Емотивна слика: Фудбалерите на ПСЖ ѝ оддадоа почит на ќеркичката на Луис Енрике која почина од рак на 9 години
Освојувањето на титулата во Лигата на шампионите беше исполнето со емоции за тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике.
Неговите фудбалери се погрижија еден од најважните моменти во кариерата да биде уште посебен за него. Пред големото финале, играчите излегоа на теренот со специјално знаменце на кое беше прикажана емотивна илустрација од Луис Енрике и неговата ќерка Шана која почина од рак на 9-годишна возраст.
Цртежот беше инспириран од познатата фотографија направена во 2015 година, кога Енрике ја освои својата прва титула во Лигата на шампионите како тренер на Барселона, а малата Шана гордо седеше на неговите рамења за време на прославата.
Гестот ги трогна навивачите ширум светот и беше доживеан како голема почит кон девојчето кое почина во август 2019 година по тешка битка со остеосарком, редок и агресивен рак на коските.
@foootix98 l’hommage du PSG à Xana 🕊️ . #psg #finale #ucl #rip ♬ Another Love - 𝐏𝐌𝐕
Ова не е првпат фудбалскиот свет да ја испочитува Шана. И минатата година, навивачите на ПСЖ подигнаа огромен транспарент, потсетувајќи дека таа и понатаму има посебно место во срцето на татко ѝ.

Луис Енрике претходно отворено зборуваше за загубата на ќерката, истакнувајќи дека таа никогаш не е далеку од него.
„Беше многу емотивно, но не треба да победам во Лигата на шампионите, дури ни да победам во натпревар, за да мислам на мојата ќерка. Мојата ќерка е секогаш со мене и таа е тука. Таа го поддржува нашето семејство и го чувствувам нејзиното присуство. Се сеќавам на сè што поминавме заедно и навистина ги гледам позитивните нешта од негативна ситуација. Тоа е мојот менталитет. Тоа е менталитетот на моето семејство. Со восхит го гледав транспарентот, но навистина не ми треба трофеј за да мислам на ќерка ми“ – рече тој по финалето минатата година.
