„Два пати пукнат нос, шината рака, трауми ТОН“: Кики Мукаетова преку потресно сведоштво апелира за ОДГОВОРНОСТ и казни
„И денес, на 18 години, уште го памтам стравот со кој одев во училиште“, пишува Кики Мукаетова во емотивна и потресна реакција на врсничкото насилство во Аеродром кое ја фрапира јавноста.
Отворајќи се за сопствената голгота низ која поминала како десетгодишно дете, како и загриженоста за средината во која расте нејзиниот брат, младата креативка апелира за одговорност и најстроги казни:
Два пати пукнат нос, шината рака, трауми ТОН. Долги години работа со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го памтам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор.
За сестрите имаше анти-групи на социјални мрежи. Брат ми, на 7 години исто така помина низ траума...
До кога ќе гледаме ДЕЦА како тепаат, понижуваат, а сега, па и снимаат??!Колку треба да си несреќен на скала од 1 до 100 за да направиш вакво нешто? Вие што хушкате од страна додека јадно дете е млатено и понижувано: Дали ОЗБИЛНО мислите дека сте јаки?
Брат ми е на иста возраст како Дарија и останатите деца. Не сакам да расте во средина каде што насилството е забава, а туѓата болка повод за снимање.
Ниту едно дете не заслужува преплашено да излегува од дома.
Очајно ни треба ОДГОВОРНОСТ! Казни ама најстроги!!
И за децата што вршат насилство и за родителите кога ја занемаруваат својата одговорност.
Како општество, некако многу брзо забораваме. Но, децата што го преживеале овој хорор не забораваат никогаш 💔
Кики ги охрабрува сите оние кои се соочуваат со слични ситуации, без оглед колку тешко им е во моментот, да не се повлекуваат во себе:
„После два дена пиши-бриши, можам само да кажам: дечки, не молчете. Пријавете на време. Молкот ништо нема да реши. Само ќе го направи проблемот поголем. Има начин, има институции, има луѓе што ќе ве сослушаат. Пробајте ❤️“