• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Животот не завршува кога ќе станете мајка, само што започнува“: Евгенија Колев за фит изгледот во мајчинството

12 ноември 2026, 16:09
  • cподели

30 килограми во првата бременост, 15 во втората, две постпородилни трансформации и години посветена работа. Евгенија Колев денес е во најдобрата форма во животот, а патот до неа ја научил многу за сопственото тело, за силата на дисциплината и за важноста на трпението.

Како мајка на две деца и сертифициран фитнес тренер, таа добро знае колку може да биде предизвикувачки периодот по породувањето. Во интервју за Фемина, Евгенија отворено зборува за моментите кога не се чувствувала своја во сопственото тело, за притисокот брзо да се врати на старата форма, но и за лекциите кои ги научила низ целиот процес.

Денес, преку работата со клиентки, им помага на жените да изградат здрави и одржливи навики, без екстремни диети, непотребни рестрикции и нереални очекувања.

Ако треба да се претставиш надвор од улогата на мајка и фитнес тренер, како би се опишала?

Би се опишала како амбициозна и борбена. Обожавам да учам, без разлика дали е поврзано со работата или со некоја сосема неповрзана вештина. Сакам да патувам и да ги доживувам местата од очите на локалците. Спортот е моја голема пасија. Ме исполнува чувството дека моето тело е способно и силно. Моето среќно место е домот и најмногу време сакам да поминувам таму. 

Каква беше твојата врска со вежбањето пред фитнесот да ти стане професија? Што те поттикна да му дадеш посериозно место во животот? 

Отсекогаш сум го сакала спортот. Фитнесот почна да ми станува дел од животот уште во средношколските денови. Некако никогаш не се пронајдов во ниту еден од групните спортови кои ги имав пробано дотогаш, па се препуштив на фитнесот. Го засакав затоа што нема противник. Противникот си самиот ти. 

Ми се допаѓаше тоа што мојот напредок во голема мера зависеше од мојата посветеност, дисциплина и континуитет. Јас сум многу натпреварувачки настроена, па дури си се натпреварувам и со самата себе. 

Сфатив дека сакам да му дадам посериозно место во мојот живот откако се запишав на факултет. Во 2019 добив стипендија за студирање медицина на универзитет во Кина. Пред да започнам со студии се случи пандемијата, па бев принудена првата година да учам онлајн, од Македонија. 

Додека студирав, продолжив редовно да тренирам. Токму во тој период сфатив дека многу повеќе ме исполнува идејата да им помогнам на луѓето да изградат навики со кои ќе го подобрат своето здравје, отколку да се занимавам со лекување болести. Таа одлука го промени правецот на моето образование и кариера.

Во првата бременост покачи 30, а во втората 15 килограми. Како ги доживуваше физичките промени и што значи за тебе реченицата: „Не си го вратив старото тело, туку изградив ново“?

Постпартум периодот е секако тежок, а дополнително се отежнува  доколку си создадеме притисок дека треба „да си го вратиме телото“ што е можно поскоро. 

Физичките промени за мене беа непријатни. Се сеќавам дека се чувствував заробено во своето тело. Се сеќавам и дека не можев да си го пронајдам стилот на облекување. Едноставно не се чувствував своја. Меѓутоа знаев и дека сум истата таа компетитивна личност која сака да се чувствува силно и способно. Ќе излажам доколку кажам дека не чувствував притисок да се вратам брзо на старата килажа и изглед. Но, и бев свесна и дека тоа ќе биде процес за кој ми треба време, трпение и многу работа на себе.

Денес можам да правам работи што не можев пред да станам мајка.

Денес, моето тело е посилно, имам повеќе мускулна маса и можам да правам работи што не можев пред да станам мајка. Но, уште поважно, имам многу поголема почит кон него. Со текот на времето престанав да го споредувам со телото што го имав пред бременостите. Сакав да видам што сѐ можам да изградам одново.

Денес си во фантастична форма. Кога ќе се навратиш на периодот по породувањата, кои навики ти направија најголема разлика, а што се покажа како потешко отколку што очекуваше?

Во мојот случај, штом се почувствував подготвена, почнав со кратки прошетки. Не брзав да се вратам во теретана.

Пешачењето ми помогна постепено да ја вратам активноста, но и многу позитивно влијаеше на моето ментално здравје.

