Ако со доаѓањето на летото вашиот Instagram feed се претвора во бесконечна ревија од невестински фустани, фаќање бидермаери и романтични први танцови, не сте единствени! Изгледа како сите околу нас наеднаш да решиле да застанат на „лудиот камен“, но што вели статистиката? Кога Македонците прават најмногу свадби и на која возраст ставаат бурма на раката?
Ги разгледавме најновите статистички податоци за 2025 година кои откриваат интересни трендови за љубовниот и семејниот живот во Македонија.
Невестите брзаат до 30-ка, младоженците си го тераат ергенлакот
Статистиката е јасна: девојките кај нас претпочитаат да го кажат судбоносното „ДА“ пред да ја дувнат 30-тата свеќичка на тортата. Просечната возраст на македонската невеста при првиот брак е 27.5 години. Од друга страна, момците очигледно сакаат малку повеќе да уживаат во ергенскиот живот и слободата, па пред матичар застануваат со просечни 30.2 години.
Интересно е што кога станува збор за втори или трети шанси во љубовта, мажите се тие што похрабро стискаат „рестарт“, па така почесто се решаваат за втор или трет брак отколку жените.
Август е „бојно поле“ за термини, во март е тивко
Ако планирате свадба во август, подгответе се за сериозна конкуренција при резервирање на ресторан, бенд или фризура/шминка! Бројките велат дека август е апсолутен хит, со дури 1.362 венчавки, што значи дека дури 13% од сите свадби во годината се збиени во овој летен месец.
Но, ако мразите стрес околу барање слободни термини или едноставно сакате сите гости да ви дојдат (бидејќи не се на одмор во Грција), март е вашиот спасител. Во овој месец минатата година биле склучени само 473 бракови, што го прави најнепопуларен, но и најпрактичен месец за организација.
Помалку свадби, повеќе разводи
Бракот како институција бележи благ пад. Во 2025 година се склучени 10.507 бракови, што е за 5.1% помалку во однос на претходната година. Од друга страна, бројот на разводи е зголемен за 8.0%.
Критичната точка за македонските бракови очигледно е периодот од 5 до 9 години по венчавката, кога се случуваат најголемиот број од разделбите (над 21%). Според возраста, најчесто се разведуваат лицата кои се наоѓаат во старосната група од 35 до 39 години.