Почетна » Забава » Хороскоп » Како да го заведете според хороскопскиот знак?

Како да го заведете според хороскопскиот знак?

Фокусирајте се на петте сетила за да го заведете бикот, бидете поспонтани кога го освојувате стрелецот, а мистериозни за да ја зашеметите таинствената шкорпија. Хороскопскиот знак може да ви открие многу за карактерот на личноста која сакате да ја заведете и да ви даде инструкции кои оружја треба да ги искористите за најбрзо да ја освоите. Еве како да го привлечете, заведете и задоволите секој знак:

Овен

Хороскоп

Претворете се во предизвик ако сакате да го освоите овенот. Личностите родени во овој знак ја сакаат возбудата која им ја дава „ловот“ и лесно губат интерес за она кое можат да го добијат без многу напор. Привлечете му го вниманието, а потоа вклучете ја опцијата „недостапни“. Кога ќе ви пријде, не паѓајте брзо во неговите раце. Натерајте го да верува дека не сте го забележале. Бидете тешки за освојување.

Овните веруваат дека животот е премногу краток за да се помине со неинтересни личности, па постојано изненадувајте го со нови идеи за авантури и теми за разговор. Клучот кон срцето на овенот е да бидете отворени за новитети. Поканете го во ресторан кој неодамна се отворил, згответе егзотичен специјалитет, дајте му предлог да посетите невообичаено место. Бидете самоуверени и не се плашете да му се спротивставите на овој „љубител на неочекуваното“. Интересните дебати се силен афродизијак за лидерот на хороскопот.

Овенот ја сака едноставноста и личностите кои се однесуваат природно, а е и обожавател на добрата смисла за хумор и комплиментите. Пријателите се многу важни за него и тој секогаш го цени нивното мислење, па освен него, стремете се да ги освоите и неговите пријатели.

Бик

Хороскоп

Истакнете ги кулинарските вештини, ставете го омилениот парфем и покажете ја својата женственост за да го заведете љубителот на елеганцијата и добрите манири. Биковите можеби најлесно паѓаат на нежности и комплименти. Тие не ги сакаат нападните личности и оние кои се обидуваат да ги избрзаат. За да освоите претставник на овој знак, потребно е да се наоружате со железно трпение и да се подготвите за бавно возење.

На биковите им оставаат силен впечаток личностите кои се практични, знаат да ги менаџираат парите и се доверливи. Не заборавајте да му подарите нешто, независно дали е за неговиот роденден или Св. Валентин, или пак, без некој посебен повод. Родените во овој знак ги обожаваат подароците.

Биковите сакаат личности со префинет вкус, кои ценат добра музика, добар филм и се обожаватели на уметноста. Физичкиот изглед (стилот на облекување, шминката и фризурата) е многу важен за биковите, но не е поважен од страста кон добрата храна. Патот до срцето на бикот навистина минува низ неговиот стомак. Благодарение на Венера, нивната планета владетел, биковите имаат изострени сетила, па слободно можат да се наречат „сензуалисти на хороскопот“. Искористете атрактивен парфем, гурмански специјалитет, црвено вино и привлечна облека за да стигнете до неговото срце.

Близнаци

Хороскоп

Патот до срцето на близнаците минува низ главата. За да ги заведете комуникативните близнаци потребно е не само да бидете информирани и елоквентни, туку и да имате способност да го стимулирате нивниот ум. Длабоките разговори им делуваат како афродизијак. Тие можат да поминат часови дискутирајќи на разноразни теми, но ако разговорите замрат, тие може инстантно да исчезнат. Никогаш не влегувајте во улогата на сезнајко, а секогаш бидете подготвени да понудите внимателно уво, бидејќи близнаците обожаваат да зборуваат.

Не откривајте сè за себе пред овој знак, обвијте се во мистерија и претставете ја својата комплексна природа. Искористете ја нивната страст кон учењето и откривањето на нови нешта за да ги интригирате. Бидете спонтани и постојано дофрлувајте нешто што ќе ја буди нивната љубопитност. Како личности кои ја ценат добрата смисла за хумор, близнаците лесно можете да ги освоите смеејќи се на нивните шеги и игриво дофрлајќи остроумни коментари.

