11-годишната Вики по вторпат ја победи леукемијата: „Беше претешко да се најде донор, но Господ е голем“
Викторија Костадинова ја доби најважната битка, битката за живот.
11-годишното девојче, кое по вторпат се бореше со леукемија, сега конечно може да си оди дома кај родителите и сестричката откако излезе како победник.
Убавата вест ја објави нејзината мајка Мери, а ја сподели и Христина Младенов, позната како Христина Пан.
„Се сеќавате на Вики? Минатата година во март се бараше донор за коскена срцевина. Знам колку од вас го споделија тоа видео и отидоа да се проверат дали се компатибилни. Беше претешко да се најде донор, но Господ е голем. Ви ветив дека ќе споделам и за убавите вести. Почекавме малку подолго, ама фала му и слава му на Бога, Вики по втор пат ја победи леукемијата и од денес ќе се гушка со сестричката и семејството само дома. Вики те сакаме најмногу и те гушкаме најсилно со Тара. И посебно ја гушкам МАМА, двете сте ХЕРОИНИ и ПОБЕДНИЦИ“ – напиша Христина на Instagram Story.
Мајката на Вики, Мери, му се заблагодари на Бог и на сите кои помогнаа кога беше најпотребно.
Со неизмерна благодарност и солзи радосници во очите, го пишувам овој текст за мојата ќерка – моето чудо. По втор пат се соочи со најтешката битка во животот, по втор пат леукемијата застана на нејзиниот пат, но по втор пат таа излезе како победник.
Благодарност до Бог кој ни даде сила кога мислевме дека ја немаме, надеж кога темнината беше најгуста и вера кога срцата ни беа скршени. Тој ја држеше за рака во секој тежок ден, во секоја болка, во секоја солза. Тоа е доказ дека чудата постојат, а нејзината насмевка е сведоштво дека со вера, молитва и Божја милост најтешките битки можат да се добијат.
Фала ти, Боже, за новиот живот што ѝ го подари, фала ти за надежта што никогаш не ја одзеде од нас.
Голема благодарност до сите луѓе кои донираа крв кога беше најпотребно, до сите роднини и пријатели кои секогаш беа тука и до целиот медицински персонал без кој немаше да биде сето ова возможно. Засекогаш ќе бидеме благодарни. 🙏🙏🙏❤️❤️❤️
Христос се роди. Среќни празници на сите. ❤️