Љубовта, верата и заедништвото беа во центарот на специјална церемонија во Кавадарци, на која 39 парови се обединија пред Бога. Наместо одделни церемонии, тие избраа да ја споделат радоста во еден заеднички духовен чин, исполнет со емоции и благослов.
На 15 ноември, во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци, се одржа групна венчавка на која 39 парови беа венчани бесплатно.
Настанот се реализираше со благослов на митрополитот Повардарски, г. Агатангел, а од храмот посочуваат дека манифестацијата била посветена на семејните вредности, љубовта и значењето на бракот.
За младенците, ова беше посебна можност да го крунисаат својот заеднички пат пред Бога, опкружени со други парови кои го споделуваат истиот важен животен момент.
Од храмот „Св. Димитриј“ упатија честитки до сите 39 парови, со желби за долг, среќен и благословен заеднички живот.