Близнаците обожаваат да експериментираат, па сè што е ново ги усреќува. Тие сакаат покрај себе да имаат некој кој ќе го споделува нивниот ентузијазам. Бидете подготвени за авантури во спалната ако личноста која сте ја избрале за иден партнер е родена во овој знак.

Рак

Хороскоп

Покажете ја својата чувствителна страна ако сакате да ги заведете раковите. Претставниците на овој знак се интелигентни, но имаат меко срце и нивен двигател се чувствата. За ракот да влезе во врска предуслов е да наиде на почит и одобрување од другата страна. Како трагачи по љубов, раковите сакаат кога се грижите за нив. Скротете ја спонтаноста и истакнете ја педантноста.

Научете да ги сакате и да уживате во тивките приватни моменти, а ракот ќе ви докаже дека тие можат да бидат многу позабавни и повозбудливи отколку вечерните излегувања. Романтичарите на хороскопот не ја кријат својата страст кон гурманската храна, па засукајте ги ракавите и покажете ги своите кулинарски вештини.

На долгорочен план, ракот е знак на семејството. Тој ќе се заљуби во вас ако може да ве замисли во улогата на негова сопруга. Покажете дека ја цените институцијата брак и зближете се со неговите блиски. Не си дозволувајте да кажете лоши зборови за вашето или за неговото семејство. Ако започнете врска со рак, на секој начин докажувајте му ја својата лојалност и уверете го дека ќе бидете засекогаш покрај него. Верувајте, тој ќе го цени тоа.

Лав

Хороскоп

Вклучете го рефлекторот и насочете го кон него ако сакате да го заведете лавот. Претставниците на овој знак зрачат со самодоверба и моќ и не прифаќаат ништо помалку од тоа да бидат во центарот на вниманието. Ласкање од каков било тип (како размислува, колку е добар неговиот стил, колку импресивна е неговата работа) делува како силен магнет кој ќе го привлече кон вас. Иако е полн со гордост, тој сака да почувствува дека вашиот свет ротира околу него. Тоа е она што прави да се чувствува важен. И запомнете, никогаш, ама никогаш не го засрамувајте во јавност.

Како личност која сака да живее на висока нога, тој ќе цени сè што му дава гламур на вашиот живот. Бидете елегантни, внимателно избирајте како ја комбинирате облеката, покажете љубов кон уметноста или раскажете интересно искуство од ваше патување. Како крал на џунглата, тој секогаш ќе избира партнерка со која ќе се гордее како негова кралица.

Лавот ги сака самоуверените, но не и надмените и арогантните личности. Ако започнете врска со лав, користете ја неговата коса за да му ја придобиете наклонетоста. Нежно минувајте со прстите низ неа за време на моментите на страст. Еден лав е заљубен во вас ако се однесува како вистински кавалер.

Девица

Хороскоп

Ставете го своето тело на пиедестал. За инстантно да го привлечете „перфекционистот на хороскопот“ треба да покажете среден, педантен и негуван изглед. Посветете особено внимание на деталите и никогаш не ги истакнувајте своите недостатоци. Како најголеми аналитичари во хороскопот, девиците имаат силна наклонетост кон интелигентните личности, а најлесно може да ги импресионирате со помош на факти и издржани аргументи. Ако имате да кажете нешто интересно, невообичаена идеја или мислење, искористете ги како свој џокер. Покажете дека имате свое мислење, свој карактер и свое јас, но кога станува збор за планирање, препуштете му сè нему. Важно: Никогаш не доцнете и не ги менувајте плановите во последна минута. Ништо не ги иритира повеќе од тоа.

Девицата сака внимание, но за разлика од лавот кој сака да биде центар на светот, девицата е знак кој копнее да биде ислушан. Од овој знак можете лесно да добиете мислење, но не и чувства.

Како личност која во себе крие страв од непознатото, девицата не сака изненадувања. Без смели потези кои можат да го исплашат и оддалечат од вас. Наоружајте се со трпение и бавно работете на заведувањето на овој знак. Запомнете, ако нешто ветите, мора да го исполните. На долгорочен план девиците знаат да бидат пребирливи и полни со критицизам, но не затоа што нивната љубов се намалила, туку затоа што постојано се стремат кон подобар, речиси перфектен живот.