Бидејќи доев, особено ми беше важно да внесувам доволно енергија и хранливи материи. Во тој период исхраната треба да го поддржува и закрепнувањето на мајката и доењето, а не да биде уште еден извор на притисок.

Враќањето кон тренинзите беше потешко отколку што очекував. Кога првпат влегов во теретана се чувствував како почетник. Не можев да направам вежби кои претходно ги правев без проблем. На почеток тоа ме обесхрабруваше, но со време научив да го прифатам моменталното ниво на кое се наоѓав и постепено да ја враќам силата.

Од твое искуство, кои се најчестите грешки кои ги прават мајките кога сакаат брзо да ослабат и да се вратат во форма по бременоста? 

Би издвоила 3 најчести грешки кои сум ги забележала кај жените кои се јавуваат на консултација. 

Прво, прераното започнување со голем калориски дефицит, особено при доење. Во овој период, не треба да се брза со слабеењето, посебно кога телото се опоравува и адаптира по породувањето. На вашето тело му треба доволно енергија и хранливи материи за да закрепне и да го поддржи доењето. Затоа, исхраната треба внимателно да биде прилагодена, а внесот на калории да се одредува индивидуално, со следење на закрепнувањето, енергијата, тежината и доењето.

Враќањето на тренинг по породување треба да се одвива етапно. 

Второ, враќање на интензивни тренинзи без соодветно закрепнување. Враќањето на тренинг по породување треба да се одвива етапно. Важно е да се земат предвид начинот на породување, закрепнувањето, состојбата на стомачниот ѕид и функцијата на мускулите на карличното дно. Доколку постои дијастаза, тоа не значи дека жената не смее да тренира или дека мора целосно да се затвори пред да започне со поинтензивни вежби. Целта е постепено да се подобрат силата, контролата и функционалноста на стомачните мускули, со соодветно прилагодување на оптоварувањето.

Трето, поставување нереални очекувања за тоа колку брзо телото треба да се промени. Најмалку што ви треба во тој период е дополнителен притисок. Дајте му време на телото постепено да се менува. Брзиот резултат речиси никогаш не е и најдобриот резултат. 

Замисли дека ти се обраќа мајка која работи, има две мали деца и вели: „Сакам да почнам, ама не знам каде да го сместам и вежбањето“. Како би ја испланирала нејзината прва недела за навистина да може да го следи планот?

Веќе работам со многу клиентки кои се мајки и со сите имам персонализиран пристап на работа. Прво, утврдуваме колку дена од неделата реално можат да одвојат, а потоа и колку долги би можеле да бидат тренинзите. Откако ќе го договориме тоа, мојата задача е да создадам програма која ќе се вклопи во нивното секојдневие и ќе им овозможи да напредуваат.

Нема совршена програма . Идеално е она што ќе можете да го одржите на долг рок

Ако една мајка реално може да одвои два дена по 30 минути, тогаш од тоа ќе започнеме. Ќе направам два тренинга за целото тело, кои може да ги изведе дома, и ќе се договориме за неколку кратки прошетки во текот на неделата. Нема потреба уште од првата недела да го менуваме целото нејзино секојдневие.

Нема совршена програма или идеална прва недела. Идеално е она што ќе можете да го одржите на долг рок.

Што најчесто слушаш од жените со кои работиш кога зборуваат за своето тело? Има ли реченица која би сакала да престанат да си ја кажуваат?

„Не јадев за да ослабам.“ Ова е најчеста реченица која ја слушам на првичната консултација. Загрижувачки ми е колку често жените ја доживуваат храната како нешто што треба постојано да го ограничуваат, наместо како извор на енергија и хранливи материи.

Загрижувачки ми е колку често жените ја доживуваат храната како нешто што треба постојано да го ограничуваат

Многу жени доаѓаат кај мене со уверување дека за да ослабат, мора да јадат што помалку. Некои со години се движат од една рестриктивна диета во друга, што често води до замор, постојан глад и тешкотии да ги одржат резултатите.

Затоа, кај дел од клиентките првиот чекор е да работиме на воспоставување редовна и избалансирана исхрана, доволен внес на протеини и поздрав однос кон храната. Сакам жените да разберат дека храната е нешто што му е потребно на телото за да функционира, да се движи и да напредува.

Кој фитнес „совет“ од социјалните мрежи најмногу те тера да превртиш со очите?

Има неколку 🙂. На прво место би ги ставила „детокс чаевите“ и суплементите кои се рекламираат како магично решение за слабеење.

Ниту еден детокс чај нема да ви ги стопи мастите

Нашето тело е толку совршено што самото има органи за детокс: црниот дроб, бубрезите, па и белите дробови. Не ви требаат магични чаеви за детокс. Дајте му на телото храна која ќе ги подржи овие органи наместо да им ја отежни работата. 

Ниту еден детокс чај нема да ви ги стопи мастите. Ако забележите намалување на килограмите по користење вакви производи, тоа често е последица на губење вода или празнење на цревата, а не на губење масно ткиво.

Да ѕирнеме во твојата кујна: што јадете кога имаш време за готвење, а што завршува на масата кога денот е хаотичен? Подготвуваш ли посебен оброк за себе или сите јадете исто?

Како мајка со две деца, никогаш не знам дали денот ќе биде мирен или хаотичен 🙂. Затоа, се трудам секогаш да имам нешто однапред подготвено. Најчесто во фрижидерот имам веќе подготвено месо или риба. Кога ќе дојде време за ручек, само набрзина подготвувам прилог, како компир или ориз, зеленчук и салата, и спремни сме да седнеме на маса.

Здравата исхрана треба да биде практична и одржлива, без да мора секој ден да поминуваме со часови во кујна.

Никогаш не сум готвела посебно. Сакам сите дома да се хранат здраво, па зошто би спремала поинаков ручек за децата? Уште кога беа бебиња, постепено ги вклучував во нашите семејни оброци, со соодветно прилагодена текстура и состојки за нивната возраст.

Исхраната ни е многу едноставна, прилагодена на нашиот начин на живот како семејство. За мене, здравата исхрана треба да биде практична и одржлива, без да мора секој ден да поминуваме со часови во кујна.

Живеевте во Дубаи со сопругот и двете деца. Како денес изгледа твоето секојдневие и како успеваш да ги усогласиш семејните обврски, работата со клиентите и времето за себе?

Во Дубаи живеевме 2 години, сѐ до март годинава. Меѓутоа секојдневието ни е прилично слично, без разлика на локацијата. 

Среќна сум што децата одат во градинка, па успевам да ги организирам повеќето обврски во периодот кога се таму. Утрата ми се резервирани за вежбање, најчесто заедно со сопругот и можам да кажам дека тоа е времето за нас, па и за себе. По вежбање сум целосно посветена на клиентките.

Верувам дека децата повеќе учат од она што го гледаат кај нас, отколку од она што им го кажуваме.

Откако ќе ги земам децата од градинка се посветувам на нив и нивните активности. Во последно време обожаваме да играме „Меморија“ и да редиме сложувалки. Секој период од нивниот живот ми е посебен, но во овој навистина уживам, баш ми се другари. Често пред спиење вежбаме и заедно. Многу сум среќна што сѐ почесто бараат да вежбаат и тие, и го гледаат вежбањето како нормален дел од денот. Верувам дека децата многу повеќе учат од она што го гледаат кај нас, отколку од она што им го кажуваме. Затоа ми е важно да растат во средина каде што движењето и грижата за здравјето се природен дел од животот.

Која порака тебе ти била потребна по породувањето, а денес би сакала да ја слушне секоја мајка?

Животот не завршува со тоа што ќе станете мајка. Само што започнува

Не брзај. Ќе имаш време повторно да работиш на себе и на физичкиот изглед. Но, првите недели со твоето бебе нема да се вратат. Работете на себе, но не си создавајте притисок кога ќе се погледнете во огледало. Знам дека приоритетите се менуваат кога ќе станеме мајки, но никогаш немојте да се изгубите себеси. Грижете се за себе и своето здравје, негувајте го вашето хоби, учете нова вештина, запишете се на курс по јазик ако тоа ви е желба. Живејте. Затоа што животот не завршува со тоа што ќе станете мајка. Само што започнува.

Tags
Евгенија Колев

Најнови

  • Групна венчавка во црква во Кавадарци: 39 љубовни приказни заедно добија Божји благослов

    Wed, 11/18/2026 - 21:40
  • „Виолина и гитара“: Коки настапи со внукот на Дуле кој свиреше на гитарата на покојниот музичар

    Wed, 11/18/2026 - 11:49
  • Александар Динев бесен: „Каков 'маж' си ти, ако гледаш како другар ти крева рака на девојката? Доста е!“

    Wed, 11/18/2026 - 11:17
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.