• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Зошто толку често велиме „добро сум“ дури и кога не сме?: Психологот Бојана Стојменовиќ Петровска за Светскиот ден на менталното здравје

10 октомври 2026, 15:50
  • cподели

10 октомври е Светскиот ден на менталното здравје, ден кога се потсетуваме колку е важно да се грижиме за себе и за она коешто го чувствуваме. Во секојдневието често ги потиснуваме емоциите, велиме „добро сум“ и кога не сме и продолжуваме со обврските, заборавајќи дека и нашата ментална благосостојба заслужува внимание.

По тој повод, разговараме со Бојана Стојменовиќ Петровска, психолог, семеен и системски советник и wellbeing & performance консултант, основач на „Мој психолог“ и коосновач на „Мама круг“. За Фемина, таа објаснува зошто ни е тешко да побараме помош, како да препознаеме дека не сме добро дури и кога функционираме нормално и кога е време да се обратиме кај стручно лице. Разговараме и за предрасудите, емоциите и важноста да си дадеме дозвола да не бидеме секогаш добро.

Бојана Стојменовиќ Петровска
Бојана Стојменовиќ Петровска, психолог и семеен и системски советник

Зошто луѓето ги потиснуваат емоциите, се преправаат дека се добро и тешко бараат помош?

Причините можат да бидат различни и индивидуални, но најчесто се поврзани со воспитувањето, личните искуства, стравот од осуда и начинот на кој општеството гледа на емоциите и менталното здравје.

Човек може да оди на работа и да се шегува со колегите, а навечер да чувствува празнина и осаменост

Многу луѓе уште од детството учат дека некои емоции не треба да ги покажуваат. На пример, на момчињата често им се вели „не плачи, биди машко“, додека пак девојчињата понекогаш се учат да бидат тивки, трпеливи и да не ги оптоваруваат другите со своите проблеми. Така, постепено може да се создаде уверување дека покажувањето тага, страв или ранливост е знак на слабост.

Дополнително, луѓето се плашат дека ако признаат дека не се добро, ќе бидат осудувани, погрешно разбрани или доживеани како помалку вредни. Некои се навикнати да бидат тие што се грижат за сите други, па им е тешко да прифатат дека и самите имаат потреба од поддршка.

На пример, човек може секојдневно да оди на работа, да ги завршува обврските и да се шегува со колегите, а навечер да чувствува празнина, исцрпеност и осаменост. Ќе молчи затоа што верува дека треба да биде силен за другите.

Депресија

Кога е време да побараме стручна помош?

Неколку важни знаци на кои треба да внимаваме се:

  • Долготрајна тага, страв или вознемиреност што тешко ги контролираме или значително нè
  • Промени во спиењето и апетитот, постојан замор или чувство дека немаме енергија.
  • Губење интерес и задоволство во активности што претходно ни значеле.
  • Тешкотии во секојдневното функционирање, во односите со блиските, на работното место или во донесувањето одлуки.
  • Повторување на исти обрасци, како постојано влегување во нездрави односи, прекумерна самокритичност или тешкотии во поставувањето граници.
  • Чувство дека веќе не можеме самостојно да се справиме со ситуацијата и дека ни е потребна поддршка.

Најлесно е да се запамети е дека кога една личност забележува дека секојдневното функционирање ѝ е отежнато и дека и покрај личните напори кои таа ги прави нема позитивна промена или подобрување, тогаш можеби е време да побара професионална помош и поддршка.

Како да препознаеме дека психички не сме добро, иако секојдневно функционираме?

Една од најчестите наративи е дека човек кој има психолошки потешкотии ќе биде повлечен, незаинтересиран за животот или нема да може да ги извршува секојдневните обврски. Во реалноста, една личност може да функционира на работа, да се грижи за семејството, да биде насмеана и комуникативна, а сепак внатрешно да не се чувствува добро и да биде исцрпена.

Затоа, многу е важно да го свртиме вниманието и на внатрешната емоционална состојба.

  • Чувство на замор, дури и кога сме одморени.
  • Стануваме пораздразливи, понетрпеливи или почувствителни од вообичаено.
  • Потешкотии со концентрација.
  • Постепено повлекување од луѓето.
  • Губење интерес за активности што претходно нè исполнувале.
  • Чувство на тежина во градите.

Функционирање не е исто со добросостојба.

Прашање што често можеме да си го поставиме е: „Дали навистина се чувствувам добро или само научив да функционирам и кога ми е тешко?“

Депресија

Зошто толку често велиме „добро сум“ дури и кога не сме?

Сите најмалку еднаш сме кажале дека сме добро иако баш и не сме се чувствувале така.

Некогаш велиме дека сме добро затоа што не знаеме како да објасниме што чувствуваме, некогаш не можеме да го препознаеме чувството, а се случува и да се плашиме да ја кажеме вистината затоа што се плашиме дека ќе предизвикаме непријатност или дека ќе бидеме погрешно разбрани. Веројатно секој човек би си имал своја причина зад своето добро сум.

Важен чекор кон подобро ментално здравје е да зборуваме за тоа како се чувствуваме, но сепак останува наша проценка кон кого и до која мера можеме да го направиме тоа.

Еве една интересна но корисна реченица: „Не се чувствувам најдобро овие денови, но не сум подготвен/а да зборувам за тоа. Дали може да те побарам која ќе ја почувствувам потребата?“

Како да му пристапиме на близок човек за кого забележуваме дека не е добро, без да го осудуваме или да му создадеме дополнителен притисок?

Кога гледаме дека некој близок страда, сакаме веднаш да понудиме решение. Иако намерите ни се добри, понекогаш давањето на совети можат да направат личноста да се почувствува дека нејзината болка не е разбрана.

Затоа е многу важно да пристапиме со грижа и трпение, а не со претпоставки и обид да го решиме проблемот. Секако треба да имаме на ум дека ние не можеме да бидеме замена на професионална помош и поддршка.

Бојана Стојменовиќ Петровска

Кои се најчестите заблуди за психотерапијата или советувањето и барањето стручна помош поради кои луѓето сè уште се двоумат да побараат помош?

Иако последните 10 години интензивно се зборува за менталното здравје, сѐ уште постојат предрасуди кои знаат да бидат пречка за некои луѓе на време да побараат помош и поддршка. Овие предрасуди најчесто произлегуваат од недоволна информираност и погрешни претстави околу тоа што значи да се побара професионална помош и поддршка.

Честа заблуда е дека ако побараме помош, сме слаби или дека времето може да реши сѐ

Чести заблуди се дека кај психолог одат само луѓе кои имаат сериозни потешкотии, дека ако побараме помош сме слаби и немаме карактер или дека времето може да реши сѐ и можеме сами да се справиме. Секако стравот од стигматизација е најсилен фактор.

Кога ќе ја отстраниме стигмата, му даваме на човекот дозвола да побара помош пред да стане премногу тешко. Тоа може да биде важен чекор кон подобрување на квалитетот на животот. 

Бојана Стојменовиќ Петровска

Ваша порака за Светскиот ден на менталното здравје?

Зад секоја насмевка може да се крие приказна што не ја знаеме

На Светскиот ден на менталното здравје, сакам да се потсетиме дека зад секоја насмевка може да се крие приказна што не ја знаеме, зад секое „добро сум“ може да стои борба за која човекот сè уште нема собрано храброст да зборува.

Да зборуваме за менталното здравје не само денес, туку секој ден. Да прашуваме како се чувствуваат луѓето, но и да бидеме подготвени да го слушнеме вистинскиот одговор.

Моја препорака за кратко видео кое секој треба да го погледне:

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
ментално здравје
Бојана Стојменовиќ Петровска

Најнови

  • Бојана Стојменовиќ Петровска

    Зошто толку често велиме „добро сум“ дури и кога не сме?: Психологот Бојана Стојменовиќ Петровска за Светскиот ден на менталното здравје

    Sat, 10/10/2026 - 15:50
  • Селин Дион падна сред концерт откако се врати на сцената по битката со неизлечивата болест, беше трогната од поддршката

    Fri, 10/09/2026 - 20:50
  • Нави Пилај

    Го бранела Нелсон Мандела, претседавала со комисијата која заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа: Која е Нави Пилај, добитничка на Нобеловата награда за мир?

    Fri, 10/09/2026 - 14:35
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.