„Златно девојче“: Ќеркичката на фудбалерот Един Џеко ја донираше косата за деца болни од рак
Неколку години откако сестра ѝ и мајка ѝ ја донираа косата за деца болни од рак, истото го направи и малата Далија.
Ќеркичката на босанскиот фудбалер Един Џеко и моделот Амра Џеко ја покажа својата хуманост од мали нозе и ги подари прамените во Здружението „Срце за децата болни од рак“.
Нејзината мајка Амра, која е амбасадорка на Зрдужението, сподели фотографии од овој момент на социјалните мрежи.
Од „Срце за децата болни од рак“ објавија видео од моментот кога Далија си ја скратуваше косата на фризер.
„Браво за златното девојче Далија. Браво за нејзините сјајни родители“ – напишаа тие.
Пред две години, поголемата ќерка на Един и Амра исто така ја донираше својата коса за истото Здружение кое им дава поддршка на децата болни од рак.
Амра не само што е голем поддржувач на оваа организација, туку и самата има донирано прамени во истата.
Един и Амра имаат четири деца, три ќерки и еден син.