Вага

Хороскоп

Софистицираните ваги ги сакаат убавите нешта во животот и романтиката во висок стил. Претпочитајте ги тивките, но романтични места, женствените елегантни фустани, шампањот и доброто вино, пред гласните кафулиња, пивото и екстравагантните аутфити. Ако знаете како да живеете добар живот во смисла на луксуз, ако имате добри манири и се изразувате софистицирано, вие сте идеален кандидат за освојување на срцето на вагата. Заљубени сте во уметноста или литературата? Не го кријте тоа од вагата, туку искористете го како свој адут.

Вагите не се личности кои без да размислат скокаат во врска, но кога ќе ја пронајдат соодветната личност, се склони да создаваат цврсто партнерство. Не избрзувајте, дајте им време да ве запознаат подобро. Комплиментите се секогаш добредојдени кај претставниците на овој знак, па колку и да не признава, вагата сака да ѝ се восхитувате и да ѝ кажувате колку е специјална за вас.

Како љубители на добрата музика, вагите секогаш ќе ценат покана за концерт, па нека биде тоа идеја за вашиот прв состанок или за неговиот роденденски подарок. И последно, но не помалку важно, е дека вагите се екстравертни личности кои обожаваат дружење, па ќе им влезете под кожа ако сте дружељубиви и отворени за нови контакти.

Шкорпија

Хороскоп

Наоружајте се со сексапил, искреност и автентичност ако сакате да ја заведете таинствената шкорпија. Шкорпиите имаат комплексен карактер, таинствени се и често градат ѕидови пред себе. Не поставувајте премногу прашања, постои цел свет кој во почетокот шкорпијата нема да ви го открие, па потребно е да бидете трпеливи. Шкорпијата не ги сака површните луѓе и разговори, па уште на првиот состанок или средба покажете дека се интересирате за подлабоките нешта во животот и дека знаете да навлезете длабоко во темите на разговор. Ако имате широко познавање за област која овој знак ја смета за интересна или ја имате прочитано книгата која тој ја чита или можеби сте го гледале неговиот омилен филм, потенцирајте го тоа и веднаш ќе го грабнете неговото внимание.

Шкорпијата е знак кој ги мрази лагите и неискрените личности, а ја цени чесноста. Никогаш не ставајте маска на своето лице и не се преправајте пред шкрпија, таа може да го намириса тоа на километар оддалеченост. Без страв и задршки, кажете го она што го мислите и веднаш ќе ви бидат додадени поени.

Како љубители на изненадувањата, лесно ќе го привлечете вниманието на шкорпијата ако најдете невообичаен начин за да ѝ пријдете. Разгорете му ја љубопитноста на мажот шкорпија, не споделувајте премногу за себе. Колку помистериозни сте, толку позаинтересиран ќе биде за вас. Генерално, тој трага по личност која знае да го ислуша и која ќе ги споделува неговите чувства и начинот на размислување.

Стрелец

Хороскоп

Гледајте на животот како на авантура и бидете поспонтани ако сакате да заведете некој од родените во овој знак. Стрелецот е вљубеник во возбудата и ги обожава личностите кои го споделуваат неговиот ентузијазам и брзо ги прифаќаат предизвиците. Ако стрелецот кој се обидувате да го заведете ви предложи егзотична или луда идеја, прифатете ја брзо со зборовите „звучи забавно“, дури и ако помислата на неа ве плаши по малку. Потенцирајте колку сакате да патувате за да го интригирате уште повеќе.

Како обожавател на добрата смисла за хумор, стрелецот ги цени личностите кои на хумористичен начин го „кршат мразот“. Кажете забавна шега, смешна случка или искуство кое ќе му измами насмевка. Покажете ја среќната, ведра страна од вашиот карактер за да го заведете уште на првата средба. Познати како вљубеници во слободата, стрелците се склони да туркаат од себе сè што ги ограничува, физички и емоционално. Не бидете премногу нападни, не барајте премногу од него и не го окупирајте неговото време.

Стрелците се интелигентни и ги обожаваат разговорите, па не се плашете отворено да комуницирате. Бидете чесни и оригинални за време на разговорите и секогаш кажувајте го она што го мислите. Не повторувајте нечии зборови како да се ваши. Барајте го и ценете го неговото мислење. Тоа ќе биде голем плус за вас.

Јарец

Хороскоп

Изберете бавен пристап ако сакате да заведете јарец. Јарeцот сака да почувствува дека ве заслужува, дека се потрудил да ве освои, па не паѓајте веднаш во неговите прегратки. Правете чекор напред, а потоа повлекувајте се, тоа ќе го разбуди неговиот интерес. Кога се трудите да го привлечете вниманието на јарецот, претпочитајте го класичниот изглед пред ексцентричниот. Јарците се обожаватели на црната елегантна облека.

Јарецот е и знак на квалитетот и постигнувањата. Интелигентен е, амбициозен и многу сериозен кога станува збор за кариерата. Ако сте личност која со страст ја работи својата работа и со љубов зборува за неа, ако имате постигнување со кое се гордеете, сметајте дека имате тајно оружје со кое ќе го освоите јарецот. Јарците ги привлекуваат личности кои сакаат и се стремат да му придадат значење на сопствениот живот.

Спротивно на стрелецот, јарецот не ги сака авантурите и ја претпочита стабилноста. За да се впушти во врска тој треба да намириса сигурност, а за тоа треба да помине подолго време. Бидете трпеливи. Многу е важно да не се обидувате да го заведете јарецот во јавност, туку повлечете се во интимно катче каде ќе бидете само двајцата. Желбата за приватност и дискреција се составен дел од неговиот карактер.

Водолија

Хороскоп

Тајната за да заведете водолија е во неконвенционалниот пристап. Родените во овој знак имаат силен карактер и го ценат невообичаеното и различното. Сè што ве прави оригинални и уникатни ќе делува магнетски привлечно за ексцентричната водолија. Никогаш, ама никогаш не се обидувајте да влијаете на смислата за мода на овој знак.

Комуницирајте, комуницирајте, но направете го тоа на начин што ќе го стимулира неговиот мозок. Водолијата ќе го оформи првиот впечаток за вас врз основа на она што го зборувате, начинот на кој го кажувате, вашите ставови, манири. Водолијата е ментален знак, па прво мора да му се допаднете на интелектуална основа. Ако имате нешто остроумно, мудро или интересно на ум, отворено споделете го, а водолијата веднаш ќе го улови. Почитувајте ја неговата индивидуалност, поддржете го во неговите идеи и тој брзо ќе ви јаде од рака.

Стремежот на водолиите да го направат светот покреативно и подобро место за живеење е толку силен што често можете да ги најдете како работат за одредена кауза или идеал. Покажете почит кон нивната посветеност и секогаш поддржувајте ги. Водолиите се ведри и забавни, но треба да знаете дека за нив пријателството доаѓа пред љубовта, па прво бидете негов пријател, а потоа сè останато.

Риби

Хороскоп

„Поиграјте“ си со фантазијата и имагинацијата на овој знак ако за цел имате да го заведете. Рибите сакаат да сонуваат, да влезат во свој „балон“ и да одлетаат од реалноста. Раскажете му ваше или туѓо искуство или приказна која ќе го одведе од овој и ќе го стави во друг свет. Користете ги фантазиите како средство за да создадете длабока, романтична и магична врска. Родените во овој знак го гледаат светот преку розови очила, трудејќи се да ги сместат своите соништа во реалноста. Тие сакаат нивниот партнер да ги поддржува, но и да ги враќа во реалноста кога ќе заминат предалеку, без притоа да им ги уништи соништата. Кажете нешто кое ја буди нивната самодоверба и го охрабрува.

Не очекувајте романтичната риба да го направи првиот чекор. Тој верува дека некаде постои личност која е нивна сродна душа и претпочита љубовните случувања да се одвиваат природно, а не присилено. Преземете ја вие иницијативата. Создајте романтична атмосфера и бидете нежни. Убедете го дека ви било судено да бидете заедно.

Исто така, овој знак е поврзан со духовното, па родените во него му придаваат подлабока смисла на животот. Ако имате мислење поврзано со карма, судбина, филозофија и филантропија, нешто што докажува дека сме дел од поголем универзум, кажете го и веднаш ќе го привлечете вниманието на интуитивните риби. Ја обожавате уметноста и цените квалитетен звук? Ќе добиете аплаузи од префинетите риби. И не заборавајте дека хуманите срца веднаш добиваат место во животот на рибите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11143 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.