко – да се собере ѓубрето или да се сменат навиките на луѓето?
Да се смени навика дефинитивно. Да собереш ѓубре ќе потрае неколку часа, меѓутоа менување навика може да потрае и со години.
Кој момент од сите акции досега најмногу ти останал во сеќавање?
Па би рекол акцијата која што беше на кејот, се собраа толку луѓе, толку деца, што искрено бев пресреќен. Почнав сам, а на некоја од акциите се собраа толку многу луѓе.
Дали има место во градот што посебно сакаш да го направиш чисто и зошто?
Сите места за кои луѓето ми кажале „е на ова место му нема спас“.
Кога ќе видиш дека местото што си го исчистил повторно е валкано, што си велиш самиот на себе?
Искрено не се нервирам како на почеток. Само гледам дека е процес кој може да трае и трае.
Кој е Филип приватно? Кое мото те води низ животот?
Филип нема разлика на камера и приватно, за себе можам да кажам дека уживам додека работам. Мото кое ме води во животот: Сѐ што правиш, прави го 100%.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk