• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Го бранела Нелсон Мандела, претседавала со комисијата која заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа: Која е Нави Пилај, добитничка на Нобеловата награда за мир?

9 октомври 2026, 14:35
  • cподели
Нави Пилај

Јужноафриканската правничка Наванетем „Нави“ Пилај е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2026 година. Признанието ѝ е доделено за нејзината долгогодишна посветеност на човековите права, меѓународното право и борбата против неказнивоста за воени злосторства и геноцид.

Одлуката ја соопшти Норвешкиот Нобелов комитет во Осло, истакнувајќи дека 85-годишната Пилај со исклучителна храброст и интегритет придонела за создавање поправеден меѓународен правен поредок.

„Овогодишната лауреатка одигра клучна улога во обезбедувањето кривично гонење за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид“, се наведува во образложението на Комитетот.

Реакцијата на Нави по објавувањето на Нобеловата награда за мир беше исполнета со неверување, но и со хумор. Имено, 85-годишната правничка призна дека првично помислила дека некој се шегува со неа.

„Како адвокатка и судијка, сè уште сакам да го проверам ова“, изјави таа.

Не изостана ниту духовита забелешка на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во повеќе наврати јавно изразуваше желба да ја добие Нобеловата награда за мир. Додека присутните ѝ аплаудираа, Пилај низ смеа рече:

„Ако аплаудирате уште малку, можеби ќе ја споделам наградата со Трамп“.

Шегата беше изречена во Нирнберг, Германија, каде што Пилај присуствуваше на собир посветен на меѓународното право кога дозна дека е добитничка на наградата. Моментот беше снимен и објавен на социјалната мрежа X од генералната секретарка на „Амнести интернешнл“, Ањес Каламар.

Amazing moment. Navi Pillay has received the Nobel Peace Prize ! https://t.co/HL3r1PJzLO We are at the Nuremberg Court; I cannot think of a stronger symbol for her Nobel prize. We are all so thrilled! This is her first reactions upon hearing the news: https://t.co/Crbj6XdiyQ

— Agnes Callamard (@AgnesCallamard) October 9, 2026

Нави Пилај е родена во Дурбан, Јужна Африка, во семејство со индиско потекло, во време кога во земјата владеел апартхејдот. Уште на почетокот на кариерата, се соочила со расна и родова дискриминација, но успеала да ги надмине бариерите и да стане една од највлијателните правнички во светот.

Во 1967 година, станала првата жена која отворила адвокатска канцеларија во тогашната јужноафриканска провинција Натал. Како адвокатка ги застапувала Нелсон Мандела и други активисти кои се бореле против апартхејдот, а подоцна станала и првата жена од небелото население која била назначена за судијка во Високиот суд на Јужна Африка.

Нејзината меѓународна кариера опфаќа значајни позиции во Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда, Меѓународниот кривичен суд и Обединетите нации, каде што ја извршувала функцијата висока комесарка за човекови права.

Нави Пилај

Еден од нејзините најзначајни придонеси е поврзан со историските судски процеси за геноцидот во Руанда. Пилај одиграла важна улога во воспоставувањето на правниот принцип според кој силувањето и сексуалното насилство можат да претставуваат злосторства против човештвото, но и акти на геноцид.

Во поновата кариера претседаваше со Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираните палестински територии. Комисијата во 2025 година заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа, наоди кои предизвикаа силни меѓународни реакции.

Пилај денес е ангажирана како судијка во постапката пред Меѓународниот суд на правдата во која Мјанмар е обвинет за геноцид врз припадниците на народот Рохинџа.

Во образложението за наградата, Норвешкиот Нобелов комитет предупреди дека меѓународното право се соочува со огромни притисоци во период на сè поголем број војни и конфликти.

„Во време на егзистенцијални предизвици, кога светот се соочува со повеќе војни и конфликти отколку што сме виделе долго време, меѓународното право повеќе не е само дополнување на мирот и безбедноста. Тоа е апсолутна неопходност“, порача Комитетот.

Претседателот на Комитетот, Јерген Ватне Фриднес, истакна дека судиите се оние кои ја чуваат „тенката црвена линија меѓу редот и хаосот“.

Нави Пилај

Нобеловата награда за мир за 2026 година има парична вредност од 12 милиони шведски круни, односно приближно 1,2 милиони американски долари.

Свеченото доделување ќе се одржи на 10 декември во Осло, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.

Tags
Нави Пилај
Нобелова награда

Најнови

  • Нави Пилај

    Го бранела Нелсон Мандела, претседавала со комисијата која заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа: Која е Нави Пилај, добитничка на Нобеловата награда за мир?

    Fri, 10/09/2026 - 14:35
  • Македонка си го трансформираше телото по 2 бремености, сега е во најдобра форма во животот

    Fri, 10/09/2026 - 14:18
  • „Слушни ме“ на Слаткар

    Музиката за филмот за Слаткаристика - „Слушни ме“ се снима во студиото FAME’S со музичари од целиот свет

    Fri, 10/09/2026 - 13:21
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.